Вратата од фрижидерот беше отворена. Моето дете ги извлече сите шишиња со вода и чај и ги фрли на подот од кујната. Кога влегов во кујната и го фатив на дело, знаев дека имам избор. Можев да го видам најлошото или најдоброто во него. Можев да гледам на моето дете како на немирно или да ја разберам неговата љубопитност, а знаев дека што и да изберам, ќе влијае на мојата реакција.

Низ годините, моите деца ми дадоа многу можности за вакви избори. Секојпат кога ќе изберев да го видам најдоброто во нив, без разлика кое било нивното однесување во моментот, тоа ми помогна да реагирам и да ги поправам на покоректен начин, нежно, позитивно и со љубов.

Тоа значи дека им го давам најдоброто од себе и ги третирам со почит и љубезност, кои знам дека децата ги заслужуваат. Тоа значи дека требаше да го променам јазикот што го користам, и во главата и во устата, во тие рани години на родителство.

Како гледаме на лошото однесување (и како комуницираме)

Општеството ни дава многу негативни гледишта и ставови кон децата, а тие негативни перспективи може да се врежат во нашиот ум и да го променат начинот на кој го перципираме однесувањето, кое влијае, пак, врз начинот на кој се однесуваме кон децата. Фрази како „ужасни две години“ не се безопасни. Тие длабоко влијаат врз она што го очекуваме и следствено на тоа што го гледаме. Често ни се упатуваат пораки како: „Игнорирај ги, само сакаат внимание“, или „Ќе се обидат да го добијат тоа што го сакаат и ќе се извлечат“ или „Ќе ги тестираат вашите граници, покажете им кој е шефот“.

Ваквите пораки наметнуваат однесување и очекувања во смисла „вие против децата“, а така не се градат здрави односи. Кога гледаме лошо однесување, мислиме дека одговорот е во казната. Кога ќе видиме дете како се бори, одговорот е јасен – потребна му е помош. А разликата помеѓу немирно (ужасно) дете и дете кое се бори е само во перспективата, но разликата во казнувањето и помагањето ги обликува нашите деца и она што ќе станат во иднина.

Перспективата што ќе ја избереме има огромно влијание врз тоа како нашите деца се чувствуваат и што мислат за себе.

Како да ги приспособите вашите реакции и нивното однесување

Клучот во разбирањето на развојот на детскиот ум е во менување на јазикот со кој им се обраќате и начинот на кој гледате на нивното однесување. се мисли дека Децата се манипулативни, па родителите често помислуваат на лоши намери од нивна страна. Но, тоа не е секогаш така. Младите деца не се когнитивно способни за такви шеми. Делот од умот кој креира комплексни мисли и процеси кои треба да се рационализираат не е целосно развиен кај малите деца. Не е едноставно можно тие да манипулираат за да ги контролираат своите родители. Затоа треба да се разбере желбата на децата за истражување, со што ќе бидете потрпеливи и ќе разберете зошто тие скокаат на каучот или по петти пат ја истураат храната на подот. Тие не го прават тоа намерно, туку едноставно сакаат да видат што ќе се случи.

Сето ова не значи дека треба да бидете слепи. Значи дека треба да го гледаме доброто во децата дури и кога не е очигледно. Значи да веруваме во нив и да не ги осудуваме за тоа што се, базирано на нивното моментално однесување. На сите нам ни треба некој што го гледа најдоброто во нас и нè потсетува на добрината што ја поседуваме. Така и децата повеќе ќе веруваат во себе. Еве неколку примери со кои можете да го промените јазикот со кој им се обраќате на децата:

1. Наместо: „Ги достигнува ужасните две години (возраст)“, обидете се со: „Навлегува во фазата на граници“.
2. Наместо: „Таа навистина ми ги тестира нервиве“, обидете се со: „Дава сè од себе за да побара да ѝ се задоволат потребите“.
3. Наместо: „Само сака да привлече внимание“, обидете се со: „Потребно му е моето присуство сега“.
4. Наместо: „Таа е толку драматична!“, обидете се со: „Во моментов има големи чувства и ѝ треба мојата помош“.
5. Наместо: „Не сака да слушне ништо од она што имам да го кажам!“, обидете се со: „Има проблем да ме слушне сега. Треба да го променам пристапот и да го добијам нејзиното внимание“.
6. Наместо: „Премногу е кенкава денес“, обидете се со: „Се обидува да комуницира за да каже што ѝ е потребно и е вознемирена“.
7. Наместо: „Многу е тежок денес“, обидете се со: „Има тежок ден. Како можам да помогнам?“
8. Наместо: „Не може да седи мирна ниту 5 минути!“, обидете се со: „Таа е полна со енергија и радост!“

Автор: Ребека Инс

Извор



912

X