Родителот секогаш има најдобра намера, прашање е само колку штета таа може да им нанесе на децата.
Тргнете од себе! Кога нешто правите вие наместо детето, запрашајте се зошто го правите тоа? Родителите ми велат: „Јас никогаш немав кој да ме заштити, затоа ќе ги штитам моите деца од сè“. Што мислите, дали е можно децата да се заштитат од сè и од секого? Дали таквото дете утре ќе умее да се снајде во животот или секогаш ќе чека некој друг да го заштити? Размислете, колку им давате шанса на вашите деца да погрешат и од тоа нешто да научат, или веднаш по првата грешка им велите: „Тргни се, јас ќе го направам тоа!“
Знаете ли каква порака му праќате на детето? „Ти се неспособно без мене!“
Каква корист имате вие од тоа? Оваа врска е иста како и при партнерскиот однос: „Тој/таа не би можел/а да живее без мене“. Тоа покажува дека таквиот однос е зависен. А би требало да биде двајцата заедно, како една целина. Пуштете ги децата сами да одат по патот, бидете покрај нив кога ќе ги прават првите чекори и грешки, бодрете ги и бидете горди кога ќе заминат и кога ќе ги гледате како се изградуваат во зрели личности.
Кога одлучив да одам во сосема нова и непозната средина, на татко ми не му се допадна мојата одлука! Веруваше во мене, како и мајка ми, но се прашуваше зошто сакам да заминам некаде каде што никој не ме познава, каде што не ги знам луѓето, работата, опкружувањето, а тука сè е толку „сигурно“. Па токму поради тоа, сакав да бидам своја, да видам како сето тоа ќе ми влијае. Сакав да се развивам, да учам, но најмногу од сè, да се запознам себеси! На тој начин ја најдов среќата во себе.
Што мислите, на кои деца им е полесно, на оние чии родители ги пуштаат или на оние чии родители ги „стегаат“ и одлучуваат место нив?
Колкава слобода им давате на вашите деца? Колку им дозволувате да грешат, да избираат, да одлучуваат?
Автор: Олгица Вученов, психолог