Неодамна прочитав текст за функционирањето на семејството. Пишуваше „Сѐ е до организацијата е фраза која треба да се забрани со закон“.

Апсолутно се согласувам. Поаѓам од себе. Јас сум организирана личност. Во многу нешта претерувам, рака на срце. Секогаш набавувам премногу работи. Секогаш имам резерви. Се обидувам да мислам однапред, да подготвам сѐ однапред. Се обидувам да не ги одложувам важните работи. Се трудам да бидам подготвена на сѐ. Имам само едно дете, би требало да биде полесно. Но, сепак, не е сѐ до организацијата.

Јас сама го одгледувам детето и поради тоа вложувам повеќе труд за да го организирам нашиот живот и нашето време на најефикасен начин. Сите задачи за на училиште и за на работа ги подготвувам од претходната вечер. Неколку пати годишно ги прередувам детската облека и чевлите. Ја подарувам облеката што веќе е мала, планирам ново купување. На распродажба купувам за следната година. И така, од едно планирање до следно, често главата ми пука и не знам што попрво да направам. Напорно е, но само така можам да функционирам за да имам мирна совест. Знам дека сум го направила она што е во моја моќ за сѐ да биде како што треба. Всушност, не би знаела точно да го дефинирам тоа „како треба“, но да кажеме дека тука, според мене, спаѓаат здравјето, уредниот живот, доброто воспитување и образованието.

Оваа и минатата година патував неколку пати. Таква ми е работата, а од таа работа двете живееме. Не ми беше лесно. Мојата ќерка за тоа време престојуваше кај татко ѝ. Колку и да го сака и да се согласува со него, сепак, не ѝ беше лесно. Бидејќи од малечка научила дека постоеше нешто како „наша куќа“ и „куќата на тато“. Дури во последно време слушам како собата што ја добила кај татко ѝ ја нарекува „моја соба“.

И ете, организирав сѐ пред да заминам на пат. Ги спакував нејзината облека и нејзините чевли. Ништо не оставив на случајот, па и најмалиот детаљ беше подготвен. Наполнив и шишиња со вода за на училиште, за секој ден по едно. И не, не мислам дека тоа е глупаво. Знаев дека на татко ѝ може да му се случи да го заборави тоа. Ѝ спакував и грицки за ужина и уште нешто што сметав дека ќе ѝ биде потребно.

Организирав сѐ што можеше да се организира. Но, нешто не можев да организирам: својата душа. Некако си ставив во глава дека не може баш сѐ да биде идеално и тоа е во ред. Ќе се случи да бидеме разделени и никому нема ништо да му недостига. Јас ќе одам таму каде што морам, а таа кај својот татко, што е сосема во ред, бидејќи ја има потребната љубов и внимание. И тоа е животот, сите мораме да растеме и да созреваме, и таа толку мала и јас толку голема.

Но ете, душата не можам да ја организирам, сите оние фиоки каде што ги редам сите емоции, од среќа и задоволство, до тага и очај. Не можам да ги организирам своите мисли, на пример, да одлучам дека ќе размислувам позитивно, а само така можам да го преживеам овој тежок период. Сум се обидела, понекогаш дури и ми успевало. Но, често не ми одеше од рака. Не можам да одлучам дека нема да бидам депресивна. Односно можам, но која е таа борба, јас добро знам! Борба против осаменост, страв. Паника. Желба за сега во овој момент, да излезам од сопствената кожа. Се вртам во круг и со сите сили се обидувам да се смирам. Да се сетам на смислата на сето она што го правам. Да се освестам и повторно да бидам онаа реална, решена – јас.

Зошто сум јас сега тука, на илјада километри од моето дете? Зошто морам да ја гледам преку некоја апликација на мобилен телефон? Затоа што така морало да биде.

И ете зошто сите оние изјави и совети дека организацијата е најважна се само приказни. И ја поздравувам секоја добра организација на што и да е, бидејќи и јас сум таква и верувам дека добрата организација е половина успех.

Но, не можеме да ја организираме својата душа, емоциите, чувствата.

Но, би било добро, би било многу добро.

Автор: Владана



912

X