однесување Прашај психолог

Две години живееме во друга држава и синот сѐ уште не може да се здружи со другите деца, бара да се вратиме во Македонија… Како да постапам?

ПРАШАЊЕ: Веќе две години живееме во друга држава, синот има 10 години и го вратија едно одделение назад. Многу е срамежлив, не може да воспостави комуникација со другите деца, јазикот го знае, но не е сигурен во себе и се плаши да не му се смеат другите деца. Почна да ми плаче дека сака да се врати назад во Македонија. Како да постапам за да го смени тоа мислење. Размислувам да го запишам на разни активности, но страв ми е да не му направам поголема одбивност. Поминуваме време заедно, разговараме, играме друштвени игри, ама пак нема никаква промена. Ве молам, кажете ми како да му помогнам.

ОДГОВОР: Преселбата во друга држава е една од најголемите животни промени со кои се соочува семејството, а особено детето. Ваквата промена кај децата често може да предизвика чувство на загуба, осаменост, анксиозност и намалена самодоверба, особено доколку детето претходно имало стабилни пријателства и чувство на припадност. На возраста во која е вашето дете, тоа веќе имало изградено чувство за себе во познатата средина и местото што го имало во групата. Затоа преселбата не претставува само промена на околината, туку и губење на еден дел од неговиот идентитет.

Често децата се приспособуваат надворешно, но не секогаш и внатрешно. Иако оди во училиште, го знае јазикот и ги исполнува секојдневните обврски и функционира во новата средина, емоционално детето може да остане поврзано со животот што го изгубило. Кога детето се соочува со чувства на несигурност, страв, тага или срам, природно е да се обидува да се врати кон она што му е познато и сигурно, и затоа често ви бара да се вратите во Македонија. Но, од друга страна, не значи дека детето не сака да се приспособи на новата средина, туку дека неговиот внатрешен свет сè уште се обидува да ја обработи загубата и промената низ која поминало.

Процесот на адаптација е индивидуален за секое дете и понекогаш може да трае и подолго од една година.

Во случајот на вашиот син, имајќи предвид дека поминале веќе две години, може да се добие впечаток дека надворешната адаптација во голема мера се случила, но дека внатрешниот процес на прифаќање, припадност и емоционално поврзување со новата средина сè уште трае.

Понекогаш ние, родителите, од желба да му помогнеме на детето побрзо да се адаптира, знаме да кажеме: „Види колку е убаво овде“, „Овде ти е подобро“, „Ќе најдеш нови другари“, „Треба само да се навикнеш“… и иако намерите се добри, детето може да почувствува дека неговата тага не е разбрана и прифатена.

Многу е важно да се именуваат и рефлектираат емоциите на детето и да се прифати чувството на загуба.

„Разбирам дека ти недостига, во ред е да ни недостигаат луѓето и местата што ги сакаме, но тоа не значи дека не можеме овде да создадеме нешто убаво.“

Што се однесува до интеракцијата со другите деца, на оваа возраст детето го гради својот идентитет преку односите со врсниците и местото што го има во групата. Во овој период станува особено важно чувството: „Каде припаѓам? Како ме гледаат другите? Дали сум доволно добар?“, па стравот дека ќе му се смеат или дека ќе каже нешто погрешно е сосема очекуван. Можете да прашате: „Што мислиш дека би се случило ако кажеш нешто погрешно?“ „Што е најлошото што го замислуваш?“

Доколку дома сте потенцирале или преку разговори со другите дека е вратен во помало одделение, може да се случи детето да почувствува дека е помалку вредно и способно, дека другите деца одат напред, а тој се враќа назад.

Во однос на активностите, не би препорачала да го запишувате на повеќе работи одеднаш со надеж дека ќе стекне пријатели. Тоа понекогаш може да создаде дополнителен притисок. Наместо тоа, изберете една активност што навистина го интересира, каде што фокусот не е на разговорот, туку на заедничката активност (спорт, цртање, роботика, музика…). Во заедничките задачи и интереси, пријателствата многу полесно се развиваат отколку кога од нив се очекува веднаш да започнат разговор.

Исто така, важно е да не го споредувате со други деца или со тоа каков бил порано. Охрабрувајте ги сите нови обиди да се приближи и да му пријде на некого, но без да правите голема работа од тоа. Создајте мали, предвидливи ситуации во кои ќе има можност да се поврзе со едно дете или мала група на деца, организирајте средби дома. Можеби има семејства околу вас за дружење кои минуваат низ истите адаптации, со нивните деца. И многу е убаво што дома играте и посветувате големо внимание и што на вашето дете му давате чувство на сигурност, но на детето му е потребен и предизвик за да направи чекор напред и малку да му е непријатно:)

Подразмислете, како се зборува дома за Македонија?

Верувајте во вашето дете. Ако ние како родители длабоко веруваме дека детето ќе го најде своето место, без да брза и без постојано да го спасуваме од секоја непријатност, детето постепено ќе ја интернализира таа доверба во себе.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top