Воспитување

Децата се како сунѓери: чувствуваат кога на мајката не ѝ е добро

Мајките кои се под притисок од сите страни мора да се потрудат да не им покажуваат на децата дека се под стрес, предупредуваат експертите. Се разбира, тоа не е лесно. Стресот денес е сеприсутен и сосема е разбирливо притисоците што ги чувствуваме, често и секојдневно, понекогаш да доминираат. Не е редок случај мајката, која се труди да им угоди на сите во домот, да покажува симптоми на вознемиреност, а често и депресија.

Дури и кога ќе ставите насмевка на лицето, децата знаат дека не сте добро

И кога тоа најдобро го криете од сите, вашите деца чувствуваат дека сте под стрес и може да се „заразат“ со него. Повремениот стрес нема да влијае врз вашето дете, па околу тоа не треба многу да се грижите. Но, долготрајниот стрес, анксиозноста и депресијата ќе остават големи последици врз него. Многу истражувања покажале дека нероденото бебе може да ги почувствува мајчините негативни емоции, па мајката која во текот на бременоста постојано била нерасположена, ќе роди нервозно бебе. Но, не остава траги врз детето само стресот во бременоста. Според Американскиот институт за стрес, мајчиниот стрес и негативните чувства може да преминат на детето во која било доба.

Децата се како сунѓери, па впиваат сè околу себе. Тие добро знаат кога мајката ги лаже и чувствуваат дали таа тој ден е под дополнителен стрес. Дури и кога ќе ставите насмевка на лицето, децата знаат дека не сте добро и постои опасност своите емоции да ги пренесете на нив.

Што ни кажува тоа?

Дејвид Коуд, автор на книгата „Децата впиваат сè: Колку родителскиот стрес е отровен за децата“, посочува дека нивото на хроничен стрес на родителите може сериозно да влијае врз детскиот развој и да резултира со „лошо однесување“. Многу мајки, за жал, нема да препознаат дека детското однесување има врска со тоа како тие се чувствуваат. И затоа мајките би требало да се фокусираат на тоа да останат смирени пред своите деца, тврдат експертите. Кога вие се чувствувате добро, на детето тоа многу повеќе му значи за неговиот развој отколку кога секој ден му велите дека го сакате. А за мајката да го постигне тоа и да го ублажи стресот што секојдневно го чувствува, мора да вложи голем напор да се грижи за себе.

Интересна информација за стресот на татковците

Постојат и некои интересни истражувања кои говорат за емоционалната состојба на татковците и нивното влијание врз децата. А она што е особено интересно е податокот дека татковиот стрес нема исто влијание врз децата како мајчиниот. Истражувањата покажале дека татковците не го пренесуваат својот стрес како што тоа го прават мајките. Се верува дека тоа е така затоа што татковците главно секогаш ги потиснуваат чувствата пред своите деца. Теоријата е дека децата навикнале таткото да е „добро“ и кога тој всушност не е, што не може да се каже за мајката. Мајките, по правило, многу повеќе и почесто ги покажуваат своите чувства, па кога се обидуваат да ги скријат од децата, тие го забележуваат тоа. Кога мајката ќе им каже дека е добро, а не е добро, тие го чувствуваат тоа.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top