Тантрумите, односно изливите на бес и гнев и ненадејните промени во расположението се нормален дел од растењето. Процените се дека до 90 отсто од децата минуваат низ оваа фаза, а истражувачите исто така имаат прилично јасен став зошто е тоа така.
Одговорот лежи во невронауката. Во суштина, амигдалата (дел од мозокот што помага во обработка на чувствата) ја открива заканата, а хипоталамусот (дел од мозокот што контролира неволни реакции, како што се срцевиот ритам и температурата на телото) едноставно „експлодира“.
Но, и да сфатите дека испадите на гнев се чести и да разберете зошто се појавуваат, веројатно тоа нема да ви помогне многу во моменти кога безуспешно се обидувате да го смирите детето што трепери од лутина. Едноставно кажано, тантрумите ги тестираат нашите родителски вештини.
Истражувачи од Универзитетот „Јеил“ објавија наоди од пилот-истражување што може да воодушеви многу родители.
12 семејства што учествувале во истражувањето изјавиле дека забележале значително помалку испади на гнев и бес и дека направиле голем чекор кон тоа мирно да се справат со фрустрациите на нивните деца, вели Денис Сукодолски, вонреден професор во центарот за проучување на децата при „Јеил“.
Сите деца што учествувале во истражувањето имале некаков вид нарушување во однесувањето. Едно вакво однесување е ОДД и е опишано како негативно, непријателско и пркосно однесување што трае подолго од 6 месеци и значително ја нарушува способноста за учење на детето и развива неприфатлив став кон околината. За разлика од него, ДМДД е психијатриска состојба. Се дијагностицира само кај деца. Главните симптоми вклучуваат раздразливост, емоционална дерегулација и испади во однесувањето. Ерупциите обично се во форма на силни тантруми.
Истражувањето од „Јеил“ препознава дека испадите на бес се важни за менталното здравје, вели Сукодолски. И сите родители можат да им помогнат на своите деца да се справат со гневот, без оглед дали испадите достигнале ниво на клинички проблеми или не, додава тој. Затоа тие ја создале онлајн-алатката за тантрум.
– Нашата програма е низа од осум модули со видеоанимации што можат лесно да се следат, а кои на родителите им ги илустрираат најчестите стратегии за препознавање и управување со детските тантруми. Всушност, се базира на обука на родителите што постои приближно 50 години – објаснува Сукодолски.
На прашањето како да се препознае дали испадите на бес на вашето дете се загрижувачки, Сукодолски вели дека е важно да се разгледа дали се почести отколку типичните и дали се поинтензивни од типичните, како и тоа дали на децата им треба долго време за да се смират.
– Дури и ако детето секојдневно има повеќе тантруми, но не може да се смири и да премине на следното нешто без многу влијание, тоа би можело да биде соодветно за развојот. Но, ако нападите траат подолго од 5, 10, 15 минути, а по нив детето останува вознемирено, тогаш тоа е сигнал дека се случува нешто посериозно – додава тој.
Исто така, важно е родителите да размислат колку долго е присутно таквото однесување. Не треба да се вознемирувате ако вашето дете има еден или два тантруми дневно, но ако тоа се случува неколку месеци, би можело да биде сигнал.
За жал, нивната пилот-програма сè уште не е достапна за сите родители, но овој експерт издвојува неколку совети што можат да им помогнат на семејствата да се справат со тантрумите на нивните деца.
– Кога навистина ќе се случи тантрум, од клучно значење е родителите да останат смирени и да моделираат соодветни одговори за справување со стресот. Знаеме дека е тешко да се направи тоа. Дишете длабоко. Важно е да се познавате себеси како родител и да бидете реални. Минуваме низ предизвикувачки периоди во тој момент, па затоа е важно да ги приспособите очекувањата и од вас и од вашето дете. Другиот важен дел е пофалбата. Кога децата се однесуваат добро, особено малите деца, тоа е важно да се искоментира – советува тој.
Покрај тоа, тој посочува дека е важно да го пофалите детето и откако ќе успее да се избори со своите испади на бес.
– Тоа е спротивно на нашата природа, каде што сите сме исцрпени по непријатната интеракција, но целта на родителите е да вдишат длабоко, да знаат кога ќе заврши тантрумот и да препознаат дека преовладувањето на гневот е постигнување за детето – смета Сукодолски.