Во една студија на Универзитетот во Вашингтон и Универзитетот во Мичиген, во која учествуваа 249 пара родители и деца, тие требаше да ги опишат правилата поврзани со технологијата кои веруваат дека семејствата треба да ги следат. Според „Њујорк тајмс“, во повеќето случаи родителите и децата се согласуваат дека не треба да се пишуваат пораки на мобилен телефон додека возите, ниту да сурфате на интернет додека некој сака да разговара со вас. Но, едно нешто што децата го споменуваат многу почесто од нивните родители е: „Не објавувајте ништо за мене на социјалните мрежи пред да ме прашате!“ Со други зборови, децата не сакаат нивните родители да објавуваат фотографии од нив како спијат во автомобил или да пишуваат за нивните фрустрации и семејни кавги.
Децата не сакаат родителите да споделуваат детали од нивниот животот на социјалните мрежи
Водачот на истражувањето, Алексис Хиникер од Универзитетот во Вашингтон, истакнал дека постои голема разлика по ова прашање меѓу родителите и децата. Додека децата на возраст од 10 до 17 години изразиле сериозна загриженост за начинот на кој родителите споделуваат детали од нивниот живот на интернет, нивните родители не обрнувале толку внимание на тоа. Околу три пати повеќе деца од родителите мислат дека треба да има правила за тоа што родителите споделуваат на социјалните мрежи. Платформите „Фејсбук“ и „Инстаграм“ се дел од секојдневниот живот на денешните семејства. Многу родители, ако не и повеќето, објавуваат слики од своето новороденче на интернет во рок од еден час по раѓањето, а некои родители создаваат профили на социјалните мрежи за своите деца – често за споделување фотографии и вести со семејството, а повремено и во потрага по заработка и слава.
Децата сакаат да ги контролираат своите дигитални идентитети
Станува сè појасно дека нашите деца ќе прераснат во тинејџери и возрасни кои ќе сакаат да го контролираат својот дигитален идентитет. Бидејќи првите деца чии слики од раното детство биле објавени на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, сега се ученици или речиси тинејџери, се наметнува прашањето како се чувствуваат поради тоа. Студијата, иако е спроведена на мал примерок, јасно покажува дека овие деца, како тинејџери или возрасни, ќе сакаат да имаат контрола врз нивниот дигитален идентитет. „Како што ќе пораснат, децата ќе станат свесни за нивниот дигитален отпечаток и додека на повеќето ќе им биде добро, некои ќе имаат проблем со тоа“, коментира Стејси Стајнберг од Правниот факултет на Универзитетот во Флорида. Некои деца и тинејџери се сомневаат во минатото и сегашноста на нивните родители. Во една статија на „Њујорк тајмс“ се наведува примерот на 14-годишно девојче на кое му пречи што таткото објавува фотографии од неа на „Инстаграм“ без прашање, особено затоа што го следат некои нејзини пријатели. Друга девојка се сокрила на училишна екскурзија веднаш штом еден од нејзините родители го извадил мобилниот телефон затоа што не сакала да бидат објавени слики на „Фејсбук“ на кои е и таа; на девојка чија мајка отворила канал на „Јутјуб“ кога била 4. одделение за да објавува видеа од нејзиното пеење, нејзините школски другари во 8 одделение ѝ се смееле кога го виделе тоа.
Ваквите објави на родителите остануваат долго време на интернет, но и во сеќавањата на децата, а иако на родителите им изгледаат безопасни, децата подоцна можат да се срамат од нив.

Балансот е најважен
„Ние како општество ќе треба да најдеме начин да го балансираме правото на родителите да ја споделат својата приказна и да управуваат со воспитувањето на своето дете во однос на правото на приватност на детето. Родителите често навлегуваат во дигиталниот идентитет на своето дете, не затоа што се злонамерни, туку затоа што не го земаат предвид потенцијалниот дофат и долгорочното влијание на информациите што ги споделуваат“, објаснува Стејси Стајнберг.
Родителите треба да имаат на ум и колку нешто ќе биде достапно на пребарувачите и до каде може да стигне. Ако ви треба совет или поддршка поради проблем со детето, немојте да објавувате фотографија, како и името на вашето дете, за да го ограничите подоцнежното нивно појавување на пребарувачите.
Автор: Ана Хлача