Дел од популарната храна за бебиња содржи опасно ниво на тешки метали, вклучувајќи олово, арсен и жива, според извештајот на Конгресната истражувачка служба на САД.

Нивото на токсични метали во производите е далеку поголемо од границата што Управата за храна и лекови на САД ја има поставено за други производи, како вода во шише, се вели во извештајот.

Извештајот открива дека производителите на храна за бебиња ги изгубиле стандардите, а во некои случаи дури и не биле во согласност со нивните безбедносни репери. Токму поради ова, родителите се во паника, особено затоа што изложеноста на тешки метали во детството е поврзана со трајно опаѓање на коефициентот на интелигенција, зголемен ризик за идни криминални активности и оштетена долгорочна функција на мозокот. Сепак, здравствените експерти за деца велат дека извештајот треба да поттикне важни промени за поголема одговорност на производителите на храна, иако наодите не се нови и не влијаат драстично врз советите за хранење на најмалите. Еве што се советуваат родителите да направат:

Информирајте се за трагите на тешки метали во некои видови храна

– Мали количини од некои метали и минерали се всушност важни за нашето тело да функционира – вели д-р Рашми Џаин, педијатар и основач на „BabiesMD.com“, виртуелен центар за итна нега на деца.

– Поголемите нивоа на овие метали во телото не значат дека нашите деца дефинитивно ќе развијат невротоксичност, тоа само го зголемува нивниот ризик.

– Не паничете – вели Џил Кесл, детски нутриционист.

– Работите денес веројатно се подобри отколку пред 20 или пред 40 години. Денес знаеме многу повеќе за развивањето на мозокот и безбедноста на храната и со право бараме построга регулатива за производителите на храна за бебиња – вели таа.

Според националната истрага од 2019 година предводена од „Хелти бејбис“, 95 отсто од тестираната храна за бебиња содржела токсични хемикалии, вклучувајќи арсен и олово, а 15 од овие производи претставуваат половина од ризикот, и храната базирана на ориз се наоѓа на врвот. Оризот апсорбира повеќе арсен од подземните води отколку другите култури.

Фокусирајте се на разновидноста

Вашето дете треба да јаде разновидна храна, која не само што природно ја ограничува количината на тешки метали туку и го поддржува развојот на децата со снабдување со низа хранливи материи.

Не заглавувајте во фазата во која нудите само храна за бебиња

Поради нивната погодност, лесно е да заглавите на храната за бебиња и да не му давате ништо друго на вашето бебе. Но, оброците треба да бидат преодни, да се користат само неколку месеци заедно со други извори на храна, како што се мајчино млеко, адаптирано млеко и житни култури. Ако воведете риба, што е одличен извор на протеини и други хранливи материи, држете се до опциите за кои постои поголема веројатност да имаат малку жива, како туна, лосос и бела риба.

Иако мислите дека приготвувањето храна во домот е безбедно, тоа не е сигурно решение

Родителите можат да направат храна за своите бебиња купувајќи сопствени овошје и зеленчук, но тоа не е гаранција дека крајниот производ нема да биде загаден со тешки метали бидејќи дури и органските производи може да се одгледуваат во почва во која има траги од нив.

Плус, самото приготвување на храната воведува ризици за безбедност бидејќи вашата кујна не е толку стерилна како фабриките за производство.

Од друга страна, домашната храна за бебиња може да има придобивки над потенцијалното намалување на тешки метали.

Често посетувајте педијатар во првите 2 години од животот на вашето дете

Редовните посети на педијатар можат да помогнат во идентификување на какви било проблеми во развојот, без оглед дали тие се под влијание на исхраната на вашето дете или нешто друго.

Извор



912

X