На кој начин можете на детето да му создадете опкружување полно со љубов и семејна блискост од страна на роднините, советува една мајка на четири деца

„Кога се роди ќерка ми, јас веќе бев сирак. И татко ми и мајка ми починаа неколку години пред нејзиното раѓање. Необично, но и родителите на мојот сопруг починаа кога таа имаше само две години. Сепак, навистина сакав таа да ја почувствуваа онаа љубов, грижа и разгалување од страна на дедо и баба.
Прво, сакав да создадам врска меѓу ќерката и моите починати родители. Собрав фотографии и од нив направив албум. Под секоја фотографија ставав наслови. На една фотографија од мајка ми, облечена во црн сомотен фустан од педесеттите години, напишав: ‘Колку е дотерана. Зарем не е преубава?’ Под фотографијата на татко ми напишав: ‘Колку се радував кога тато ќе ме фрлеше во вис, токму како и ти’.
Исто така, ги одржував спомените на своите родители со фотографиите што се наоѓаат во нашиот дом, преку интересни приказни за нив и нивните омилени изреки и совети, ги чував работите на мајка ми што таа рачно ги изработи и редовно готвев според нејзините рецепти.

Постојано ја пеевме песничката која таткото на мојот сопруг обожаваше да ѝ ја пее на нашата ќерка. Ѝ ги читаме оние приказни што и нам ни ги читаа родителите.
Исто така, одлучив моите пријатели и роднини што повеќе да бидат со неа за да ја почувствува нивната љубов и да учи од нив. Многумина од нив беа роднини од второ и трето колено. Сепак, споделувавме многу заеднички моменти, бевме вистински пријатели кои ги обожаваат семејните средби и празнични собири.

Првата братучетка на мајка ми, Џуди, која почина по неколку години, ми беше како мајка, а како баба на моето дете. А најдобрата другарка на мајка ми стана нашата баба Лионс.
Откако ми се роди ќерката, сфатив дека постојат начини да го надоместиме тоа што нема баби и дедовци. Сите тие пријатели и роднини создадоа заштитничка околина, преполна со љубов и блискост. Таа навистина се чувствуваше среќно. Наместо две баби и двајца дедовци, таа има многу повеќе.“

Лекарката Есма Фулер Томпсон, која е мајка на четири деца, издвои неколку совети за воспитување на децата што немаат баби и дедовци, а кои навистина можат да ви помогнат:

* Штом ќе се роди, на детето обезбедете му чувство дека е дел од големо семејство преполно со љубов.
* Охрабрете го детето да создава врски со постари луѓе, на пример, да му помага на соседот да го среди дворот.
* Постарите луѓе треба да присуствуваат на прославите и празниците. Охрабрувајте го нивното присуство во животот на детето бидејќи тоа е навистина многу важно за неговиот развој.
* Можете да одлучите заедно со детето да волонтирате во старски дом или во некоја организација за стари лица.
* Закачете фотографии од роднини на ѕидовите и разговарајте за нив. Можете да им пуштате и постари снимки.
* Ќе забележите дека детето се обидува да ја имитира својата баба или дедо кога ќе позира. Децата чувствуваат какви се нашите емоции кон луѓето за кои зборуваме.
* Вклучете ја семејната традиција во секојдневниот живот, на пр., подготвување на посебниот рецепт за пита на баба.
* Ако детето се чувствува осамено бидејќи сите освен него имаат баби и дедовци, покажете му дека се согласувате дека тоа не е фер. Сепак, треба да му ставите до знаење дека ако тие беа овде, навистина ќе го обожаваа, ќе го поддржуваа и ќе си играа со него.
* И покрај сѐ, нека ви биде јасно дека постојат многу стари луѓе кои многу би сакале да се грижат за детето и сонуваат да создадат специјална врска со него.



912

X