Кога доаѓаш на терен, нема време за непотребни анализи. Веднаш секој го прави она за што е обучен и што му е задача. Најпрвин гледаме дали некој е заробен во објектот што гори за да го извлечеме, да се спаси живот, без оглед дали е човечки или станува збор за некое животно

Велат дека никогаш не е доцна да си го оствариш детскиот и животниот сон, па уште и тој сон да е професија која е ценета, хумана и најмногу од сè специфична, особено за жена. Уште од мала сакала да работи во униформа, воена или полициска, сеедно, и да биде во служба на граѓаните. Не станaлa полицаец, ниту војник. Но затоа станала нешто на што се гордее, и таа и нејзините најблиски. Билјана Денчовска е единствената пожарникарка во Македонија. Децата, 26-годишната Ангела и 30-годишниот Злате, се гордеат со неа. Таа им е и другарка и мајка, но и голема инспирација поради хуманата професија.

Има 49 години, мајка е на две, веќе возрасни деца, а наскоро ќе добие и зет. Колегите за неа велат дека е ненадминлив соработник. Имала тежок живот пред да се вработи. Сака децата да ѝ бидат среќни, а таа и нејзините колеги да имаат што помалку работа, која секогаш ќе се завршува со успех зашто во оваа професија тоа значи човечки животи.

Ангела, Злате и Билјана

Млада мајка

– Уште како дете сакав да носам униформа, да бидам полицаец, војник. Како резервна опција, имав желбата да се занимавам со јавна професија, да бидам спикерка на телевизија или естрадна уметничка. Основното училиште го завршив со одличен успех и со членување во сите можни секции, па ги исполнував тие услови за да се запишам во средното воено училиште на воената академија во Белград. Но, во тоа време ситуацијата во тогашна Југославија не беше најдобра и моите родители, плашејќи се за мојата безбедност, не ми дозволија. Така останав во Скопје и се запишав во гимназија, на насоката македонски и марксизам. Но, на 16-годишна возраст имав многу тешка сообраќајна несреќа, а потоа го сменив училиштето, се запишав и завршив средно графичко училиште. Станав графичар и така не ми се исполни ниедна од детските желби – ја почнува Билјана својата приказна со ист жар како сега да треба да ја избира идната професија.
Вели дека животот не ѝ бил многу лесен. Се омажила млада, на 17 години, а веќе на 18 станала мајка – се родил синот Злате. Пет години подоцна со сопругот ја добиле и ќерката Ангела. Вели дека тешко живееле, па во продавницата во која работела морала да биде по цел ден, но не се жали бидејќи сè што правела, правела за децата.
– Успеав децата да ги изведам на добар пат и да бидат чесни, умни и воспитани. Функционираме прекрасно. Нема тајни, максимално се почитуваме, не се срамат ни тие ниту јас да си побараме помош за што било и во каква било ситуација – вели Билјана.
Во 2001 година почна воениот конфликт во Македонија.
– Се пријавив како доброволец во една од безбедносните единици. Од една страна, сакав да бидам дел од службите што застанаа во одбрана на државноста на Македонија, а, од друга страна, ми се јави детската желба за униформа. Па си реков – или ќе загинам или ќе успеам. По завршувањето на конфликтот имавме перипетии, протестиравме за решавање на нашиот работен статус, очајно баравме вработување. На крај добив решение за работа во противпожарната служба. На почетокот ми беше чудно и тешко, јас бев единствена жена во таа служба, но еве поминаа многу години и сè уште сум тука – вели Билјана.

Измешани чувства

И не само што сè уште е на тоа работно место туку е и задоволна, без оглед колку тежок ѝ бил почетокот, колку стресни ситуации доживеала и преживеала и колку стравови однела дома. Вели дека секогаш ќе се сеќава на првиот работен ден и секогаш ќе го прераскажува како прекрасно доживување и почеток на нова приказна.
– Кога дојдов првиот ден на работа, колегите, сите мажи, беа наредени како сватови, како на смотра. Шегата настрана. Чувствата во тој момент ми беа многу измешани. Истовремено ми беше чудно тоа жена пожарникар, па уште и единствена во цела држава, и се гордеев, со резерва за тоа како ќе ме прифатат колегите, кај кои се гледаше изненадувањето дека вработиле жена во оваа професија. Но, тоа беше само изненадување и ништо повеќе. Навистина ме прифатија без никакви предрасуди и со текот на времето дури и им станав еден вид мотивација. Знаете, ако јас како жена, покажував храброст и решителност, тие беа уште похрабри. Веднаш почнавме со обуки во нашата станица, но и на терен, кога се интервенираше при пожар. Но, новите пожарникари одевме само како набљудувачи, што и беше дел од нашата обука. Првите неколку месеци учевме сè, од дојави на пожар до интервенции, од најситните правила за тоа кој каде се вози во камионите до проверка на исправноста на опремата и како се реагира и во најтешките и најспецифичните ситуации – раскажува единствената македонска пожарникарка.
Првиот пожар на кој интервенирала заедно со постарите колеги бил во Ергеле, каде што горела фарма, а првиот поголем пожар во чие гасење активно учествувала бил во скопско Драчево, каде што била запалена семејна куќа. И на двата пожара се сеќава како да биле вчера. Оттогаш се сеќава на секоја голема интервенција, на секое ризикување на сопствениот живот и на секој спасен туѓ живот.

