Прашајте кој било родител што сака од своето дете. Мнозинството би одговориле: „Сакам моето дете да биде среќно“.

Да, родителите сакаат нивното дете да биде безбедно, знаејќи дека светот може да биде непријателско место и дека за да успее во животот, треба да развие одредени емотивни вештини и добро да се приспособи. Исто така, тие велат дека сакаат нивните деца да бидат љубезни, грижливи, почитувани, успешни и паметни. Ова се вредности што повеќето од нас ги имаат. Кој не би сакал неговото дете да стане љубезна, грижлива, успешна и среќна возрасна личнoст?

Но, дали навистина можеме да ги направиме нашите деца среќни? Дали можеме да ги натераме децата да бидат љубезни?

Не. Не можеме да ги натераме да направат нешто. Можеме да ги бакнеме, сакаме, гушкаме. Можеме да ги запишeме на илјадници активности, да планираме одмори и средби со другарчиња и да ги запишеме во најдобрите училишта.

Но, размислете за момент – дали „среќата“ е навистина нешто по кое трагаме?

Овој нагон што го имаме за барање на среќата кај повеќето родители почнува рано. На нашите мали бебиња им е дозволено да плачат и да нè будат во текот на ноќта до една годинa и 10 месеци. Потоа, кога ќе наполнат 2 години, имаме нови правила за нив: сакаме добро да се однесуваат, да слушаат, да ги следат правилата и да бидат добри.

Како што ги менуваме нашите очекувања за нашите деца, се чини дека влегуваме во пеколна фаза. Прекинувачот се исклучува и нашите слатки мали се претвораат во тешки, ирационални деца со многу барања. Загрижени сме дека ако не го спречиме нивното лошо однесување сега, тие ќе се однесуваат така засекогаш.

Можеби ќе ве изненади тоа што родителите често, ненамерно, случајно, ги спречуваат своите деца да пораснат во добро приспособени, сочувствителни, издржливи, среќни возрасни личности.

Родителите често мислат дека го прават она што е најдобро за нивните деца, а всушност ги блокираат потребите што се суштински за тоа кое е детето. А кога ги задушуваме овие потреби или едноставно ги игнорираме, свесно или несвесно, се обидуваме да ги обликуваме нашите деца и нивното однесување според некои претходно замислени очекувања за тоа кои се тие и кои ние мислиме дека треба да бидат. Ги негираме нивните клучни основи неопходни за секое дете да порасне во добар човек.

Со тоа што им застануваме на патот, ние ненамерно го саботираме нивниот развој, ја одземаме нивната способност да се разберат себеси, да го истражуваат светот на начин кој има смисла за нив и ја поттикнува нивната љубопитност. Ние им ја намалуваме нивната мотивација да учат. Им ја одземаме нивната доверба за да создадат односи, а најважно од сè, ја прекинуваме нивната способност да ги развијат емоционалните вештини потребни за да успеат на училиште и во животот. Притоа, не мислам на успехот за кој денес имаме тенденција да размислуваме: дека ќе бидат со сите петки, одлични спортисти, остварени уметници и одлични бизнис-иноватори – иако и ова може да се случи.

Она што сакам да го кажам под успех е: личност која се чувствува сигурна за да го истражува светот околу себе со возбуда и љубопитност, која не се плаши да прави грешки, која се чувствува доволно сигурна за да почне да се дружи. Личност која може да се справи со животот е мотивирана да учи, да се залага за себе и да се грижи за другите.

Звучи премногу добро за да биде вистинито?

Воопшто не.

Децата прават или велат многу работи кои од гледна точка на возрасните се чинат како ирационални, несоцијализирани и апсурдни. Многу навидум нелогични избори на нашите мали деца нè прават нервозни родители. Лесно можеме да се засрамиме.

Нашиот одговор?

Претеруваме, ги критикуваме или едноставно ги запираме. Како возрасни, сметаме дека нивното однесување треба да биде контролирано бидејќи се чини дека се надвор од контрола.

Гледаме дека децата на оваа возраст се некултурни, непослушни, имаат тантруми за ништо. Но кога ќе се видат со свежи очи, ова несоодветно однесување има смисла дури и за нас.

Што можат да направат родителите? Постојат шест клучни начини со кои родителите можат да комуницираат со своите деца:

– Дајте им чувство на сигурност и релативен ред на децата;
– Слушајте ги децата наместо вие секогаш да зборувате и да ги насочувате;
– Дајте им на децата слобода да играат и сами да истражуваат;
– Овозможете им простор и можност да се борат и да не успеат;
– Работете за подобро да сфатите каква личност е детето и што му е потребно на одредена возраст;
– Поставете му на детето граници и насоки.

Овие едноставни акции им даваат на децата силна основа да пораснат, во период кога штотуку почнуваат да се тестираат и да се разберат себеси во однос на другите и да одговорат и да управуваат со нивните сложени чувства.

Погодете што ќе се случи кога ќе комуницирате со вашите деца на овој начин. Одеднаш сме смирени да одговориме на она што навистина им е потребно во секој даден момент и доволно флексибилни за на нашите деца да им дадеме избор додека истовремено им обезбедуваме поддршка и граници.

Автор: д-р Това Клајн



912

X