Воспитување

Како најдовме компромис за видеоигрите: Сега сме семејство „гејмери“

Имав среќа да бидам дете на родители кои го поддржуваа мојот интерес за видеоигри. Разбираат зошто сакам да играм. Страстен играч сум и за мене е тоа повеќе од обичен начин за опуштање. Имам свои цели во играњето и работам на тоа секојпат да бидам сè подобар. Меѓутоа, не беше секогаш така. Порано постојано се расправав со моите родители за времето што го поминував пред екран. Беше потребно многу трпение и активна работа на тоа да постигнеме меѓусебно разбирање и компромис и нашиот дом да стане место каде што видеоигрите може мирно да се играат.

Помирување со видеоигрите

Татко ми почна да ме гледа додека играм и потоа се заинтересира за некои од моите омилени игри. Мајка ми слушаше кога ѝ зборував за тоа што правам во своите игри. Таа не можеше да ме гледа или самата да игра бидејќи ѝ беше мачно од движењата, но преку раскажување научи доволно за ликовите, па ме прашуваше за нив. Обожавам кога разговараме за тоа. Родителите ми дозволуваат многу да играм затоа што ги почитувам нивните правила: можам да играм додека имам добри оценки, се занимавам со спорт и поминувам време со моите пријатели.

Ако се расправате и вие со своето семејство за тоа, можете да се обидете да се изградите мир.

Почнете така што ќе го замолите вашето дете да ви покаже што сака да игра. Тоа е ваш дом, вие сте родителите, па ако не сакате да игра насилни игри, тоа е нешто што морате да му го дадете јасно до знаење. Прашајте го детето какви игри сака и зошто. Така ќе научите што му претставуваат тие. Можете да дознаете многу работи за вашето дете ако откриете што и како сака да игра. Ќе се изненадите колку ќе ви зборува за нешто што толку го интересира. Многу родители сметаат дека нивните деца поради играње видеоигри, ќе се затворат во својата соба и ќе се изолираат од светот. Тоа апсолутно не мора да биде вистина. Еве конкретно, кога јас играм, моите мајка и татко седат до мене, читаат или прават нешто свое, така што сепак сме заедно.

Исто така, секогаш ја оставам отворена вратата од собата, што дополнително им помогна на моите родители да сфатат дека видеоигрите не ги оддалечуваат луѓето, туку ги поврзуваат. Прашајте го детето со кого игра, постои ли некој тим? На пример, јас имам пријатели со кои постојано играм, вклучувајќи и еден кој го познавам во живо. Моите родители ги виделе сите односи со другите што сум ги остварил поради играње видеоигри и тоа дефинитивно придонесе да ме поддржуваат.

Но, исто така, согледаа и колку сум горд што сум добар во тоа. Видеоигрите не се лоши – може да бидат реален и корисен извор на самодоверба и чувство на успех. Без разлика дали се работи за правење нешто одлично како во „Мајнкрафт“ или развивање вештини преку играње против други играчи како во Фортнајт“, вашето дете ќе биде гордо поради своите способности.

Прашајте го детето дали е среќно за нешто што го остварило во некоја од игрите. Колку повеќе прашања ќе му поставите, толку повеќе ќе сака да ви каже. Веројатно тука ќе се најдат многу зборови кои не знаете што се, па бидете трпеливи и замолете го детето да ви ги објасни. Искрениот интерес и почит што ќе ги искажете кон детето во текот на таквите разговори многу ќе ви го зајакнат односот и ќе ве зближат.

За нас, работите значително се поправија кога моите родители престанаа да креваат врева и почнаа да разговараат со мене. Успеавме да најдеме компромис, па сега во саботите попладне тие седат блиску до мене додека јас играм видеоигри. Тоа, исто така, може да биде одлична поврзаност помеѓу вас и вашето дете. Обидете се. Тоа што цело време сте се расправале со децата за игрите не значи дека така мора и да остане. Заедно можете да ги промените нештата. Светот е поинаков од времето кога вие сте биле тинејџери и нема да се врати во таа состојба. Видеоигрите не одат никаде, па обидете се да останете отворени и да пронајдете нешто за кое можете да разговарате.

Затоа што моите родители и јас напорно работевме и научивме да правиме компромиси, сега сме семејство „гејмери“. Или барем семејство со еден „гејмер“ и двајца прилично упатени набљудувачи.

Автор: Август Шулц

Извор

Поврзани написи

To top