Многу е важно од најрана доба да се создадат добри навики за хранење. Како и секој почеток, воведувањето нови намирници на менито за детето може да биде прилично непријатно искуство за родителите. Вие толку сте се обидувале да направите вкусен оброк за своето малечко, а тоа се мурти на секој ваш обид да му ја ставите лажицата в уста. Вистински среќници се оние на кои тоа од почетокот им успева, но не е ништо необично ако детето не покажува воодушевување за новата намирница, со оглед на тоа дека дотогаш (главно тоа е најмалку шест месеци) пиело само млеко. Особено се чувствителни доените деца бидејќи за нив хранењето не е само задоволување на гладот, туку и можност да се смират покрај мајката и да почувствуваат сигурност.

Кога ќе почнете да му нудите нешто ново на детето, изберете момент кога е добро расположено. Немојте да се изненадите ако детето, по упорно одбивање, еден ден само ја отвори устата и почне да јаде. Само морате да бидете упорни и помалку емоционално ангажирани – не сметајте го тоа за личен неуспех.

Целосно е очекувано дека ќе бидете загрижени ако секојдневно морате да се „борите“ со детето околу храната. Имајте на ум дека не можете да го присилите да го изеде она што ќе го ставите пред него. Најлошо би било да го казнувате детето, да провоцирате судир, да губите нерви и да создавате постојани судири околу храната. Наместо тоа, обидете се да пронајдете смирен пристап и настојувајте на детето да му овозможите да јаде со сопствено темпо, вели д-р Ричард С. Вулфсон во својот водич за родители „Зошто децата го прават тоа?“

Постојат неколку основни прашања кои родителите мора да си ги постават пред да тргнат во какви било преговори со детето. Прво е дали ве загрижува телесната тежина на детето. Имено, најчеста грижа предизвикана со пребирливоста во јадењето е дека детето нема да напредува како што би требало. Затоа, неговата телесна тежина нека ја проверува семејниот лекар – многу е веројатно тоа да се развива и да расте правилно. Понатаму, морате да бидете реални и да ѝ погледнете на вистината в очи: дали сте нервозни што оброкот пропаднал? Фрустрирачки е да се помине многу време готвејќи само за да го гледате детето како чепка по храната во чинијата. На почетокот од дохраната на детето ќе му давате еден главен оброк дневно (помеѓу 11 и 13 часот), а млекото, без разлика на новите оброци, уште ќе го сочинува најголемиот дел од исхраната.

Повеќето деца што се пребирливи при јадењето спонтано ја прераснуваат таа навика. Затоа заборавете на прашањето: „Има ли моето дете проблем?“ и немојте претерано да реагирате.

Еве уште неколку корисни совети: намалете ја количината на вода при готвење на намирниците, гответе поголеми парчиња зеленчук, бидејќи јадењето ќе има посилен сладок вкус, а бебињата го сакаат тоа. Ако забележите дека некои намирници (често се тоа мешункастите плодови) тешко ги вари желудникот на детето, односно создаваат гасови, направете пауза од две недели, а потоа повторно обидете се и за крај, запомнете дека не е добро да се мешаат премногу намирници одеднаш (најмногу три до четири вида).

Извор



912

X