другари Прашај психолог

Другарче го заплашувало син ми со полиција, го удирало, го терало да бара пари од нас, па сега не сака да излезе од дома… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 7,5  години и пред некое време почна да излегува надвор со другарчиња, дел од нив учат заедно со него. Деца како деца, имаа задевања, понекое несериозно тепање, манипулирање и така натаму. Последниве денови не сака веќе да излегува и да се дружи. Како причина го кажува едно од другарчињата. Го плашел со полиција, понекогаш го удирал, го терал да бара пари од нас дома, го исфрлал од игра зашто не знаел да игра фудбал… Ние дома му укажуваме дека мора да заземе став, дека мора да научи да се брани, дека не мора да игра со тоа дете ако не му е убаво, дека има и други деца со кои добро се согласувал, но секое зборување како да е залудно. Кога ќе го повикаат надвор, тој одбива да излезе. Мене како родител тоа многу ме загрижува и искрено не знам како да постапам? Пробуваме и со убаво, а искрено некогаш и закани користам само за да излезе, но сѐ е залудно. Ве молам совет како да постапиме.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Однесувањето на вашето синче е психичка реакција, т.е. одбранбен механизам кон околината што ја доживува како заканувачка.

Надвор децата често се соочуваат со различни ситуации кои не секогаш се лесни и едноставни. Во овие ситуации кои ги наведовте, кога детето е навредено и понижено, тоа се чувствува ранливо и несигурно и потребно му е време за да си ја поврати на еден начин својата внатрешна заштита. Тој се штити не само од другото дете, туку од чувството на срам, беспомошност, но и од стравот од повторно отфрлање.

Би било добро да му се дозволи да ја процесира болката наместо да биде принудено предвреме да се соочи со неа. Разбирам дека вие сакате што поскоро да го охрабрите и објасните, но бидејќи тој сѐ уште не умее, добива порака: „Нешто не правам како што треба“. И тогаш се чувствува уште помалку способен, па дури и погрешно разбран.

Тој разбира и знае дека надвор има и други деца и дека треба да зазема став, но тоа е исто како кога некој ви вели: „Направи машина од ова што е пред тебе!“. ги гледате сите делови, но просто не умеете и не знаете како. Тој знае дека чувствува нешто длабоко во себе, но сè уште не знае како да го изрази.

Разговарајте и прашајте: „Звучи како да ти било навистина тешко кога тоа се случувало… и можеби си се чувствувал неважен, дека немало кој да те заштити.“

„Кога не излегуваш надвор, од што се браниш?“ „Кој страв го чувствуваш, што те  спречува да излезеш?“

„Дали би сакал да ми покажеш каде во телото го чувствуваш тој страв кога повторно ќе помислиш да излезеш надвор?“

Кога на овој начин му помагате да ги изрази своите чувства (наместо само да ги објасните или да ја решите ситуацијата), тој почнува да стапува во контакт со своето внатрешно јас. И дури тогаш, кога ќе се чувствува безбедно во себе, почнува да се појавува неговата природна, здрава агресија: „Не ми се допаѓа ова“ или „Сега одам кај децата со кои се чувствувам подобро“.

Прашајте со кои други деца убаво се дружел, да се потсети дека со нив се чувствувал добро и прифатено.

Наместо да инсистирате да научи да се брани, обидете се да бидете простор во кој може да биде повреден, збунет и чувствителен. Децата на кои им е дадена дозвола да бидат ранливи развиваат стабилна внатрешна сила подоцна.

Од друга страна, како да му помогнете да биде „посилен“? Не го учиме детето веднаш „што да каже“, туку „што чувствува“.

Кога детето знае што чувствува во дадена ситуација – страв, срам, збунетост… тогаш полесно може да донесува одлуки.

Прашајте го: „Што посакуваше да направиш во тоа време, но не знаеше како?“

Охрабрете го да изразува блага агресија преку игра кога е активен. Со вас и со татко му играјте „борби со перници“, „борење во кревет“, играјте фудбал или некој друг спорт заедно, на начин да почувствува дека е „силен“, „победник“, „лидер“.

Играјте улоги, тој да биде другото дете, или различни ситуации вие да бидете тој, а потоа заменете ги улогите.

На овој начин нема да го учите да „биде силен“, туку му помагате да открие дека тој веќе е силен, само што сѐ уште не знае како и на кој начин да го најде тоа во себе. Кога ќе му го вратите чувството дека го гледате, го слушате и го поддржувате, тој ќе почнува да верува во себе. И тогаш работите ќе се менуваат.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top