Мислев дека мајчинството ќе биде лесно. Бев млада и не познавав никој што се бореше со неплодност, а ако некој се соочуваше со тоа, не зборуваше за искуството. Кога одлучив дека сакам да забременам, идејата дека можеби ќе се борам со тоа не ми ни паѓаше на ум. По два месеца откако посакав да станам мајка, бев бремена со првиот син. Оживеав кога забременив и знаев дека ми е судено да бидам мајка.

Како што син ми растеше, копнеев тој да добие брат или сестра. Иако беше потребно подолго време за зачнување, по 6 месеци бев бремена со вториот син. Бременоста беше прекрасна. Мојата автоимуна болест беше во фаза на ремисија. Никогаш не се соочив со утринска мачнина. По породувањето се соочував со други проблеми – постанатална депресија, психози и автоимуна болест која предизвика хаос во моето тело. Да, знаев дека моето семејство не е целосно. Пријателите и семејството прашуваа дали ќе се обидуваме за девојче. Јас секогаш се смеев на тоа. Не ми беше важно. Искрено, да се биде мајка на синови е одлично, а и да имам трет син би ми било прекрасно. Набрзо, по првиот роденден на син ми, јас и мојот сопруг почнавме со обиди за бебе број 3. На знаев дека следните 3 години ќе бидат исполнети со трагедија и загуба.

По неколку месеци забременив. Не можев да дочекам да им кажам на пријателите и семејството. Купив маица за најмладиот син на која пишуваше „Голем брат во фаза на тренинг“. Ја носеше кога одевме кај мајка ми за да одиме на пливање. Не велевме ништо и чекавме таа да види. Таа веднаш прочита кога влеговме. Таа ми е омилената личност на која секогаш сум сакала да ѝ кажам дека сум бремена и тие вести многу ја радуваа. Откако дознав дека сум бремена, закажав преглед кај лекар. Не можев да дочекам да го слушнам отчукувањето на срцето. Имав еден куп прашања и среќни мисли во главата. Дојде денот на прегледот. Потоа планиравме да го снимиме отчукувањето на срцето на телефон и да одиме некаде да прославиме. Сопругот зеде слободен ден. Планиравме и да одиме на вечера кај мајка ми за да зборуваме за тоа.

Но, немаше ништо. Немаше отчукување на срцето. Немаше бебе. Во еден момент се скршив. Зборувавме за начини за абортус наместо за бебе – имав три опции, да видам дали телото ќе го отстрани плодот само, лекови за да се забрза процесот или операција. Сакав да се заврши брзо, па избрав операција. Би сакала да кажам дека се случи само еднаш, но за 3 години, изгубив 6 бебиња. Не можев да разберам зошто не можам да го доносам плодот. Како можам да бидам мајка на две деца и да се борам со неплодност? Тоа ме разлутуваше. Како што отворено се соочував со неплодноста, тоа го правеа и моите пријатели и семејство со мене. Се жалев наглас, зошто да не? Имав два прекрасни сина. Бев среќна што веќе ја имам можноста да сум мајка. Но, чувствував и срам поради неплодноста и вина што мислев негативно за сето тоа искуство.

Гледајќи наназад, изгледа неправедно што не можам да тажам и да жалам толку долго бидејќи веќе сум мајка. До ден-денес чувствувам дека правам нешто погрешно ако се пожалам. Но, зарем не ми е дозволено?

Секоја загуба боли. Секоја загуба ме скрши. Тоа е вистината. Го мразев моето тело што ме изневери. Сакав да врескам, но наместо тоа, плачев тивко додека се туширав или под покривката на мојот кревет. Да, јас сум мајка. Но, сум и личност која 6 пати се соочила со губење бременост. Моите деца не ја отстранија болката. Јас ја криев заради нив.

Дајте си време да бидете лути и да тагувате. И не дозволувајте некој да ви кажува дека страдањето не е реално.

Автор: Сара Грин

Извор



912

X