Професијата е хумана, но со многу трауми

– Со текот на времето се стекнува рутина за она за што си обучен. Кога доаѓаш на терен, нема време за непотребни анализи. Веднаш секој го прави она за што е обучен и што му е задача. Најпрвин гледаме дали некој е заробен во објектот што гори за да го извлечеме, да се спаси живот, без оглед дали е човечки или станува збор за некое животно. Додека едни гасат, другите проверуваат дали има некој во објектот што гори. Кога ќе заврши интервенцијата, се враќаме назад и зависно од тоа што ни се случило на терен, има и емотивни реакции. Сме имале и многу тешки ситуации по кои во станицата ќе се изнаплачам. Имало и ситуации кои оставиле трага кај многумина од нас, ситуации и глетки кои не се забораваат, навистина трауматични ситуации кои јас не можам да ги заборавам колку и да сум храбра и обучена – емотивно раскажува нашата соговорничка.
На нејзините деца никогаш не би им дозволила да ја работат оваа професија. Ќерка ѝ Ангела сакала да биде пожарникарка како мајка ѝ, но Билјана била прецизна – не може. Вели дека желбата била голема, но ја разубедила зашто знае со што се нејзиното дете може да се соочи во оваа професија.
– Многу добро знам што сè може да се доживее при интервенции, било при пожар било при, да речеме, извлекување на превртено возило или нешто слично, и какви се траорни глетки ќе има. Јас сум силна и можеби и моите деца би биле силни во такви ситуации, но, сепак, колку и да е хумана оваа професија, не би им дозволила да ја работат.

Трогателни сцени, голем стрес

Ризикот што го носи оваа професија е многу голем. Го изложуваш на опасност својот живот, вели Билјана.
– Последиците кај мене по тешка интервенција со жртви и трауматични сцени се многу потешки одошто ризикот што го преземаме додека интервенираме. Всушност, сè е стресно во оваа професија. Уште самото ѕвоно, самиот аларм кога ќе го слушнеш – почнува стресот, зашто едноставно не знаеш кај одиш и што ќе најдеш таму каде што одиш да интервенираш – раскажува.

„Мама внимава на себе, не грижете се“

За тоа како ги спојува професијата и мајчинството, вели дека сега е тоа лесно секојдневие, но порано воопшто не било лесно, со одење во ноќни смени, на ризични интервенции, со постојани објаснувања: „Мама внимава на себе и нема зошто да се грижите“.
– Порано беа многу исплашени и загрижени поради мојата професија, но со текот на времето се навикнаа, а и веќе се возрасни. Стравот за мојата безбедност секако дека постои кај нив и денес, но поинаку го доживуваат. Сите се навикнуваат на тоа што го работам. Наскоро ќе станам баба, ќерката неодамна ја запросија и, да бидам искрена, многу ми е драго дека и зетот се гордее што се занимавам со многу хумана професија – раскажува Билјана.

Стресот и звукот на сирената си ги носиме дома, ама и гордоста

Службата е посебна приказна, вели Билјана. Тешко е, но со колеги кои се вистински професионалци, па уште и добри пријатели, сè е полесно, и да се истера смена и да се подготвува опремата и да се интервенира и на најкритични места, додава таа.
– Во текот на една смена имаме задолжителни проверки на опремата и на возилата за да ги предадеме во исправна состојба и подготвени за употреба за следната смена. Разликата е во тоа што во ноќната смена имаме т.н. пасивен одмор, но никако спиење, и тоа во строго определено време, зашто, нели, постојано мора да си на штрек дека треба негде да се интервенира, да се помогне.  Со колегите имаме убав професионален, па дури и пријателски однос. Ова е тимска работа и тоа влијае и врз односот меѓу нас и кога не сме на терен. Нема никакви замерки меѓу нас, си помагаме колку што можеме и приватно. Има ситуации кога како жена колегите ме поштедуваат, но има и такви ситуации кога колку и да сакаат, не можат зашто околностите наложуваат поинаку.
Морам да признам дека се навистина колегијални и џентлмени, ама не варат кафе – кафе јас правам – се шегува Билјана.
Бидејќи се постојано на штрек, а во ноќните смени нема спиење, туку само одмор за да можат да скокнат со звукот на сирената, тој стрес пожарникарите си го носат и дома. Но велат дека не се жалат, си ја сакаат професијата, спасуваат животи.
– Не кријам дека е тешко, но можам да кажам и дека сум многу горда на мојата професија. Горда сум и на тоа што децата ми се на добар пат, бидејќи тоа ми е најголемата желба, да ги гледам среќни.



912

X