Важно е и родителите да се „поправат“ себеси

Психолошките истражувања покажуваат дека во последните 15 години значително се зголемил бројот на деца што не се среќни, не покажуваат и не ја чувствуваат онаа детска способност за радост, безгрижност, креативност. Сè почесто добивам повици од барем еден родител кој прифаќа дека на неговото дете му е потребна стручна помош.

Кога таткото заминува…

Пред шест месеци Павле и неговата мајка ги напуштил таткото, сопругот. Оттогаш Павле има кошмари, слабо спие, а на училиште покажува полоши резултати во учењето. Оди во второ одделение и гордо кажува дека има „речиси девет години“. А само што наполни осум години пред три месеци. Откако татко му заминал, Павле не го видел. Она што ја влошува ситуацијата е тоа што тој ја скратил финансиската помош за мајката, па таа биле принудена да се врати во примарното семејство и да живее со поддршката на своите родители. Мајката на Павле, Ана, е под голем стрес и целосно ја презела одговорноста околу чувствата на Павле. „Кога сум јас под стрес, и тој е“, вели таа. Кај Павле јасно се уочуваат промените во однесувањето. Освен што лошо спие, заборава да ја напише домашната работа, што се одразува на оценките, отсутен е на час и се повлекува од дружењето со другите деца. Исплашен е за нивната иднина, размислува за работите што претходно не ги забележувал. На пример, не сака да му се купат нови патики, уште му се добри старите, а мајката гледа дека стапалото му пораснало за еден број и му излегле плускавци.

На терапија и мајката и детето

Работев заедно со Павле и мајка му. Се разбира, тоа беше посебен случај, но многу други родители што побарале помош за своето дете, а не се согласуваат да дојдат и тие лично на терапија, ме натераа да се потсетам и да го напишам овој текст. Пред сè, мора да се направи разлика помеѓу возрасниот и детето што доаѓа на терапија. Возрасниот човек бара стручна помош бидејќи сака да надмине некој проблем. Свесен е дека го има, многу е мотивиран да работи на себе. Кога се работи за децата, важно е да се направи разлика: дали детето мисли дека има проблем или тоа го мислат возрасните. Најчесто родителите (често и наставниците).

Затоа понекогаш е неопходно да се зборува со децата кога се сами, без присуство на родителот. Еднаш едно дете од 12 години ми пријави дека има проблеми на училиште, но тоа го негираше кога мајката беше присутна. Неопходно е да се разбере детската перцепција, но се разбира, да се вклучи и она што го забележуваат родителите. Кога Павле дојде со мајка му, беше неопходно да се почувствува дека зборувам со него, а не за него. Затоа го прашав: „Твојата мајка мисли дека си понекогаш тажен. Дали се чувствуваш така?“ Се согласи дека понекогаш е тажен. Морав да му дадам шанса тоа тој да ми го каже.

Ова води кон следното: детето никогаш не е проблем

Често ми се јавуваат родители кои ми зборуваат дека детето е проблематично и бараат да работам со него. Кога ќе им кажам дека работам со деца само под услов и тие да се во тоа вклучени – двајцата родители ако е можно, ретко повторно се јавуваат. Во работата со деца, како и сите други клиенти, неопходно е да се одвои емоционалниот проблем од детскиот идентитет. Тоа може и вербално и преку игра.

Владеење со емоциите

Едно девојче на возраст од седум години имаше страшни изливи на бес, што доведе до тоа никој во училиштето да не сака да се дружи со неа. Целото семејство беше насочено кон нејзиното однесување, избегнување ситуации кои би можеле да предизвикаат таа да добие хистерија. Самата ми призна дека прави проблеми. Веднаш прејдов на екстернализација, сакав да види дека таа хистерија е проблемот, а не самото девојче. Ја прашав: „Што би можела да му кажеш на тој бес кој почнува да те обзема следниот пат кога ќе почувствуваш дека доаѓа?“ Одговори: „Нема да те слушам, не сум јас твој роб“. Кога ја замолив да замисли како изгледа тој бес, рече дека изгледа како „немирно момче“. Потоа ја замолив во мислите да го намали на мала играчка и да го фрли некаде далеку низ прозорец. Се насмевна и рече дека ѝ се допаѓа што може да му го направи тоа. Научи на многу мала возраст една многу важна животна вештина, ја стекна способноста таа да владее со емоциите, а не тие со неа.

