Мајка тврди дека нејзината ќерка почнала да одбива храна откако нејзиното училиште ја класифицирало во група на деца со „прекумерна тежина“ во писмо до родителите. Девојчето е трето одделение, а сите ученици морале да направат тест за физичка подготвеност, при што на децата им биле мерени висината и тежината за да се одреди нивниот индекс на телесна маса, објаснила мајката на „Редит“.

„Тие им дадоа писма на сите родители на деца со прекумерна тежина. Но, им ги предадоа на децата со белешка да не ги отвораат, туку да им ги предадат на родителите. Децата се деца, секако ги интересирало што е напишано во писмото“, напишала таа во воведот на нејзината објава.

Мајката ја зела ќерката од училиште и веднаш забележала дека е во депресија. Ја прашала како си го поминала денот, но ќерката ѝ дала краток одговор.

„Постојано ја гледав во ретровизор и беше тажна. Дома ја прашав што се случило, на што таа се расплака и ми рече дека е дебела и треба да ослаби. Првата мисла ми беше кој го нарекол моето девојче така. Ја прашав зошто мисли така, а потоа ми го предаде писмото“, објаснила таа.

Во писмото се објаснува дека девојчето е еден килограм над здравиот индекс на телесна маса, што ја изложува на ризик од висок крвен притисок, дијабетес и низа други проблеми. Од родителите било побарано да ги одведат децата на лекар за да им помогнат да изготват план за слабеење.

„Моето дете има девет години! Отидовме на лекар и тој воопшто не коментираше за вишокот килограми, а инаку е отворен и ќе ме предупредеше ако го загрижуваше сето тоа“, продолжила мајката.
Мајката се обидела да ја убеди дека е здрава и дека нема потреба да слабее, но девојката почнала да одбива храна.

„Толку сум лута поради ова писмо. Сите на училиште знаеја што значи да се добие писмото, имено, го добиваат само децата што имаат проблеми со вишокот килограми. Колку е понижувачки. И самата патев од телесна дисморфија и се надевав дека на моите деца тоа нема да им се случи“, заклучила таа.

Многу родители ја поддржале и споделувале слични размислувања.

„Овде не се пишуваат писма, туку децата се мерат пред сите. Таквата практика треба да се укине“, смета еден човек.

„Не е во ред да се издвојуваат такви деца. Ако веќе има проблем, тој треба да се реши на посуптилен начин“, додава друг корисник во коментар.

Извор



912

X