Може да се каже дека секојдневно ја слушаме реченицата: „Сакаме да земеме куче за детето“. Првото нешто што секој родител и потенцијален сопственик не само на куче, туку на кое било милениче, треба да го има на ум е дека тоа е огромна одговорност и дека таа одговорност стопроцентно отпаѓа на родителите, никако на децата.
Според тоа, со помош на насоките и воспитувањето на родителите, детето учи како да биде одговорно и како да се однесува кон кучето. Децата брзо се заситуваат, нивното внимание го привлекуваат и други нешта, училишни обврски, другарчиња, игри, спорт… Нивните интереси, активности и обврски се менуваат и со самото тоа не се, ниту пак можат да бидат одговорни сопственици. На некои родители тоа им е совршено јасно и сакаат да посвојат куче зашто го сакаат тоа и заради себе, а и заради детето.
Купувањето, а особено удомувањето куче не смее да се сфати едноставно. Прво нешто што треба да им се предочи е тоа дека кучето не се одбира затоа што е убаво, слатко, затоа што сте го виделе во некој филм или затоа што е популарно да се има куче. Кучето треба да го одберете според карактерните и физички особини кои одговараат на нашите можности и на стилот на живот. Ако имате мали деца, подобро одберете куче со средна големина. Минијатурните кучиња ретко се чувствуваат пријатно покрај мали деца токму затоа што се малечки, нежни и кревки.
Немојте да ги исклучувате кучињата од дневните активности откако ќе дојде бебе во семејството. Немојте грубо да го бркате ако е љубопитно затоа што на тој начин создавате негативна асоцијација кај бебето.
Чувањето куче е огромна обврска, особено ако сакате во тој соживот сите да бидат среќни. Кучето што врти кругови околу зградата наутро и навечер не е и не може да биде среќно куче. За куче треба да имате време. Нему му се потребни минимум три прошетки, од кои барем една е долга. Му требаат излети во природа, физичка и ментална активност, му треба активна вклученост во животот со семејството. Треба да го социјализираме, одгледуваме и учиме, затоа што кучињата не доаѓаат како готов производ во нашиот дом, особено не младите кучиња чии потреби и можности се многу слични со оние на децата.
Социјализацијата, воспитувањето и учењето се процеси кои траат и во кои треба да се вложат многу време и труд. Токму како што ни ние не сме се родиле учени и воспитани, така не се ни кучињата. Не можеме од младите кучиња да очекуваме за неколку недели или месеци да бидат совршено воспитани и послушни кучиња. И тие поминуваат низ свое „детство“, пубертет и полека се развиваат во зрели единки чие однесување не зависи само од генетиката, туку и од искуствата и трудот што сме ги вложиле во нивното воспитување.
Кучињата живеат од 10 до 15, а некои и повеќе години. Да се има куче е животен стил, а не моментална забава и престиж – „сите имаат куче, па мораме и ние“. Треба да се размисли за можните промени во текот на животот, дали би имало некој што би можел да ни излезе во пресрет и да ни помогне во ненадејни ситуации (болест, патувања, преселби…). Без разлика на тоа дали кучето е удомено или купено – тоа чини пари.
Треба квалитетно да се хранат, да се имаат предвид и ветеринарните трошоци, освен задолжителната вакцинација, затоа што и кучињата може да се разболат и да се повредат, а добро е да се вложат средства и во нивна едукација и школување. Кучињата се многу интелигентни, социјални суштества со емоции и потреби кои вие како добар сопственик мора да им ги задоволите.
Водич за купување и удомување куче
Ако сте одлучиле да купите куче, купете го од регистрирани одгледувачници.
Првиот чекор откако ќе го одберете кучето што го сакате, е да ја контактирате матичната кинолошка организација. Оттаму ќе добиете насоки и попис на одгледувачите. Но, и при овој чекор треба да бидете внимателни. Комуницирајте и задолжително погледнете го леглото – каде и како живеат малечките кучиња. Дали е присутна нивната мајка (а мора да биде!), дали живеат во чисто, дали имаат надворешни и внатрешни паразити, дали се добро нахранети, отворени, весели?
