Често слушам или читам како родителите гордо истакнуваат дека децата не им слушаат „турбофолк“. На социјалните мрежи наидувам на објави од мајки и татковци кои покажуваат среќа и гордост зашто своите деца ги извеле на вистинскиот пат, барем што се однесува до музичкиот вкус.

Со други зборови – бидејќи не слушаат „турбофолк“. Со трети зборови – бидејќи децата го слушаат она што и самите родители го слушаат.

Шунд и кич

Знам луѓе што на своите дечиња им ставаат слушалки на ушите и им ги пуштаат „Нирвана“ или „Рајмштајн“ за од малечки да ги научат „што е добро“. Знам и некои кои, освен со кашички, децата ги хранат со „Азра“ и „Битлси“ за „навреме да им влезат в уво“.
Сум слушнал и родители кои на своите тинејџери им даваат до знаење дека „додека се под нивен покрив“, нема да го слушаат Томпсон, но и оние кои под некој друг „нивен покрив“ на своите деца им се закануваат дека таму нема да го слушаат бендот „Хладно пиво“. Кога зборувам со познајници што се и родители, обично ги прашувам дали на своите деца им го наметнуваат својот музички вкус.

„Се разбира“ – самоуверено одговараат повеќето од нив – „па нема веројатно дома да ми слуша турбофолк (цајки)“. Притоа, цајката се смета за „невкус“ кој во тој тип на културолошки дискурс опфаќа многу повеќе од она што под тој презрен поим жанровски се подразбира. Некои со него ги зафаќаат и Томпсон и Северина, па дури и техно и хип-хоп.

„Цајките“ се своевидна шифра на освестените родители за активирање на моралната паника во однос на сето она од кое се згрозуваат во денешната музика, а што сметаат дека не би смеело да допре до ушите на нивните деца. Бидејќи е погубно, па да не им наштети. Родителското воспитување е ултимативно важно и како такво е чувствително, изискувачко и преполно со нерасплетени јазли. Каде да се повлече границата во изборот на детето на културните шеми и содржини кога еднаш самото ќе дојде во допир со интернетот? Треба ли да му се сугерира, па дури и наметне она што сметаме дека е добро за неговиот психо-социјален развој? Или да го пуштиме самото да се пробива низ целиот тој свет на шунд и кич со кој расте неговото опкружување?

Одговорност на родителите е под заеднички покрив да создадат амбиент во кој детето ќе ги впива соодветните морални и други вредности. Зборови, култура. Но, кога детето еднаш ќе тргне во потрага, не би требало премногу да го насочувате, а особено не да го спречувате.

„Твојата глава нека биде твоја грижа“

Од сопствено тинејџерско искуство, повеќето денешни родители би требало да знаат дека бунтовниот однос кон „родителската култура“ и конфликтот што од тоа произлегува во еден момент е неизбежен, дури и нужен при растењето. Затоа ме зачудуваат познајниците и пријателите кои на своите деца од малечки им ја наметнуваат „својата музика“, а подоцна кажуваат што „под нивен покрив“ нема да се слуша.

Кога сите тие мои познајници и јас бевме во годините во кои сега се нашите деца, речиси беше незамисливо, дури и засрамувачко во мала доза, да се слуша истата музика и да се гледаат истите филмови и серии како и нашите „старци“.

Се бунев кога мајка ми ќе почнеше да ми зборува за хитовите на „Битлси“ и „Кинкс“ кои во младоста ги слушала на „Радио Луксембург“. Одмавнував со раката на тие нејзини носталгични епизоди кои, со длабоко воздивнување, ги довршуваше со заклучок дека „ние денес не знаеме што е добро“, па за инает ѝ пуштав песни од „Дисциплина кичме“: „Тата, мама, тата, мама ја нечу с вама…“

Донекаде ги сфаќам родителите што денес гордо се фалат дека децата се нивна слика и прилика. Има тука некаков генерациски триумф кој на генерацијата на мојата мајка не ѝ се случил бидејќи ние подоцна растевме под многу поголемо медиумско влијание на поп-културата отколку нашите родители и затоа сме поблиски до нашите деца. Но, сепак, мислам дека децата, со сиот ризик, би требало да се остават сами да бараат и да го градат својот вкус, не само музички, дури и кога сме уверени дека е подобар и поприземјен од нашиот. Впрочем, зар и самите некогаш не пеевме: „Нека твоја глава буде само твоја брига, не дај да јој говоре, нека сама открије….“?

Родителската сенка – преголем товар

Се разбира, би лажел кога би рекол дека не ми е гајле што слушаат моите деца, гледаат или читаат зад затворените врати од нивната соба, кои им се идоли и што ги фасцинира. Би лажел и кога би рекол дека никогаш не го ставам увото на вратата од нивната соба за да слушнам што се слуша таму.
И, додека не го слушам синтетизираниот звук на „цајките“ и оној иритантен ритам тупс-тупс, се уверувам дека е добро. Но, ете, си ветив себеси дека нема со лутина да им влегувам в соба ако го слушнам тоа и дека нема да почнам да држам лекции од типот „додека сте во оваа куќа…“

Некако од овие пофалбени родителски објави сфаќам дека на многумина, нивните деца, тинејџери, им се како украси на ѕидовите на „Фејсбук“. Пофалбата за специфичниот музички вкус или некое друго постигнување на сопствените деца се претвора во родителско самопофалување, па и препишување на заслугите за правилно насочување на децата во „вистинската насока“.

Колку и да изгледа однадвор дека секоја нова генерација значително се разликува од минатите, сите тие деца на еднаков начин копнеат за самопотврдување. Постои точка на која треба да ги пуштиме самите да тргнат во потрага. Понекогаш ќе залутаат, но кој многу не лутал, тој многу и не барал.

Не треба да ги следиме во чекор, да им зборуваме кое движење е вистинското, а кое погрешното. Родителската сенка знае да биде преголем товар. Еднаш кога ќе го прашате што слуша, а тоа досетливо ќе ви одговори: „ни цајка, ни мајка“, тогаш би требало да бидете горди на своето одлучно дете.

Но, со тоа не би се фалеле баш сите на друштвените мрежи.

Автор: Мирослав Филиповиќ



912

X