Неодамна се појавија голем број податоци што посочуваат дека удирањето на децата е неефикасно и штетно. Во ново истражување објавено во „Журнал оф педијатрикс“ научниците откриваат дека децата што се удирани и тепани имаат проблеми во однесувањето слични на оние што ги имаат децата кои се запоставени и малтретирани. Истражувачите упатуваат повик за промена.
– Прашањето што треба да го земеме предвид кога зборуваме за удирање е како треба да дефинираме удирање што е во ред? Ако удирањето не е физичко малтретирање, како да го дефинираме? Линијата што се обидуваме да ја повлечеме теоретски е невозможна – вели д-р Џули Ма, водечки истражувач и доцент по социјална работа на Универзитетот во Мичиген-Флинт.
Ма и нејзиниот тим од Универзитетот во Мичиген се обиделе да ги разберат ефектите на удирањето во споредба со неповолните искуства од детството. Како што е дефинирано од страна на центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), неповолните искуства во детството се форми на малтретирање на децата и вклучуваат физичко малтретирање, занемарување и изложеност на семејно насилство, злоупотреба на супстанции и проблеми со менталното здравје. ЦДЦ ги следи овие искуства како мерка за здравјето на заедницата затоа што се знае дека ја зголемуваат веројатноста детето да се вклучи во насилство, злоупотреба на дрога или да страда од проблеми со менталното здравје.
За да се споредат овие искуства со удирањето, истражувачите споредиле податоци од над 2.000 семејства. Потоа ги споредиле пријавените проблематични однесувања на деца чии родители пријавиле неповолни искуства во детството и родители кои пријавиле дека го удираат своето дете.
– Дури откако почнавме да контролираме што се случува во однос на овие неповолни искуства, удирањето беше предиктор за агресивното однесување на децата – вели Ма.

Тоа поттикнало важно прашање: Ако ефектите од удирањето во суштина не се разликуваат со ефектите од неповолните искуства во детството, како што се злоупотреба и занемарување, дали удирањето треба да се смета за неповолен настан од детството? Се чини логично, но промената ќе бара и промена на правната дефиниција за злоупотреба.
Во моментов повеќето држави повлекуваат линија помеѓу удирањето и физичкото малтретирање до моментот кога ударот остава трага врз телото на детето. Ако физичката дисциплина не остава модринки, тогаш не се смета за злоупотреба. Но, иако телото може да покаже знаци на насилство, потешко е да се видат реалните и сериозните ефекти во умот на детето.
– Како возрасни, знаеме што е, а што не е злоупотреба и имаме законски дефиниции. Но, на децата не можеме да им објасниме дека удирањето не е удирање во правна смисла. Она што децата го перципираат е различно. Ако децата се удрени, тие се удрени. Изложеноста на насилство е тоа што им штети на децата – вели Ма.
Од глобална перспектива, САД заостануваат зад голем дел од светот во однос на ставовите кон удирањето. Всушност, 19 американски држави и понатаму дозволуваат физичко казнување во училиштата. Во меѓувреме, Обединетите нации сметаат дека удирањето е форма на насилство врз децата и од 37. земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој 24 (вклучувајќи ги Германија, Јапонија и Израел) имаат забрането удирање во која било средина.
Но, се чини дека се менуваат чувствата на родителите кога станува збор за удирањето. Во истражување од 2020 година спроведено од Универзитетот во Минесота, податоците покажуваат дека генерацијата Х и милениумците, моменталната генерација на родители со мали деца се помалку склони кон удирање. Во истражувањето е објавено дека само 35 отсто од родителите на 2 до 4-годишни деца изјавиле дека го удриле своето дете. Тоа е речиси 30 отсто намалување во споредба со 1993 година, кога 60 отсто од родителите изјавиле дека ги удираат децата.