Никој не заслужува туѓ товар. Децата треба да бидат слушнати. Треба да бидат разбрани

Работам како психолог во ДСУ Спортска академија со спортисти-адолесценти кои се соочуваат со бура од сериозни проблеми. Од нив 80% се проблеми на нивните родители. Тоа е тажно сознание.

Да се носи товарот на своите родители е навистина храбар чекор на еден денешен млад човек. Децата се отворени бидејќи во тој период имаат голема потреба да бидат слушнати, а најчесто нивниот проблем е проблемот помеѓу нивните родители. Родителите, пак, се апсолутно несвесни и некоординирани во своите постапки и одлуки, одат по пат паралелен на патот на нивното дете, не согледувајќи дека му се потребни на патот на нивното дете, кое му треба поддршка. Прилично во незнаење за развојот во овој период од животот на своето дете, секој одлив на чашата го сметаат за проблем на општеството кој се истурил врз главата на нивното дете и на нив. Тие бараат помош, не многу често, но бараат помош. Многу повеќе децата отколку родителите.

Децата имаат потреба да веруваат во себе тогаш кога речиси никој не верува во нив. И децата прифаќаат секаков совет, секаква активност, бидејќи имаат потреба од поткрепа и разбирање во овој период. Родителите сметаат дека знаат сè, дека ги направиле сите можни најдобри чекори што требало да ги направат како родители и се толку вчудовидени што се случува со нивното дете. Но многу често се доаѓа до сознание дека ретко разговараат со своите деца за каков било проблем и тоа не го сметаат за недостаток.

Проблемите бараат разговор, бараат ум, трпение и упорност. Силата што ја градат денешните адолесценти е последица на соочувањето со товарите што ги носат. А силата се случува кога го одбираат правилниот пат на решавање на проблемите и истите ги гледаат како предизвици. Самодовербата не е особина која се гради за еден ден. Поминува стравови, војни, соочување со егото и стигнување до она што навистина сакаме да бидеме. Да се задржиме такви во моменти кога своите товари ни се потешки од секој друг товар е особина на силна, самоуверена личност, но таа личност денес се гради сама и потклекнува на сите сопки на патот.

Верувајте, ако родителот не е тука во овие моменти на најголема криза кај своето дете, понатаму и да сака, нема да му треба! Поддршката на родителите во овој период е најбитна.

Сепак, децата со кои работам се силни, со дух поголем од многу други, граден преку спортот. Иако секој дух може да потклекне и да се скрши. Ретки се луѓето што од најмали нозе се градени лидери од своите родители и имаат висока самодоверба и силен дух. Но овој дух денешните деца се трудат да го изградат барајќи помош, во случајов барајќи помош од психолог. Психолошките советувања за нив се како секојдневна храна од која учат како треба да се хранат во текот на животот. Подоцна таа храна станува нормален тек, бидејќи храната била посолена со учење човекови вредности.

Учејќи се на највисоките човекови вредности, децата цврсто застануваат на правиот пат во животот. Стануваат онолку силни колку што ќе си дадат дозвола за примена на овие човекови вредности. И големината на секој човек е во големината на неговите дела. Сила е да се однесуваш благотворно во секој момент и тоа да им го пренесуваш на другите околу тебе. Овие деца со текот на тие четири години поминати заедно стануваат толку големи и на патот на животот излегуваат силни и самоуверени и покрај сите препреки што им застанале. Тие побарале помош и го научиле правиот начин на справување со нив. Упорните секогаш успеваат, а ова се деца кои се исклучително упорни секој ден. Гордост е што мојата работа се огледа во нивните идни чекори по завршувањето на академијата. Сите се враќаат назад да кажат каде се, гордо и со крената насмеана глава. Успехот на еден психолог се огледа во успехот кај оние на кои им дал дел од своето знаење и мудрост. Колку повеќе веруваме дека го правиме тоа, толку поголемо станува!

Децата на оваа возраст треба да бидат слушнати. Треба да бидат разбрани. И така носат голем товар, а родителите им товарат уште еден поголем. Со оглед на тоа што вие, родители, не сте доволно свесни како своите товари им ги наметнувате на своите деца, а сакате да им помогнете и да си помогнете себеси да ги разберете, потребно е да побарате помош од стручни лица, да знаете повеќе за возраста, да знаете да не им го префрлате својот товар на децата, да научите да ги мотивирате своите деца… Барањето помош не е срамота, тоа е за почит, бидејќи вие како родители ќе му го дадете на своето дете она што му треба наместо да го товарите.
Никој не заслужува туѓ товар. Да побарате совет и да се едуцирате како родители е најдоброто нешто што можете да го направите за своите деца!



912

X