Храната може да влијае врз среќата на децата, тврдат педијатрите. Имено, истражувањата покажале дека тоа што детето го јаде може позитивно да влијае врз неговото расположение, но и на целокупното ментално здравје, пренесува „Мадерли“.

Стручњаците сметаат дека, на пр., чоколадото или рибата на детето не само што му помагаат во учењето и помнењето, туку може и да го зголемат чувството на среќа. Следуваат уште неколку намирници кои, според стручното мислење, можат да го подобрат расположението на вашето малечко.

1. Разновидно овошје и зеленчук

Добро е познато дека што поразновидни се овошјето и зеленчукот, толку нудат повеќе фитонутритиенти што се борат против стареење на клетките во мозокот и други ткива во телото. Флавоноидите, пак, се поврзани со намалена опасност од депресија и на тој начин влијаат врз доброто расположение.

Во едно истражување со деца на возраст меѓу 7 и 10 години се покажало дека и пиењето сок од боровинки, богат со флавоноиди, ефикасно го подобрува расположението. Општо земено, колку повеќе овошје и зеленчук има на менито на бебето, толку тоа ќе биде позадоволно и посреќно.

2. Зелјести растенија

Говорејќи за нив, особено темните зелјести плодови се богати со железо, фолна киселина, влакна, магнезиум и витамини А и Ц. Овие хранливи материи ја поддржуваат работата на мозокот, но исто така е докажано дека го подобруваат и расположението. Во таа смисла, во исхраната на бебето треба да има цвекло, кељ, спанаќ, блитва и зелена салата.

3. Бобинки
Боровинки, малинки, капини – сите тие содржат голем број антиоксиданси, антоцијани и полифеноли. Тие се делотворни против стресот и го подигнуваат расположението. Исто така, ги подобруваат учењето, концентрацијата и помнењето.

4. Овес

Оваа житарка е одлична за подобрување на расположението поради високата содржина на триптофан и други хранливи материи, како што се витаминот Б, влакна и железо. Овесната каша или, пак, бисквитите – се одличен оброк за малечкото, па освен што се богати со здрави хранливи материи, ќе го подобрат и неговото расположение.

5. Јатки и семиња

Јаткастите плодови и семките содржат влакна, магнезиум и омега-3 масни киселини. Се покажа дека оревите ги намалуваат стресот и напнатоста поради високото ниво антиоксиданси, вклучувајќи омега-3 масни киселини, фолати и витамин Е.

6. Риба

Таа е богата со омега-3 масни киселини, триптофан и витамин Б-6, па педијатрите препорачуваат да му се дава на детето најмалку двапати во седмицата.

7. Тиква, банана и авокадо

Тиквите содржат триптофан и серотонин – хемикалии за мозокот кои поттикнуваат опуштање, а бананите се богати со витамин Б-6. Исто така, бидејќи содржат комбинација од јаглехидрати и растителни влакна, бананите помагаат и за стабилизирање на нивото шеќер во крвта и придонесуваат за поголема контрола на расположението.

И на крај, авокадото – храна богата со витамини, минерали и растителни влакна, докажано придонесува за подобро расположение.

Извор: МИА 



912

X