Игротека

„Играњето со моите деца не само што е досадно, туку е и вистински пекол. Дали морам да играм?“

Овој коронавирус навистина ме исплаши. Не, не дека се плашам од тоа дека ќе се разболам. Секако, и тоа е страшно, но неизбежно ако ме прашаш мене. Се плашам да бидам дома со децата со недели. Недели: Што по ѓаволите ќе правиме? Знам дека некој ќе рече: „Играј со нив! Искористи го времето и поврзи се и уживај!“, но не уживам. Играњето со децата за мене е еден вид пекол.

Прво, моето дете постојано ми кажува како да играм. „Не, не, не“, вели на секој мој предлог. Потоа плаче ако го послушам и го направам тоа што го бара од мене, затоа што го правам на погрешен начин.

Мојот второодделенец е слично шефовски настроен и кога му читам, кога играме, не поминуваат пет минути без да ми рече дека не сум фер и дека сум злобен или дека не играм правилно. Се колнам, само седам таму и се обидувам да играм со нив, но наместо тоа, треба да сум публика на најдосадната игра на сите времиња.

Затоа, неделите поминати со децата се пекол на земјата. Дали би можело да биде поинаку?

Одговорот го дава Патрик А. Колеман:

Како именка, зборот „игра“ може да е прилично едноставен. Можеме да речеме „игра“ и да претпоставиме дека сликата на оној што слуша е слична со онаа што ние ја имаме. Но, постојат огромен број активности што може да се вметнат во овие четири букви. Проблемот што го имате со играта со вашите деца не е затоа што децата не знаат да играат и ви оневозможуваат да уживате во играта. Многу поверојатно е дека сте ја зеле разновидноста на играта здраво за готово и не сте го пронашле вистинскиот тип на игра за уживање со вашите деца. Исто така (иако ова го кажувам внимателни) не мора да играте со вашите деца за играта да биде ефективна.

Мојата внимателност во последната точка е едноставно поради фактот дека сте во право, и сакате да ја користите можноста да играте и да се дружите со децата. Но искрено, ако вашите деца можат да играат без вас, тогаш оставете ги. Ако вашето присуство ја труе нивната фантазија, тогаш заминете.

Понекогаш вашата работа како родител не е да бидете постојано до нив. Понекогаш едноставно треба да обезбедите вистинско опкружување за активности и да си заминете. Кое е вистинското опкружување? Секое место каде што вашето дете е слободно да истражува безбедно и да вклучува ресурси што може да ги користи во текот на играта.

Во мојата куќа тоа е нашата дневна соба. Во таа соба моите деца имаат кутија со костими, автомобили и акциони фигури, играчки за градење, сложувалки, книги, цевки, хартија, боици и ножици. Не се грижиме премногу дека можат да направат хаос и тие знаат дека имаат право да владеат со просторот до моментот кога треба да се чисти.

Сите овие активности се случуваат без оглед дали сум или не сум вклучен во нив. Моите деца се малку постари од твоите (прво и трето одделение), но самостојната игра подолго време е дел од нивниот живот.


Да, самостојната игра не е најлесната работа. Моравме да се помириме со неизбежниот хаос оставен на крајот. Лично, мразам кога децата ќе ги извадат перничињата од каучот. Но, за моите момчиња тој куп перници е гнездо за животни или засолниште од лошите момци. Многу повредно е тие да го градат својот свет отколку мојата потреба каучот да изгледа нормално.

Мислам дека треба да направите чекор назад – и фигуративно и буквално. Во фигуративна смисла, треба да се повлечете и да ја испитате вашата идеја за игра. Од вашиот опис, таа е непотребно ограничена. Можете да се борите со децата? Тоа е игра. Можете да фрлате топки, а тие да ги бркаат топките? Тоа е игра. Изградете замок од коцки или направете градба со лего-коцки. Однесете ги во гаражата и дозволете им да чукаат со чеканот на парче дрво додека ги надгледувате. Дајте им списание што можат да го искинат.

Ако работите што обично ги правите во играта се досадни, не правете ги. Правете нешто друго. Ако и понатаму сте фрустрирани и очајни, тогаш напуштете го нивниот простор и оставете ги да најдат свој начин. Не им помагате со вашето присуство. Ако ова не помогне, тогаш предлагам да ги преиспитате сопствените чувства кон вашите деца. Дали постои нешто што прави да се чувствувате непријатно кога сте со нив? Дали постојат лични промени што можете да ги направите за да уживате во заедничките активности?

Знам дека ова е страшно време за многу родители. Стресот за задржување на вниманието на детето за време на пандемија е исто толку акутен како и нивната безбедност. Но, ви давам дозвола да се опуштите. Обидете се да најдете рамнотежа во тоа што ќе им дозволите да играат самостојно и ќе го следите нивното водство кога ќе им се придружите во играта. Бидете креативни.

Ќе го поминеме ова. Верувајте. Само може да ве натера да излезете од вашата удобна зона.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top