Добриот одгледувач самиот ќе ви предложи да ги погледнете младенчињата и да се запознаете со кучето пред да дојде во вашиот дом (не пред да наполни 8 недели). Кај одговорните и совесни одгледувачи, малите кучиња живеат во куќата или барем имаат пристап до куќата и на тој начин одгледувачот ги надгледува и така може да почне нивната социјализација, привикнувајќи ги на звуците од домаќинството, за малите кучиња да не се плашат во новата средина.
Кучињата од одговорните одгледувачи излегуваат прочистени од цревни паразити, вакцинирани против заразни болести, а за тоа добивате книшка каде што сè е евидентирано. Одговорниот одгледувач ќе ви даде на увид и потврди за здравствената состојба на родителите. Совесниот одгледувач одгледува кучиња од љубов, а не само заради изложбите или изгледот на кучињата. Внимава и на нивното здравје и на темпераментот на кучињата низ нивното воспитување.
Добриот одгледувач со причина ќе ви постави цела низа прашања и услови во кои ќе биде кучето и ќе сака да остане во контакт со вас. Можете да очекувате да ве праша дали имате деца и на која возраст се, каде ќе живее кучето, колку време ќе имате за него и сл. Ќе ви објасни што можете да очекувате од кучето, дали е соодветно за семејство со мали деца, колкав простор ќе му биде потребен, колку дневни активности…
Ако не ви се допадне тоа што ќе го слушнете или не сте сигурни дека можете да ги задоволите потребите на таквото куче, може треба да размислите за некое друго куче што повеќе ќе ви одговара.
Удомувањето е многу благороден чин, но исто така носи многу ризици ако имате мали деца. Затоа, треба внимателно да го одберете кучето и по можност да го запознаете подобро пред да се одлучите да го удомите.
Удомувањето е поевтина опција за луѓето што сакаат миленик, а не можат да платат за чистокрвно куче, или не се интересираат да го носат на изложби и сл. Мнозинството кучиња од засолништа одат во новите домови вакцинирани, чипирани и третирани против паразити и кастрирани.
Кога ќе удомите куче од засолниште, убав гест би бил кога би надоместиле дел од трошоците кои реално се обврска на секој сопственик.
Ако имате мали деца и сакате да земете мало куче, добро размислете дали сте во можност и дали ќе имате време и за децата и за миленичето. Малите кучиња не можат долго да издржуваат за нужда, на некои им се потребни неколку месеци за да ги совладаат хигиенските навики. Социјализацијата и одгледувањето мали кучиња се од исклучителна важност. Периодот за социјализација кај малите кучиња трае до 14/16 недела, но со социјализацијата треба да продолжите и по тој период.
Проблемите во однесувањето најчесто се јавуваат во првата година од животот и затоа е најдобро да ги превенирате, а не да ги решавате отпосле. Тоа е навистина напорен период затоа што кучето треба да види луѓе од различна возраст и со различен изглед, кучиња со различен изглед и други животни. Затоа, добро размислете дали би можеле да постигнете и со децата и со кучето.
Ако земете возрасно куче, распрашајте се кај луѓето од засолништето или кај привремениот чувар што знае за потеклото на кучето, од каде дошло, каде е пронајдено, какво му е здравјето, дали е вакцинирано, кастрирано, како се согласува со други кучиња и животни, какво е со деца, дали е дружељубиво или повлечено, активно или мирно, плашливо и во кои ситуации се чувствува непријатно и сл.
Ваша цел треба да биде да одбере куче кое вашите деца ќе ги сака на истиот начин на кој ве сака вас.
Што кога во семејство со куче ќе дојде и бебе?
Доколку веќе имате куче, а планирате да имате деца или бебето е на пат, потребно е кучето да го подготвите за новиот член на семејството, а со подготовките треба да почнете уште на почетокот на бременоста. Доаѓањето на бебето е голем настан кој може да ги наруши дневните рутини на кои е научено вашето куче, особено ако идната мајка е таа што најмногу се грижела за кучето.
Размислете за внесување промени во домот. Дали тоа ќе значи преместување на мебелот, а со тоа и можност за елиминирање на омиленото место на кучето? Направете го тоа порано и постепено навикнете го кучето на новото место.