Археолозите Роберт Лузи и Емили Хал од канадскиот Универзитет „Алберт“ во Едмонтон истражувале артефакти од 1.700 години стар куп отпад на место што е историски познато како дом на говорници на два домородни индијански јазици – чинук и салиш.

Меѓу предметите на кои наишле биле и остатоци од неколку атлатли или алатки наменети за исфрлање копје. Атлатлот се користел за лов затоа што овозможувал копјето да се фрли многу подалеку од вообичаеното. Она што го привлекло вниманието на истражувачите е различниот изглед на индивидуалните скршени атлатли.

– Тие не се направени за рацете на просечна личност – вели Лузи.

Се чинело како да се направени за деца. Лузи и Хал, кои истражувањето го нарекле „Совладување на атлатлот: скалирање на опремите и опремување на брегот на Орегон“, а го објавиле во магазинот „Антиквити“, веруваат дека родителите им ги правеле на децата за тие од мала возраст да ги научат вештините потребни за лов.

– За да бидат успешни ловци, морале да го совладаат атлатлот – вели Лузи.

Односот помеѓу децата, оружјето и родителите бил доста интересен. Во некои општества, и денес и во минатото, родителите им давале алатки на децата уште од мали нозе за да научат да управуваат со нив. Дејвид Ленси, антрополог на Државниот универзитет во Јута, Логан, вели дека горенаведените активности често се одвивале без родителски надзор.

Многу истражувања посочуваат дека децата што играат со алати лесно учат како да ги користат за работа, што е случај со четиригодишниците од заедницата Мани во Тајланд, кои лесно ја чистат и ја дерат кожата на малите животни. Уште еден интересен пример се децата од етничките групи Хаџабе во Танзанија, кои се одлични трагачи по храна: истражување од Државниот универзитет во Јута покажува дека за време на некои сезони петгодишниците може сами да си обезбедат половина од дневните калории.

Многу експерти веруваат дека децата од праисторијата имале сличен начин на учење. Сепак, само во последните 20 години археолозите почнале да го земат предвид фактот дека децата од античките заедници биле навистина продуктивни членови на општеството, вели Џејн Ева Бакстер, археолог на Универзитетот „Де Пол“ во Чикаго.

Ленси тврди дека сите овие истражувања – оние што ги истражуваат животите на децата во праисторијата и оние во денешните општества – може да имаат многу важна порака за родителите во постиндустриските општества. За многумина идејата дека детето прави нешто може да биде необична, односно да отстапува од вообичаеното, делумно поради зголемената фреквенција на детска експлоатација во фабриките или во рудниците. Но, Ленси вели дека постои голема разлика помеѓу експлоатацијата на детскиот труд и она што истражувачите го нарекуваат детски труд, а се однесува на обврските низ домот и вклучува учење корисни вештини потребни во текот на целиот живот.

Антрополошките истражувања покажуваат дека „детскиот труд“ е нормална одлика на детството во повеќето општества денес – и археолошките локалитети сугерираат дека тоа било така илјадници години.

Извор



912

X