Наместо непотребно да трошите пари на храна додека сте на пат, понесете своја пикник-кошница. Ова се неколку идеи за подготовка на брзи и интересни рецепти за семејството додека сте на пат.
1. Мафини со сирење и пченка
Состојки: една шолја млеко, едно јајце, две шолји брашно, 50 грама путер, половина лажичка сол, 1 прашок за печиво, 1 шолја пченка во крем, 1 шолја пченка, 1 шолја рендано сирење, димена сланина (по избор), малку магдонос.
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Во голема чинија измешајте ги пченката, пченката во крем, сирењето и топениот путер. По избор можете да исечкате сланина и магдонос. Во друга чинија измешајте јајце и млеко, а потоа додајте ги брашното, прашокот за печиво и солта. Полека измешајте ги смесите од двете чинии и наполнете модли за мафини. Печете дваесетина минути додека не се заруменат.
2. Печени триаголници со месо
Состојки: лиснато тесто, 180 грама мелено месо, една лажичка маслиново масло, половина лажичка лук во прав, половина лажичка ѓумбир (ситно сечкан), половина лажичка кари, половина лажичка чили.
Подготовка:
Загрејте половина од подготвеното масло во тава. Пржете го меленото месо 5 минути. Додајте ги зачините и пржете уште 2 минути. Исечете го лиснатото тесто на 3 ленти. Четвртина од тестото наполнете го со смесата и добро завиткајте го во триаголници. За да бидете сигурни дека се добро затворени, краевите намачкајте ги со вода. Ставете ги сите триаголници во плех и печете дваесетина минути на околу 190 степени.
3. Лесни мини-пици
Состојки: едно пакување лиснато тесто, доматен сос или кечап, моцарела, додатоци по избор (шунка, пиперка, лук, сирење).
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 степени. Лиснатото тесто исечкајте го во облици по ваш избор. Доматниот сос намачкајте го на парчињата тесто. Додадете ги состојките по избор и моцарелата. Печете помеѓу 10 и 15 минути.
4. Слатки житни плочки
Состојки: 80 грама путер, 80 грама кафеав шеќер, 60 грама (2 лажички) сладок сируп, половина лажичка сол, 130 грама овесна каша, 35 грама сечкани суви јаболка, 35 грама суви праски, 25 грама сушени брусници, 25 грама семки од тиква, 2 лажички семки од сончоглед, 25 грама кокос.
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Во тава растопете ги путерот, шеќерот, сирупот и солта. Измешајте ги сувите состојки во посебна чинија, па потоа додајте ги во растопениот путер и сируп. Премачкајте правоаголна тава. Нанесете ја смесата и притиснете добро. Печете 18-20 минути. Ставете ја во фрижидер и исечете парчиња кога ќе се олади.