Воспитување

Децата се караат. Да се замешате или да стоите настрана?

Кој е најдобриот начин да се справите со деца што постојано се расправаат

Звукот на ескалацијата на гласовите, расправиите помеѓу децата – браќата или пријателите, предизвикува дилема за повеќето родители. Дали да интервенираат или да дозволат сами да си ги решат проблемите?

Некои родители веруваат дека ако ги остават децата, расправијата ќе се влоши и потоа нема да има никакво решение, додека други сметаат дека ако возрасните се мешаат, децата никогаш нема да научат да ги решаваат сопствените проблеми. Честопати личната емоционална состојба на родителот одредува кој пристап има најмногу смисла, во зависност од ситуацијата: оној родител што е под стрес, уморен или истрошен, ќе интервенира, ќе вика и ќе бара да се стави крај на расправијата, додека оној што е посмирен веројатно ќе ги замоли децата да пронајдат начин да ги решат работите сами.

Работите стануваат покомплицирани кога родителите се обидуваат да ги употребат и двата пристапа во една ситуација. Тие стојат настрана и набљудуваат одреден период, а потоа, кога веќе не можат да ја слушаат расправијата, се вклучуваат и нагло и налутено ја решаваат.

Вештини што мора да ги научат

Кога се разгледува кој пристап ќе биде најкорисен за долгорочниот емотивен развој на детето (а не само актуелната емоционална состојба на родителот), најефективниот одговор не е оној што е предизвикан од фрустрацијата. Одговорот на родителот за одреден конфликт мора да биде поткрепен со важна долгорочна цел – ова е можност децата да научат за почитта кон другите, за компромис и решавање на проблемите. Ова се вештини кои секое дете треба да ги научи за да стане високо функционален возрасен човек. Со овие цели, на прашањето дали да се интервенира, полесно е да се одговори: да, во многу ситуации родителите мора да интервенираат. Добра идеја е да се одложи интервенцијата кога расправијата е ситна и минлива, кога се чини дека децата се на пат кон решавање на проблемот и кога зборуваат тивко и учтиво без ескалација. Ако овие критериуми не се исполнети, корисно е да се интервенира, но да се научат децата, а не да им се реши проблемот.

Покажување емпатија

Децата, па дури и тинејџерите, често ги немаат потребните вештини или подготвеноста да ја видат перспективата на другата личност. (Всушност, и некои возрасни луѓе го имаат овој проблем). За нив е предизвик да согледаат дека грешат или дека другата личност е во право и тешко им е да признаат дека ја повредиле другата личност. Токму затоа е неопходна интервенцијата од возрасните – да им се помогне на децата да бидат помалку насочени кон себеси и да имаат повеќе разбирање кон другите. Учењето на овие вештини не значи да се прифати вината, туку тоа е одраз на емотивно растење. Ако сите возрасни имаат способност да покажат емпатија еден кон друг, тогаш светот сигурно би бил помирно место.

Помошта од возрасните не треба да дојде во форма на решавање на проблемот. Наместо тоа, најдобро е на децата да им бидат дадени потребните алатки за да го решат не само овој конфликт, туку и наредните.

Пример

Марко: – Ме удри Софи!

Софи: – Тој почна. Ми ја уништи лего-зградата.

Родителот: – Кажи ми што направи за да придонесеш за несогласувањето, а не што направи другата личност.

По ова, темите за дискусија би можеле да вклучуваат:

– Марко, што мислиш, како се почувствувала Софи кога ѝ ја уништи лего-зградата? Како би се чувствувал ти ако некој ти го направи истото за нешто што си работел напорно за да го создадеш?

Софи, кое е правилото за користење физичко насилство? Што мислиш дека треба да му кажеш на Марко за тоа што го направи?

Учењето на вашето дете да размислува за она што направило и што придонело за зголемување на проблемот е многу поважно од тоа кој почнал и кој е виновен. Колку повеќе интервенирате со поттикнување на саморефлексија, толку подобро вашето дете ќе биде во преземањето одговорност за сопственото однесување.

Децата и тинејџерите мора да научат како да ѝ стават крај на расправијата со позитивен став.

 

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top