Како пакистанско-американска мајка, Аила Малик, автор на „Мамо, дали сум Американка?“, знае колку е важно да разговараме со децата за концептот на привилегија. Помеѓу едногодишното патување низ светот со своето семејство и работата во непрофитна организација, Аила е одлучна во тоа да им помогне на децата да пораснат во сочувствителни и емпатични луѓе.

– Привилегијата може да се дефинира како олеснување што го имаме или заштеда од физичка работа. Постојат луѓе што имаат проблеми поради нивната етничка припадност, пол или економски статус. Кога во изјави го отфрламе постоењето на среќа или благослов, тогаш излегува дека направивме нешто посебно за да ги заслужиме нашите привилегии. Тоа е луксуз или избор колку напорно ќе работиме. Кога привилегиите ќе се сфатат како нешто лесно, тие лесно можат да доведат до себичност и недостиг на хуманост. Затоа, важно е да разговарате за тоа со деца, особено оние во повисоките одделенија и во средно училиште и да ги насочите кон вистинскиот пат – објаснува Аила и нуди неколку начини како да го направите тоа.

1. Покажете благодарност како семејство

Иако сите сме многу зафатени и лесно е да се изгубиме во сите наши одговорности, изразувањето благодарност како семејство е важен прв чекор. – Се обидуваме да ги научиме децата за привилегиите, емпатијата и понизноста, а сепак иронијата е во тоа што веќе мора да бидеме неверојатно привилегирани за да можеме да го направиме тоа – објаснува Аила. Според неа, децата сè уште можат да научат да изразуваат благодарност преку редовните разговори со нив за среќата што ја имаат.

Едноставен начин да сфатите што имате е редовно да се заблагодарувате за работите што вашето семејство ги зема здраво за готово. Пример за тоа можат да бидат и оние што ви се чинат банални, како можноста да порачате храна, тоа што имате интернет или што имате многу книги.

– Се трудиме да се радуваме за ситниците. Велиме: Погледнете колку се одлични и неверојатни овие работи. Ние постојано ја искажуваме нашата благодарност и среќа за она што го имаме. Да се биде благодарен за она што го имаш е многу важно – вели таа.

Покрај честите разговори, Аила предлага да направите семејна тегла со пораки за благодарност, да напишете писмо до некој што го сакате и да ги поддржувате или да ги охрабрите постарите деца да напишат дневник на благодарност што може да биде многу корисен за нивното ментално здравје.

2. Оддајте им почит на предците

Секое семејство има своја историја и секогаш почнува со оние што постоеле пред нив. Дали бабите и дедовците на вашите деца се преселиле во градот/државата каде што живеете? Бегале од војна? Дали тие работеле во фабрики и учествувале во работнички акции по војната? Важно е децата да знаат што морале да жртвуваат нивните предци.

– Помогнете им на децата да разберат и да направат мапа на работите што морале да се случат за да бидат таму каде што се. Обично тоа се љубезност, храброст, напорна работа или активизам на член на семејство што им овозможил на денешните деца да имаат повеќе можности и да се чувствуваат безбедно и привилегирано – вели Аила.

Запознавањето на децата со семејната историја ќе им помогне повеќе да ги ценат своите корени.

– Поентата е дека ако децата можат да видат и да чувствуваат благодарност кон жртвите што ги направиле другите, тие ќе им оддадат почит на „големите“ на чии рамена денес стојат – тврди Аила. Оддавањето почит на предците нè прави скромни, што е основна состојка на искрената добрина.

За децата, тоа е добар потсетник дека нивните предци не можеле да си дозволат луксузни одмори или најнов телефон.

– Мајка ми често велеше дека децата не се разгалени затоа што имаат многу работи, туку затоа што имаат многу работи и не сфаќаат колку се среќни што ги имаат.

3. Постојано работете на градење емпатија и активизам

Аила ја дефинира емпатијата како способност за разбирање и делење на туѓите чувства и користење сознанија за сопствените привилегии како мотивација да им помагаме на другите. Според неа, емпатијата се носи од дома.

– Нашата желба да се грижиме за другите и нашата планета ни помага да живееме посигурен, поздрав и поисполнет живот – вели таа.

Не е лесно да се научат децата на емпатија, па затоа Аила препорачува некои активности што можат да се прават дома:

– Обидете се да им објасните на децата „тешки“ чувства, да знаат кога се напнати и под стрес и да ги препознаваат овие чувства кај другите;

– Прочитајте книга или заедно гледајте филм и разговарајте за емпатијата (или недостигот од неа) кај главниот лик;

– Кога малите деца ќе направат грешка и ќе повредат некое друго дете, помогнете им да го увидат влијанието на нивните постапки врз другите, поставувајќи прашања: Што мислиш, како се чувствува? Како би се чувствувал ако некој тебе ти го направи тоа? Дали имаш идеја како да ѝ помогнеш на таа личност?

Развивањето на чувството на емпатија кај децата природно ќе разбуди страст за прашањата што се однесуваат на општеството и заедницата во која живеат.

Иако зборувањето за привилегии е нешто што сите треба почесто да го правиме, никогаш не е доцна да се почне. Децата сигурно ќе научат да ценат што имаат и ќе бидат поблагодарни.

Извор



912

X