Кога беше мал, мојот син ми рече: „Толку многу сум гладен, што сум жеден. Тоа ни јас не можев да го измислам“

Најдобрите афоризми за деца најверојатно во аманет ни ги остави Душко Радовиќ, писател, новинар и афористичар. Секогаш е убаво да се потсетиме на нив. Изгледа дека Душко го познавал секое дете подобро од неговиот родител, како и сите оние луѓе што победиле во тешката борба да не го изгубат детето во себе. Да се потсетиме на зборовите на прочуениот Душко Радовиќ, да ја запомниме барем секоја трета реченица, да му ја раскажеме на некој родител барем секоја десетта – и децата секако ќе бидат многу посреќни во нашиот сериозен и намуртен свет.

* Ако ги решите сите проблеми на вашите деца, тие нема да имаат друг проблем освен вас.
* Има многу сиромашни деца на кои родителите не можеле да им дадат ништо друго освен пари.
* Тепајте ги своите деца кога ќе забележите дека почнуваат да личат на вас.
* Да ги сакаме децата и кога се виновни бидејќи животот ќе ги казнува и кога нема да бидат виновни.
* Само децата што не слушаат можат да станат подобри од своите родители.
* Не воспитувајте ги вашите деца ако не умеете. Подобро е да се биде невоспитан отколку лошо воспитан.
* Едно предупредување до родителите: ако вие ги тепате вашите деца, тие ќе ги тепаат вашите внуци.
* За мене вистински деца се оние што уште не одат на школо, кои допрва почнуваат да учат, мислат и зборуваат. Всушност, единствено тие се оние здравите, автентичните, оригиналните и само тие ја имаат сочувано оригиналноста и во мислењето и во изразувањето.

* Тие немаат поим за ништо! Кога пишувам за деца и јас би сакал да сум толку чист и ослободен од своите калапи за да можам да зборувам од својата памет толку чисто и наивно… Не постои ништо подраго од мислењето на малите деца и начинот на кој го формулираат: тој секогаш е непогрешлив. Кога беше мал, мојот син ми рече: толку многу сум гладен што сум жеден. Тоа ни јас не можам да го измислам!
* Децата навистина се непогрешливи во своите формулации. Тоа е мојот идеал! Кога јас би можел да го правам истото…!
* Голема среќа и слобода на децата е тоа што тие навистина немаат никаква цел. Малото дете живее за денес, па да се наспие, па живее утре, па ќе се наспие и не е свесно за никаква цел. Мислам дека тие цели ги расипуваат луѓето, ги уништуваат животите и не ни даваат да живееме секој ден, туку во состојба сме шеснаесет години од животот да уништиме заради некаква мала предност. Старците на крајот од својот живот и немаат што да постигнат, па со самото тоа немаат ни цел. Кога нема големи цели, и малите работи стануваат важни.
* Колку само човек е во состојба да ги занемари прекрасните, мали работи заради некои свои цели што треба да ги постигне. Во име на нешто големо што ќе го постигне или нема да го постигне! Кога некој е мал или сосема стар, тој стои пред тој свет ослободен од сето она што би можело да му ги скрати тие мали животни радости. И најситното доживување некому може да му донесе голема радост, некому што живее во овој момент… и нема повеќе… и ништо не му пречи целосно да живее во тој момент.



912

X