Тоа одвојување на проблемите од детето, или личноста, помага за развивање на НАБЉУДУВАЧКОТО ЈАС, оној дел ЈАС кој нè одвојува од погрешни емоционални рамки и ни дава контрола над емоциите, а со самото тоа и над однесувањето.

Децата се поотворени од возрасните

Ваквата работа со децата и за нив е забавна, ја прифаќаат, а значително влијае и врз формирањето на нивната самодоверба. Некои луѓе кога зборуваат со деца, зборуваат како со возрасни. Другите ги сметаат за незнајковци, како да се ментално ретардирани. И едното и другото е погрешно. Со децата треба да се разговара на нивен јазик, начинот на кој тие користат одредени изрази. Ние градиме наша терапевтска стратегија околу нивните интереси.

Со едно момче од девет години, кое сè уште мочкало во кревет, работев на тој проблем, а ниту еднаш не го споменав. Од разговорот со него и неговата мајка разбрав дека сака да игра кошарка со таткото кој живее во друга држава и дека често оди кај него со авион (еднаш месечно). Ги обожаваше тие патувања, особено онаа посебност на воведувањето во авион од страна на екипажот. Во разговор со нив споменав дека е интересно кога сакаш да дадеш кош и мораш да ги стиснеш ситните мускули на рацете, точно и добро за да го нанишаниш кошот. А го споменав и моето сеќавање во врска со летањето. Ме одведоа во кокпитот кај пилотот (пријател на сопругот), а тој спиеше. Се разбира, со авионот управуваше компјутер. Беше интересно како авионот лета баш како што треба дури и кога тие спијат. Се разбира, поентата не беше во кошарката и летот со авион, туку на тоа и дека кога спиеме, некои работи се под контрола, како што е мочкањето во кревет. Момчето набрзо престана со таа лоша навика.

Во разговорот со децата многу е важно да се пронајде тоа што ги интересира и да се зборува со нив на начин кој им е разбирлив. Користете хумор, метафори, имагинација. Смислувајте приказни или користите постојни бајки, басни, компјутерски игри… Раскажувањето приказни е најстар и најефективен начин да им се помогне на децата (а и на возрасните), кои се учат на правилните форми на однесување во животот. Со децата тоа е уште полесно бидејќи тие се природно склони на хипноза, сугестија, затоа што се отворени за учење.

Детето не живее во вакуум

Мајката на Павле страдаше од анксиозно депресивно нарушување, му недостигаше таткото, најдобриот пријател неодамна му се отселил. Неопходно е да се знае и следното:

Дали детето игра надвор со своите пријатели?

Дали има машки и женски модел кој е добар за него?

Дали децата се физички здрави, патат ли од некои хронични болести? Дали имаат проблеми со земањето храна, дали имаат можност да трчаат наоколу и да се занимаваат со некоја физичка активност? Дали се чувствуваат изолирани, или доволно сакани и безбедни?

Често околината е таа што има проблем, а не детето. Затоа и работам со родителите, како дел од терапијата. На Павле му раскажав многу приказни, му помогнав заедно со мајката да развие релаксирачки ритуали пред спиење. Почна да верува во тоа дека е сакан и добар, исчезна чувството дека е лош и дека затоа татко му заминал. Во училиште продолжи да се дружи со пријателите и по наставата и во училишниот двор, па децата почнаа да го покануваат на родендени. Се вклопи во реалноста дека татко му отишол.

Секогаш кога работам со децата, се сеќавам на зборовите од д-р Сус: „Личноста е личност, без разлика на тоа колку е голема“.

Автор: Лилјана Јагодиќ, клинички психолог



912

X