Ени Баркалоу е мајка на четири деца. Во колумната за herviewfromhome.com објаснува како ги учи децата да се однесуваат во конфликтни и непријатни ситуации. Дали добро постапува?

Една топла вечер седев и гледав како мојот син се дружи со своите другари од тимот и имав грч во стомакот. Играчот погоди и излезе од теренот, а раката на мојот син беше испружена за да направат „пет“ и имаше огромна насмевка на лицето. „Еве го. Еве го сега“. Ќе го прескокне, помислив. Ќе го игнорира мојот син и ќе се нафрли на сите други играчи. Во тоа се јавува и молбата која ми одѕвонува во умот секојпат кога мојот син се дружи со некои од врсниците, како снимка која некако одново се пушта во мојата глава:

„Само тоа да не бидам јас“.

Но, тоа не се случува. Играчот 42 доаѓа до него, ја удира рака на мојот син, па продолжува да се движи преку редот испружени дланки. Сега можам да дишам, ама изгледа дека не можам да се опуштам. „Овој пат беше во ред, но следниот нема да биде“. Следниот пат ќе биде нешто друго. Некој ќе се оттргне од него на клупата за да биде сам. Или ќе му се доближи до лицето кога нешто ќе погреши или ќе му вика, а навредите ќе летаат како рој бесни пчели. Меѓутоа, ништо од тоа не се случува. Неговите другари од тимот седат покрај него, навиваат за него кога е негов ред да игра и ги навалуваат рамената кога ќе погреши. „Не е тој ти, знаеш“, повторува гласот во мојата глава. „И фала му на Бога за тоа“, пристига одговор.

Пред очи ми навира слика на смотаното, но искрено девојче кое ја погодува топка во лицето. Топката ја фрлило друго девојче од нејзиниот тим, бидејќи погрешила во текот на тренингот, а тоа го налутило другото девојче. Потоа е тука нејзината мајка, која плаче во автомобилот додека ја вози дома од кошаркарски натпревар бидејќи гледала како другите играчи ѝ викале в лице бидејќи промашила. Дури ѝ ја фрлиле торбата со чиста облека под туш по натпреварот, па морала да остане во испотениот дрес, но на мајка ѝ ѝ рекла дека не сакала да се тушира таму. Нејзиното име и бројот на дрес биле искинати од билбордот во ходникот покрај салата. Не си една од нас. Ниту ќе бидеш. Нејзиното вежбање дома ја изгуби целта. Не беше веќе важно. Победивте.

Ја набљудував својата ќерка, која оди во осмо одделение, како срамежливо, со насмевка на лицето, им се приближува на девојчињата со кои оди на училиште. Набљудував дека другите девојчиња само зјапаат во неа и се приближуваат една кон друга. Таа ми го раскажува тоа додека се враќаме дома. Не знае дека ја гледав. „Не знам зошто само така ме гледаа“, ми рече и се обиде да се насмее, но таа насмевка звучеше вештачки и брзо ја снема.

„Само тоа да не бидам јас“.

Мојот совет за моите деца и не е баш во согласност со сите книги за родителство што ги прочитав. Мојот совет произлегува од суровата реалност, од личноста која давала сè од себе за да се вклопи, но никогаш немала храброст да се заземе за себе. Луѓето се без врска. Децата се злобни. Па кога мојот син ќе дојде дома и ќе ми рскажува за детето кое го мавало со топка по главата секојпат кога играле заедно, јас ја гледам таа топка што мене ме погоди в лице и глупоста поради која само стоев таму и дозволив тоа да се случува.

„Само тоа да не бидам јас“.

Не е тоа прв проблем со тоа дете, па се обидувам да ме гледа в очи. „Ако те удри, врати му. Ме разбираш? Кажи му дека така ти рекла мајка ти“. Ме гледа со чуден поглед.

„И удри го посилно. Ако те турка, турни го и ти него и тоа посилно. Нека запомни дека не може така да се однесува со тебе. Немој ти да провоцираш и да почнуваш прв, но одбрани се!“

Размислував за времето кое го потрошив на децата на кои сакав да им се допаднам, но со кои никогаш не успеав да остварам некој подолг однос.

„Само тоа да не бидам јас“.

Искрена сум кон мојата ќерка: „Не е во ред така да се однесуваат кон тебе. Ужасно е. Но, не мораш да се дружиш со нив. Немој да бидеш злобна и исто така да се однесуваш кон нив, но немој и нешто особено да се трудиш околу нив. Да се однесуваш пријателски и да бидеш пријател со некого – тоа се две сосема различни работи“.

Го зедов синот од училиште, задишан од возбуда. Повторно се работи за она дете што го мава со топка. „Денес стоевме во ред и тој ме турна во ѕидот, мамо. Но, му вратив – уште посилно! Толку силно, што се затетерави и ја наведна главата наназад“.

И што се случи потоа? Што направи?

Ништо! Само отиде во тоалетот. Се смееше. Но, ме остави на мир.

Следните две недели го следев развојот на ситуацијата. Тоа дете го остави мојот син на мир. Не му додева. И понатаму играат во истиот тим, но повеќе не го мава со топка и сега вниманието му е насочено кон други деца. Следна лекција – заземање за други.



912

X