Децата се почесто се жртви на систем со изместени вредности, но и на сопствените родители кои ги хранат со погрешни вредности, пишува српскиот портал Ноиз. Во тој контекст медиумот пренел авторски текст на читателката Милица Радованчев со наслов „И што сега родители?“. Текстот е реакција по неколку сообраќајни несреќи со жртви малолетници под дејство на алкохол 

Кога се грабаат за играчка во градинка – доаѓаат мама и тато и викаат малку и на воспитувачката и на другарчето, она лошо дете што го расипува нивното и не му дава да игра. Бидејќи нивното е златно! И тогаш со гордост во очите го гледаат миленикот!

Кога ќе се степаат со другарче на училиште, доаѓаат тато и мама, му се закануваат на оној што треба само за нивното злато да биде безбедно на училиште, дури и да е криво и тоа да почнало да ги загрозува другите. И тоа ги има сите права како и сите деца! И понатаму се полни со гордост во очите бидејќи таков гениј светот не видел!

Кога ќе почне да бега од часови во средно, да ги пцуе професорите и силеџиски да се однесува кон другите – доаѓаат мама и тато и на сите им објаснуваат дека сега е во чувствителни години, дека никој не го разбира и воопшто не е виновен што сите го предизвикуваат. Гордоста одамна ја заборавиле, но мама и тато не се уморни, не, единствено тие не се откажуваат, така и треба да биде!

Кога едвај ќе заврши средно, мама и тато го запишуваат на приватен факултет бидејќи – кој видел леб од државниот, а и зошто да се мачи детето кога истото ќе го постигне со многу малку работа! Нема мама и тато да признаат што не успеале од својот миленик да создадат човек, нема да видат дека нема ни знаење ни волја за што било, не, не. Сè уште има надеж!

Сега веќе на големо го зема добриот автомобил на тато без прашање, а уште на 15 години почна да излегува и никому да не кажува каде (а, кој би смеел да го праша). Има над 20 сообраќајни прекршоци, но тато има другар во полиција и тоа се забошотува.

Млад е, сите сме биле млади и сме правеле глупости! Уште сега може да издржи многу алкохол. Тој е луд, тој е брз и сите сакаат да бидат во негово друштво.

И тука се трагите од кочење, некоја кривина која, за чудо, дотогаш не била таму, тука се вресокот и болката. Тука е смртта.

„Беше добро, фино момче, никогаш не правеше проблеми, примерно момче и добар другар“.

Лага! Една по друга лага, бидејќи за покојниот само најубаво се зборува, особено кога е млад.

Ми се гади. Зошто лажете? Не мислите на сите деца што повторно толку пијани ќе седнат зад волан? Не мислите дека сè смрди и труе во оваа силувана држава и дека е доста од криење? Сега е готово! Тој е мртов! Сега треба да се каже, да се вика на цел глас дека тоа така не може и не треба!

Каде сте мама и тато? Не се осмелувам да допрам до вашата болка, но зошто плачете сега? Како сте дозволиле ќерка ви од 15 години да биде ѕвезда на кафеаните? Зошто умирате од смеење кога вашиот син ви раскажува какви луди работи правел со другарите додека бил пијан? Зошто не ја прашате каде тргнала во толку кратка сукња и со голи гради во вторник, а наредниот ден треба да оди на училиште? Зошто дозволувате да го вози вашиот автомобил, а штотуку положил, и не трепнувате кога ќе го притисне гасот малку посилно?

Децата им се восхитуваат на дебили, деца на пејачи и пејачки кои со ништо друго не заслужиле да бидат познати освен што се деца на наведените. Децата сакаат да бидат како нив. Да пијат додека не се онесвестат, да прифаќаат понижување само за да не бидат отфрлени? Дали на тоа ги учевте? Па вие ги испраќате во кафеана со зборовите убаво да си поминат.

Убаво друштво, примерни деца, а во друштвото дилери и неконтролирани богати деца. Цел свој идентитет го темелат на парите на мама и тато. Дали ова го сакате за вашите деца? Ги испраќате таму и се гордеете како „го сакаат животот“. Сакаат децата да стојат во кафеана покрај оној, како беше – мајка му е препумпана пејачка, а татко му покоен криминалец. Едвај чекаат да им дозволи да седнат на неговото сепаре. Што имаат во главата?

И само се чека слика на популарните веб-страници бидејќи ако таму излезе слика од ноќното излегување – да, тогаш сте некој. И сите се толку слатки и будалетинки, со малку повеќе од оние дозволените промили алкохол во крвта. И тогаш не знаеме од каде или како се случило некои будали да удрат и усмртат момче на мостот.

И тогаш не знаеме како загинува 16-годишник на мотор, за кој неговите родители воопшто не знаат. И се чудиме кога шест млади луѓе паднале во студената река, а секунда претходно пееле наглас и се шегувале.

Само вие лајкнувајте ги сликите на „Фејсбук“ и аплаудирајте кога детето стекнува популарност висејќи по она што е дно на ноќниот живот – сплавови и модерни кафеани.

И по сето тоа, тишина и лага. Една по друга. Да оправдаме, да избришеме ако можеме. И никој не е виновен и никој не сакал и на сите им простуваме. И го туркаме под тепихот.

Еве, доаѓа викенд за повторно да се шокираме од глетката на удрен автомобил, бројот на мртви и повторно низ солзи да разговараме за тоа колку примерни беа децата.



912

X