„Како не разбира што преживеав?!“, ми рече пријателката, која е разведена и која од детето очекува да ѝ биде сојузник во нејзината болка. „Не треба да те разбере“, ѝ реков. „Ни себеси не може да си објасни што му се случило, како да го разбере твојот свет?“
Неодамна, во моментот кога моето дете малку драматично ми рече дека ние „сме му го уништиле животот со разводот“, не беше првпат да ми се појави нагон да му паметувам за тоа колку го сакаме, дека така сме одлучиле, дека не се согласувавме… како и милион вакви и милион такви работи…. Овој пат му кажав дека не разбирам како му е. И најискрено го мислев тоа. Син ми ме погледна зачудено, не очекувајќи такво нешто.
Се потпрев, се замислив и гласно реков: „Навистина не разбирам низ што поминуваш… Јас сум разведен родител, но не сум дете на разведени родители“.
И така е… Јас само ги гледам последиците што разводот ги остави првенствено врз мојот живот, а потоа врз животот на нашето дете. Може да тргнам само од претпоставки. Но еден ден кога синот ќе има 30 и нешто години, можеби ќе седне и ќе тргне лавина од сето она што нам како родители ни се провлекло како грешка. И ни се провлекло.
Секој се занимава со интерпретација на светот и животот од своја точка на гледање. Длабоко во сите нас има море од емоции, дефиниции, нерасчистени работи. Како родители се занимаваме со тагата, лутењето, презирот и купишта разурнувачки работи во процесот на разводот, во кој сакаме да го добиеме детето за себе, знаејќи што е неговиот најдобар интерес.
Тоа е нашиот интерес.
Сакав детето да остане со мене, сопругот сакаше да остане со него. Секој избра свој начин да ја оствари желбата.
Од мое гледиште, тогаш најнормално ми беше да продолжи да живее со мене. Јас не можев без него да го замислам својот живот. Природно ми е да продолжиме да сме неделиви како што е од денот на неговото раѓање.
Неговиот татко се распаѓаше кога доби средби и дружења. Понекогаш ми ги ставаше под нос, дека не знам како изгледа кога тие се лимитирани и дека јас, со оглед што доминантно живеам со малиот, треба да го направам тоа и тоа и тоа… се разбира, од негово гледиште.
Имавме пресуда, календари со датуми на празниците, државните празници и спогодба. Го мразам зборот спогодба. Теравме напред како цивилизирани луѓе, кои се договориле за сè. Toa сè е животот на нашето дете…
А детето?
Се затвори во школка и набљудуваше. Од тој ден неговиот живот тргна наваму-натаму и така трае со години. Во меѓувреме ја променивме одлуката и синот сега со мене има средби и дружење, а живее со татко му. Календарот и натаму е тука, спогодбата и понатаму важи.
Приказната на мојот син не се знае докрај.
Не знам како е да размислуваш секој ден дали имаш сè во ранецот што ти треба за во другиот стан…
Не знам како е да размислуваш за тоа како да му кажеш на другарите од каде да те соберат и во кој кварт ќе се најдете, дали си кај Стариот или кај Старата…
Не знам како е да внимаваш дали си коректен и да внимаваш дека нешто ќе ти излета од времето што го поминуваш со другиот…
Не знам како е да се разбудиш во еден стан, да појадуваш, да отидеш на училиште и да дојдеш во другиот стан на ручек и да ја напишеш задачата, па потоа да се вратиш во првиот стан да вечераш…
Немам поим, но му симнувам капа.
Често знам да си замислувам како некој мене ме преселува во рамките на еден работен ден од едно на друго работно место… и да ми се условите за работа не знам колку добри, би пукнала со текот на времето. Секој ден сè повеќе мојата свест за тоа станува поинаква. Дури сега, по толку години живот од распаѓањето на семејството што некогаш бевме.
Немам емоции кон завршениот развод, веќе не ми се битни ни причините, одработени се сите часови на анализа и исплакани се сите солзи на тага и жал. Но, засекогаш ќе имам емоции кон своето дете што го преживеа тој развод.
Да влеземе во чевлите на нашето дете
Секој родител би требало да ја остави настрана својата состојба, своите убедувања и да се стави во чевлите на своето дете. Да го погледнеме од детска перспектива неговиот ден, недела, да ги погледнеме празниците…
Не сакам да зборувам за оние што презеле сè за да го исклучат другиот родител од животот на детето. Тоа е нешто што не можам да го сфатам и одбивам кога било да го сфатам. Многу пати едниот родител има потреба, поради своите рани што крвават, да направи сè за да добие златен медал, а притоа оној другиот да добие прописна казна која ќе ја памети цел живот. Не го разбирам тоа.
Ако некој и ми бил најлош партнер во животот, не мора да биде и најлош родител.
Автор: Лидија Шпанчиќ, дипл. социјален работник