Воспитување

Хистерија се вика крајот на школската година, вели наставничка во Србија

Крајот на школската година ни се приближува со молскавична брзина и најчесто тоа е време за хистерија. Жал ми е што е така, но хистеријата се чувствува на секој чекор и постојано се смислуваат нови причини за неа. А не би требало да постои ни една. Треба да бидеме среќни кога ќе погледнеме наназад

Учениците се под голем стрес бидејќи се обидуваат да се снајдат во хистеричната ситуација. Ги гледам и сфаќам дека не е до нив. Ако ги прашаме децата, тие мирно би уживале во игрите, теренската настава и во новите пријателства, но не можат. Никој не им го дозволува тоа. Ни учителите, ни школскиот систем, ни родителите. Ги гледам како одат со наведнати глави, а над нив еден огромен облак во кој се судираат речениците: Мора да поправиш математика! Не може да имаш 4 по биологија! Ајде направи уште еден проект!
Зошто дозволивме образованието да ни стане МОРА, ТРЕБА, НАПРАВИ ГО ТОА ЗА ЗЛАТЕН МЕДАЛ?
Златниот медал е одлична оценка. Другите се многу непопуларни. Наеднаш имаме куп одлични оценки и извонредни ученици со неверојатно знаење.

 

Трудот се изгуби во школството

Но, ако ги согледаме фактите, тие врескаат дека за златен медал треба долго да се работи, систематски, структурирано… Тие ни велат дека трудот се исплати, но без труд изостануваат медалите. Спортистите тренираат, се одрекнуваат од некои свои омилени работи заради спортот, желбата, талентот. И на крај, во одреден момент се закитуваат со златен медал зашто дошле до врвот, зашто ги совладале сите пречки, сѐ што било тешко и напорно. Трудот е нешто што некако се изгуби во образованието. А од трудот би требало да тргнеме.
Наставниците се под лупа. Најчесто не вредат, не знаат, премногу бараат, не даваат шанса, не разбираат дека нечие дете мора да има петка. А вистината е сосема поинаква, колку и да молчиме за тоа.

Учителите вредат. Повеќето од нив го оставаат своето јас пред вратата на училницата за на „своите“ деца да им пренесат знаење, да го поттикнат развојот на вештините, да го доведат секој поединечно до неговите силни страни. Учителите знаат, носат во себе големо количество знаење кое е јасно, цврсто и оправдано, но тоа не се сведува на знаењето за жабата и бројот на нејзините клетки, туку на сите силни методи, начини и вештини како тие знаења да им ги пренесат на учениците. Учителите не бараат многу, тие ги насочуваат децата, работат со групи деца и од секој поединец го извлекуваат тоа што тој може да го направи. Јас не познавам ни еден учител што од секој ученик бара ИСТО. На зборувам за писмените испити (кое се такви какви што се), туку за следење, поттикнување, насочување. Тоа го прават учителите и од тоа на крај произлегува оценката. Оценката не е само златен медал, златен е само ако цела година се трудиш, го даваш најдоброто од себе, ги унапредуваш своите вештини… Учителите секогаш даваат шанса. Една, па уште една… И во еден момент и тоа треба да престане, ако не оди, ако шансите одат во ветер.

Шанса е, на пр., да знаеш дека ученикот своите задачи ги завршува навреме, цела година, но дека денес не бил фокусиран, па ќе биде следниот пат, или дека е одличен во претставување проекти, па ќе направи уште еден… Учителите, за жал, разбираат и дека некој смета дека неговото дете мора да има петка. Но, прашањето е дали сметаат дека таа петка е оправдана. Дали вие би му закачиле на врат медал на некој што не бил на тренинг цела година, а потоа се појавил, на сите им подметнал сопка за да стигне прв и на крај застанал на подиумот? Секако дека не. Е, тука е клучот за решавањето на ова хистерија!

Завршната оценка се гради цела година

Талентот е важен. Некој е талентиран за математика, некој за странски јазик, некој за геометрија. На таквите деца најчесто не им е потребно да седат со книгите и да бубаат, а ниту пак им е потребна хистерија, зашто тие сѐ лесно впиваат. Талентот е многу важен детаљ на златниот медал. Зашто кога си талентиран, тогаш успехот ти е на дофат. Затоа, таквите ученици сега навистина не треба премногу да се отповаруваат. Зашто цела година работеле, свесно и вредно. Сега тие се смирени, весели и не се караат со родителите дека би требало да се седат со книгата и да учат. Но, што ќе правиме со оние другите? Оние што се натерани да се ѕверат во книгата, како што прават цела година, а резултати нема? Ако мене ме прашате, јас на тоа ќе му пристапам на многу поедноставен начин. Учителскиот. Завршната оценка се гради цела година. Таа е збир од толку многу подробности кои едноставно не можеш да ги измериш со метар и да ги запишеш како бројка во квадратче, за да нема многу расправање околу тоа. Треба да ѝ веруваш, треба да ѝ пристапиш разумно.

Хистерија кај учителите? Да, зашто ако не верувате во нашата стручна процена, ни подметнувате сопка. Сега е крај на школската година, сега е доцна да бидеш некој што не си. Да се прифатиме такви какви што сме. Да прифатиме дека во волшебниот круг на школството постојат учители кои знаат што работат, родителите треба најпрвин да имаат доверба во своето дете, и да го познаваат, и дека постојат ученици околу кои се кршат копја. Да ги оставиме децата да им се веселат на пријателствата, на заљубувањата и на новите знаења кои можеби не ги стекнале во училиште, зашто школото не е единствениот свет при растењето. Да ги оставиме децата да бидат деца, за сѐ друго ќе дојде вистинскиот момент!

И една анегдота за крај. Убава и инспиративна. Еден ученик е весел, прекрасен, духовит и мрзлив. Тоа е факт. Мрзлив е и сите го знаеме тоа. Кога ќе го прашам нешто, тој ми вели: „Веќе го знаете одговорот, професорке“. Знам, а и тој знае. Но секогаш го прашувам. Кога не сака да одговори, тоа е негов избор. Но знае и неговата мајка, која во животот има некои други вредности. Вистинските вредности. Разговаравме за него, за неговите симпатични бељи и неговата весела природа, за неговите лоши оценки. Оценки кои произлегуваат од трудот. А тогаш мајката ми рече: „Тој вели дека сте стрпливи, прекрасни, духовити, разумни. Вели дека го разбирате. Дека е среќен и на час му е интересно, и дека не сака поголема оценка зашто знае дека таа што ја има е неговата. А јас сум среќна дека е така, зашто тоа е важно во животот… И сега одам да му купам чоколадо зашто е дете и зашто се разбираме. Ви благодарам!“

Ете, купете му на своето дете чоколадо затоа што е дете. Гушнете го и радувајте се заедно. Гушнете го и кога ќе донесе петка и кога ќе донесе двојка. Зашто оценката не е таа што го одредува детето. Ниту детето, ниту мене, ниту вас. Крајот на школската година нека не ви биде хистеричен. Нам ни е 🙂

Автор Мајда Тометич, наставник во основно училиште.

Поврзани написи

To top