Воспитување

Грешки на родителите поради кои децата не сакаат да јадат здрава храна

Ако сте еден од оние родители што сакаат нивното дете да јаде здрава храна и да има балансирана исхрана, мора да знаете дека тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи. Особено кога децата се немилосрдни кога им нудите зеленчук што не им се допаѓа.

Еве неколку совети што ќе му помогнат на вашето дете да развие позитивни навики во исхраната. Поточно, сакаме да ви го свртиме вниманието на неколку грешки кои можеби се заслужни за одбивањето од страна на вашето дете, кое не сака да го јаде тоа што му го нудите:

Не им дозволувате на децата да си играат со храната

„Престанете да си играте со храната!“ е реченица која најчесто ќе ја слушнете на масите низ светот. Но, ако му дозволите на вашето дете да ја допира храната, тоа може да го поттикне да проба јадење што инаку не би го јадело. Истражувачите од Универзитетот „Де Монтфорт“ во Лестер ја потврдиле теоријата дека детето ќе јаде храна со која му е дозволено да си игра.

Ги терате да изедат сè

Можеби вашите родители инсистирале да изедете сè што сте имале во чинијата кога сте биле мали, но добрата вест е што не мора да му го правите истото на вашето дете. Истражувањата докажале дека ако детето не јаде сè што има во чинијата, тоа е така затоа што детето нема апетит, а присилувањето да изеде баш сè може да доведе до прејадување и дебелеење кога детето ќе биде постаро.

Брзо се откажувате

Ако вашето дете одбие да јаде одреден вид храна, не откажувајте се следниот пат да ја понудите. Според експертите, истото јадење треба да го послужите 15 пати за да видите дали вашето дете ќе го јаде.

Не дозволувате децата да ви помагаат во кујната

Кога подготвувате вечера, слободно дозволете му на вашето дете да ви помогне. Според истражувачите од Универзитетот „Колумбија“, ова може да го поттикне детето да проба нова храна. Во истражувањето, научниците дошле до резултат дека е поверојатно детето да го изеде оброкот во чие подготвување учествувало.

Ги терате децата да јадат кога не се гладни

Апетитот на вашето дете може да се менува од ден на ден. Затоа, не грижете се ако понекогаш е незаинтересирано за храна. Веројатно утредента ќе надомести.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top