Шест месеци по затворањето и врвот на пандемијата, дури 70 отсто од децата, почесто од порано, се чувствуваат тажни, загрижени и се преплавени со страв и други негативни емоции. Колку и да ни се чини дека децата не се вклучени во егзистенцијалните грижи, нивната состојба сепак се влошува, а како што покажале глобалните истражувања, тоа се должи и на падот на животниот стандард и зачестената загриженост на родителите. Децата гледаат и чувствуваат сè што се случува помеѓу четирите ѕида, иако не го покажуваат тоа „од прва“.

„Децата од целиот свет ни испратија јасна порака 6 месеци по пандемијата – со нив дефинитивно не е сè во ред“, вели Џастин Рубен, директор на компанијата „Родители заедно“, напоменувајќи дека милиони деца се соочени со криза во образованието и менталното здравје, па ако не преземеме нешто итно, генерации деца ќе доживеат непоправлива штета. Приближно 47 отсто од родителите изјавиле дека се грижат за менталното здравје на своето дете, а 45 отсто од нив имале повеќе предизвици поврзани со однесувањето на детето од почетокот на пандемијата отколку вообичаено. Истражувањата покажале и дека на децата најмногу им недостига можноста за дружење без грижа дека ќе се заразат – без разлика дали тие ќе му ја пренесат заразата на некој постар член од семејството, а многумина се загрижени дека нивните родители ќе останат без работа поради неизвесната ситуација.

„Досегашните искуства нè научија дека родителите се тие што во секоја криза можат да направат огромна разлика во начинот на кој детето се носи со проблемот, овозможувајќи сигурност, или пак продлабочувајќи ги грижите. Кога ќе се задоволат непосредните телесни потреби на вашето дете, клучно е исполнувањето на неговите емоционални потреби за да му се помогне да се справи со збунетоста, тегобите или стравот“, советуваат експертите.

Децата општо ќе „отскокнат“ ако во текот на некоја криза, па и пандемија, во своите животи добијат емоционална потпора од возрасни лица и ако научиле да се справат со емоционалниот стрес преку вештини и техники што им помагаат. Тоа може да биде телесна активност, различни хобија, методи за опуштање, но се разбира – најдобро функционира разговор и чувство на сигурност кое детето треба да го добие од двајцата родитела.

Затоа, родителската љубов и поддршка се толку важни: смирени родители поттикнуваат смирени деца.

Ако моментално не можете да бидете смирени поради околностите, ако сето ова ви е тешко, обратете се за помош кај експерт. Бидејќи, за да можете да им помогнете на вашите деца, морате да си помогнете себеси, односно да пронајдете начин да го намалите стресот, стравот од неизвесноста и тегобите. Нашите деца ќе излезат поцврсти од ова само ако имаат поддршка од родителите. „Од претходните кризни ситуации, на пример, од Татковинската војна, од која имам искуство со работа со деца и возрасните што доживеале траума, можам да кажам дека капацитетот на децата за заздравување, отпорност и посттрауматски раст може да нè изненадат. Во давањето поддршка на пациентите што доживеале трауми неретко сум била фасцинирана од нивната внатрешна сила. Некои деца успеваат во релативно краток период да совладаат значајни животни предизвици и да покажат извонреден капацитет, дури и за личниот раст.

Од друга страна, животните насоки на некои луѓе, по соочување со стрес и траума, значително се менуваат во негативна смисла. Во рацете на експертите за ментално здравје одговорноста е да се настојува да се ублажат последиците од кризите на менталното здравје на децата и возрасните, па да се даде соодветна поддршка на сите оние на кои менталното здравје им е нарушено. Она што го знаеме е како може да помогне важноста на психолошката помош за да се ублажат негативните последици и да се води сметка за ранливите категории деца и млади, што не зависи толку од возраста колку од други важни фактори – како разни трауматски искуства, квалитетот на поддршката од семејството, блиските односи, стабилноста на условите за растење… некои деца секогаш се ранливи и им е потребно посебно внимание од возрасните“, појаснува д-р Гордана Булјан Фландер, клинички психолог и психотерапевт, директорка на Поликлиниката за заштита на децата и младите на град Загреб.

И истражувањето на оваа поликлиника покажало дека регресијата во однесувањето, бурните емоционални реакции, повлекувањето во себе… се само дел од проблемите со кои се соочуваат децата и родителите, а 30 отсто од малечките покажуваат симптоми на посттрауматски стрес по карантинот.

Нема совети што одговараат за сите, но она што го прави родителството квалитетно вреди и сега: Пронајдете време за себе и за детето и за заеднички активности во кои сите ќе уживате. Водете сметка и за своите и за реакциите на детето, ако препознаете промени кои ве загрижуваат – побарајте поддршка од експерт. Пронајдете време и дајте му предност на разговорот над другите активности, особено за време на празниците. Водете сметка детето да остане поврзано со врсниците, а вие со лицата што ви се поддршка, а денес современите технологии ни овозможуваат да останеме блиски едни со други, иако не сме заедно.

Сетете се и на другите кризи што поминале и на сето она што ви помогнало да се справите со предизвиците – разговарајте со детето за неговите поранешни искуства и потсетете го како сето тоа поминало, а ќе поминат и предизвиците со кои се соочуваме денес.

И најважно – бидете нежни и кон себе и кон детето. Во околностите во кои се наоѓаме, грижата за себе мора да биде на прво место. Тоа нека биде нешто што вашето дете ќе го учи гледајќи ве вас – советува Ела Селак Багариќ, магистер по психологија во Поликлиниката за заштита на деца и млади на град Загреб.

Извор



912

X