Одењето на игралиште ретко е време за одмор за родителите. Ако не трчате по вашето малечко за да бидете сигурни дека нема да падне, тогаш учествувате во универзалната игра која не бара правила или објаснувања, само споделување поглед и кратко барање. „Тато, чудовиште!“
Почнувате да се бркате, да испуштате звуци, да се преправате дека го плашите детето. Вашето дете сака да го плашите на игралиштето, дома, на враќање од училиште. Зошто?
Децата го бараат чудовиштето од едноставна причина: стравот ја ескалира обичната игра во драма. Таа возбуда му дозволува на детето да ги поместува и тестира своите граници, без ризик од вистинска опасност.
– Срцето чука забрзано и можеби ви поминуваат морници во ситуација каде што сè ќе биде во ред – вели Емили Фриман, истражувач на Универзитетот „Њукасл“ во Австралија, која проучува како играта помеѓу децата и родителите влијае врз когнитивниот развој.
Играњето „чудовиште“ може да им даде шанса на децата да утврдат што е она од што навистина се плашат – големо куче, молњи, ајкули и слично.
– Тоа е начин за да се истражат овие теми, кои можеби се застрашувачки за нив во реалниот живот – вели Стефани Карлсон, истражувач во Универзитетот во Минесота, на институтот за детски развој.
„Чудовиштето“ за децата може да претставува некое животно – она за кое не е свесно малото дете се опасностите од, на пример, тигар или лав, како и од непознат човек, или друго дете кое можеби еднаш ги повредило во градинка. Кога ќе ја започнете играта, нивната фантазија се буди заедно со природната борба или одговор и тие се способни да ги „одиграат“ нивните стравови. Клучно е тие да побараат од родител или близок возрасен да ги исплаши – возрасно лице од доверба, кое знаат дека не нуди ризици од вистинска опасност.
– Кога се чувствуваме безбедно и сигурно, стануваме посамоуверени во истражувањето – вели Шила Андерсон, истражувач за ран детски развој на Универзитетот „Вебер“ во Јута, САД.
Додека децата не почнат да комуницираат, многумина од нив го бараат овој начин на игра, на секојдневна основа. Нивото на игра може да се развива. „Тато е голем и може да те здроби. Можеш ли да скокнеш врз тато?“, прашува Џенифер Сеинт Џорџ, доктор по семејни студии и истражувач на Универзитетот „Њукасл“.
Дури и за децата што сакаат чудовишта ваквата игра има тенденција да заврши при крајот на основното образование, бидејќи децата потоа сакаат да си играат со своите врсници наместо со родителите. Сепак, не е вистина и ако се каже дека тие ја надраснале ваквата игра. Прашајте ги милионите родители што купуваат билети за да ги доживеат сопствените чудовишта на седиштето во кино или во театар. Кога возрасните гледаат хорор-филмови, тие ги тестираат своите стравови. Чудовиштата може да имаат повеќе заби – и да има многу крв, но тие се безопасни како и секое друго „чудовиште“ кое го брка детето околу игралиштето. Исто како децата, и возрасните имаат различни прагови за стравовите – од оние што не трепкаат кога се случува нешто страшно до оние што не можат да поднесат ниту гледање на духови, на пример.
Како што некој хорор-филм за некои возрасни може да биде премногу вознемирувачки, така и играњето чудовишта може да биде за некои деца. Родителите не се секогаш на исто ниво со она на кое детето се чувствува пријатно.
– Кога децата играат заедно, имаат тенденција да се проверуваат меѓусебно за да потврдат дека нивната игра е само игра, но возрасните не го согледуваат лесно тој момент – вели Елен Сандсетер, професор за ран детски развој на Универзитетот „Квин Мауд“ во Норвешка. Ако родителите ги притискаат децата на оваа игра, таа често завршува со солзи. А истражувањето од Карлсон посочува дека кога татковците не се однесуваат во согласност со комфорната зона на децата додека играат, децата од претшколска возраст не се доволно подготвени за успех на училиште.
– Исто е како кога детето се качува на дрво. Некои деца се качуваат многу високо за да ја доживеат возбудата, а некои се качуваат на првата гранка и тоа за нив е доволно – вели Сендсетер.
На крајот од денот, детето што сака да бидете чудовиште не е дете што сака да се плаши. Тоа е сигнал дека се чувствува безбедно и поддржано. А кога ќе престане да бара да бидете чудовиште? Тоа значи дека е подготвено да го истражува светот и само да се соочи со вистинските стравови, со мала помош од своите родители.
Автор: Лекси Круп