Здраво е родителите да споделуваат дел од своите поплаки. Деновите се долги, а ноќите уште подолги. Животите на родителите се преполни со милион мали задачи и деца кои имаат свои потреби. Лесно е да се чувствувате потценето во родителството, па треба да започнете да ги учите децата да велат „благодарам“ и „те молам“.

Откако моите деца почнаа да зборуваат, ги научив на овие фрази, не затоа што сакав да изгледаат како добро воспитани, туку зашто сакав да ја спознаат благодарноста и да знаат дека има нешто навистина прекрасно и исполнувачко во ценењето на она што ви е дадено. Дополнително, се чувствувам како слуга наместо како нивна мајка ако не ми се заблагодарат за она ќе го направам за нив. Кога моите деца навистина ми се заблагодаруваат, ми се јавуваат позитивни чувства и подобро ќе се справам со долгата листа на обврски кои стојат пред мене. Па си помислив:

Дали и јас доволно им се заблагодарувам на моите деца?

Да, се изморувам од полнење чаши со вода, бришење носиња, собирање валкани чорапи од подот, но и на моите деца не им е лесно. Тешко е да се биде малечок, особено кога светот очекува да се однесувате добро поголемиот дел од времето и да бидете пристојни кога не можете ниту да прочитате реченица или да возите автомобил. Наутро, моето дете не сака да престане да игра и не можам да му ја сменам пелената и да го облечам. Но, кога ќе размислам, детето го прави токму она што треба да го прави: се заигрува и си ја користи имагинацијата, едноставно е дете. И ете ме мене, доаѓам и барам од него да запре бидејќи мораме да го однесеме неговиот брат на училиште. Сепак, се помирува со тоа и лежи трпеливо додека го пресоблекувам, а некогаш дури и се смее на моите будалести песнички и скокоткања. Најчесто навреме излегуваме од дома. Па колку често му се заблагодарувам што прави нешто кое очигледно не сака да го прави? Колку често му покажувам дека сум му многу благодарна што прекинува многу важна активност за да извршиме обврска за друг? Не доволно. Тоа е одговорот. Не се заблагодарувам доволно.

А мојот постар син, кој поминува 6 часа на училиште и потоа доаѓа дома изморен, се разбира дека не сака да ја заврши домашната задача откако цел ден го поминал во слушање инструкции и извршување задачи. Домашната задача изгледа како непотребна обврска за него. Но, и покрај сето тоа, тој си ја исполнува. Некогаш треба многу пати да го побарам тоа од него, но ја завршува. Секоја ноќ. И не му се заблагодарувам доволно за тоа. Кога им се заблагодарувам на децата, тие како да се осветлуваат. Се чувствуваат специјално во тој момент и мислам дека созреваат секојпат и се развиваат на значаен начин.

Заслужуваат да почувствуваат дека се ценети од моја страна. А кога им се заблагодарувам, се потсетувам себеси за тоа колку се навистина добри деца. Па, деца мои, ви благодарам за сѐ што правите, а знам дека ве нервира. Ви благодарам што ги завршувате работите кои ви изгледаат како прекин на важни моменти за вас, кога сте само деца. Во иднина, ќе согледате дека сум сакала само да ве научам на најдоброто. Ќе видите дека животот понекогаш се состои од завршување работи кои едноставно треба да се завршат. Ви благодарам што учите и мене да ми се заблагодарите, како и на вашите наставници, пријатели и меѓусебно.

Но, најмногу од сѐ, ви благодарам што сте свои. Вие сте такви какви што треба да бидете: слободоумни, креативни, љубопитни. Дали ви кажувам доволно колку сте прекрасни и колку е одлично чувството што ве познавам? Ве сакам до Месечината и назад и сум многу благодарна што ги поминувам овие луди, исцрпувачки, прекрасни години со вас.

Автор: Венди Виснер

Извор



912

X