Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам машко дете – 10 години. Често се случува во текот на ноќта да стане со викање и плачење, без да биде свесен за тоа. Кога ќе седнеме да разговараме за ситуацијата, да објасни што сонува, што се случува, што го тера да станува со викање и плачење, не е свесен за тоа. Преку разговор во текот на денот ние не можеме целосно да откриеме која е причината за оваа ситуација. Додека беше на екскурзија со училиштето имал случка хистерично да почне да плаче и да се тресе. Kажува дека му недостигале братот и сестрата. Со разговор го смирила учителката, а тој повторно не ја знаел причината за таа реакција. Како да му помогнеме?

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана, ова што го објаснувате личи на преживеана ноќна мора или ноќен терор, и е честа појава кај деца од 3 до 8 години. Не се препорачува да го будите детето во текот на вакво ноќно преживување, туку да останете смирени, и да почекате вашето дете да се смири. Често се случува децата да не се сеќаваат на овие ноќни епизоди, и секоја заинтересираност за тоа што преживеале да остане необјаснета, затоа што детето не се ни сеќава. Некои практичари предлагаат да се испита здравствената состојба на детето (крајници, тироидна жлезда…), со цел да се отстрани физиолошка причина, затоа што и таквите состојби знаат да го исцрпат организмот, да го вознемират и да го стават во ваква алармантна ситуација. Проблемот настанува кога како родители не можеме да ги објасниме причините за однесувањето на детето, и честопати и ние самите колку и да трагаме, не наоѓаме соодветни причини за него. Сигурна сум дека ова многу ве вознемирува зашто ви е непознато што се случува, како и дека искуството е толку интензивно, посебно за оние што свесно го преживуваат, за вас. Вашето дете може и воопшто да не се сеќава дека нешто такво се случило.

Сигурно е дека ваквото преживување е поврзано со одредена вознемиреност кај вашето дете во неговиот реален контекст. Иако немам информација, од она што го пишувате претпоставувам дека ова е ваше трето и најмало дете. Споменувате за една негова нетипична вознемиреност во ситуација на одвојување од семејството. Честопати и наједноставното одвојување од сигурните и значајни релации може да значи значителен стрес и вознемирување кај детето, кое се рефлектира на тој начин на кој го опишувате. Она што го забележувам е доживување на одредена несоодветност во неговото изразување, од него самиот. Има неколку моменти кои сакам да ги споделам со вас. На 10 години полесно е да се каже дека ми недостигаат братот и сестрата отколку тато и мама, нели? Исто така, на 10 години би било понесоодветно ова момче да се справува така емотивно со разделбите. Што значи дека истовремено самиот се соочува и со стресот на социјалната соодветност, со „недозволивата“ слабост, кои наоѓа начини и се труди добро да ги потисне и истите да излезат на едни понестандарни, а сепак забележителни начини на изразување. Сигурно гледате дека вашето дете расте и тој раст знае многу да го дестабилизира во однос на очекувањата од средината значајна за него, затоа што не е ниту дете ниту маж, туку е на едно место на започната транзиција, која може да носи огромна вознемиреност и несигурност. Она што сметам дека е значајно е да гледате на ваквото изразување на несигурноста како на вообичаено, дури и да споделите некои ваши искуства за тој период на развој, особено искуства/приказни за слабост, несоодветност, срам од машка линија (татко, постар брат, и сл.) со една доза на разбирливост и прифаќање, за и самиот да си најде начин да го нормализира сопственото чувство на неадекватност и да го прифати.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X