Децата имаат само една обврска во животот, а тоа е да си играат. Тие треба непрестајно да скокаат, да играат и да трчаат. Не е важно што некогаш ќе се повредат. Мозокот се развива со стимулација, а најголема стимулација е играта.

Она што сите родители треба да го знаат е дека детето на возраст од петтата до шестата година станува социјално битие. Тоа е важно затоа што родителите често одбираат погрешни спортови за децата, па така малечките на возраст од три или четири години ги запишуваат на фудбал. Тоа е бесмислено. Детето до пет години е себично, живее во свој свет. Ни неговите другарчиња го немаат кон него тоа чувство на пријателство што ќе го имаат подоцна, па според тоа, колективните спортови не се за деца под шест години.

Ако ги испратите на колективен спорт, можете да очекувате дека ќе ја земат топката и ќе одат од гол до гол бидејќи не умеат да играат тимски на таа возраст. Дури од шест години тие треба да бидат вклучени во колективни спортови и да развијат интеракција. И, се разбира, таа интеракција ќе биде многу подобра ако детето поминувало време со други деца. Друштво на децата им се другите деца, а не бабите и дедовците. Тоа не им е природна средина. Се случува мајка да ми донесе дете на преглед и да дојде со мајка си, односно со бабата на детето, па бабата да го има главниот збор. Јас ѝ велам: „Вие можете да зборувате за вашата ќерка кога е тука, бидејќи вие сте ја родиле и знаете сѐ за неа, но ова дете го родила друга жена и таа треба да зборува за него, а не бабата“.

Ќе се вратам сега на познатата Пијажеова теорија за развојот која вели дека детето треба да учи низ игра. Ние сега научивме дека тоа е единственото вистинско учење, преку моторните активности. Колку повеќе моторни и физички активности, толку повеќе ќе се развива и интелектот. Така, не треба да се седи дома и да се читаат книги по цел ден. Се разбира дека некогаш треба и тоа да се прави и дека е многу корисно, но мозокот на детето од претшколска возраст првенствено се развива низ вистинска игра. Се разбира дека тука не се мисли на видеоигри. Се изучувало како се развива и како изгледа мозокот на детето што поминува многу време играјќи видеоигри. Тоа е една редуцирана мозочна активност, а се развива само тој визуелен кортекс, каде што доаѓаат визуелните стимулатори, и тој моторен кортекс. Ништо друго не се развива.

Детето што си игра со другарчињата смислувајќи различни игри и приказни, ангажира различни делови од мозокот и тоа е она што му е потребно. Децата треба да ги водите во градинките, во игротеките, можат да одиграат некоја видеоигра, се разбира, но со тоа не треба да се претерува.

Со кој спорт треба да се занимава детето на претшколска возраст

Детето на претшколска возраст е индивидуа за себе и идеално за него е да трча и да вози велосипед. И да плива. Пливањето е еден од најкорисните спортови бидејќи ги активира рамномерно сите групи мускули, а истовремено се учи и дишење. Тоа е најдобар аеробен напор. Школското дете веќе може да биде дел од некои колективни спортови. Секако, не се препорачуваат фитнес-сали за децата од повеќе причини. Има доста докази дека оние што се занимаваат со екстремен напор имаат хипертрофија на срцевиот мускул. Кога ќе чуете дека некој млад спортист, дури и дете, починал на терен, тоа е најчесто последица од хипертрофија на срцевиот мускул.

Физичката активност е најдобра превенција од секоја болест, тоа треба да го знаете. Прошетката е благотворна за сите видови болести. А што се однесува до здравото детство, не постои баш и некаков рецепт. Здравото детство е она кое е во најголем дел во играта, интеракцијата со другите деца и родителите и уште еден важен елемент е квалитетната исхрана.

Д-р Бранимир Несторовиќ, за здравиот развој на детето за „ЛинкТВ“, Србија



912

X