Ако на детето му викате да престане да вика, тоа нема да ве слушне. Проверено.

Се сеќавате на онаа реклама: „Колач во тава? Невозможно!“ Ете такво чувство во мене предизвикуваат луѓето што кажуваат дека и моите деца ќе пораснат и ќе бидат мирни. Мојата омилена лекција на Марија Монтесори е дека децата слабо реагираат на команди и наместо да им заповедате, секогаш е подобро да им дадете објаснувања. „Не лижи го подот, да не ти дојдам таму!“, или „Ние не лижеме подови. Подот е валкан и можеш да се разболиш“. Што би послушале вие?

Ако сте за брзо и краткорочно решение, оваа прва закана може да ви послужи. Само што по извесно време и малото дете ќе сфати дека во тоа „да не ти дојдам таму“ нема вистинска опасност. Па ќе продолжи да прави што сака – против вашата волја.

Вториот модел носи долгорочни решенија, но проблемот е во тоа што до него долго патувате. Тоа е секојдневно перење на мозокот, тренирање на нервите и впивање енергија. Но, од силните приказни, на крајот му влегува на детето во умот. Трикот е родителот да не се помести од умот.

Отсекогаш сум мечтаела да бидам трпелива, добра, најдобра мајка на светот. Веројатно тоа го посакува секоја жена што сака да стане мајка. Кога дознав дека сум бремена првиот пат, Жму и јас постигнавме договор да бидеме внимателни родители кои умеат да постават граници, така што единствено љубовта ќе биде безгранична. Кога се роди таа, со центрифугална сила ме вовлече во некој друг космос и оттогаш не сум веќе истата.

Нашиот договор за поставувањето граници не падна во вода. Но, во зависност од условите, публиката, трпението и (заедничкото) здравјето, е приспособуван. Едноставно, кога си мајка и кога си татко, и да си истиот човек – не можеш секогаш да изреагираш исто во различна ситуација. Кој вели дека може, лаже. Особено кога дома имаш две бебиња на различна возраст. Да, тогаш се роди тој и ме завлече уште посилно во другиот космос.

Балансирај: помеѓу пелени, широко повивање, нокшири и „ќе сакаш следниот пат да ѝ кажеш на мама дека ти се мочка?“ Помеѓу доење и играње на под со коцки. Помеѓу љубов и грижа на совест.

Сите нè прашуваат:

– Како се снаоѓате?

И јас секогаш имам некој романтичен одговор бидејќи она „практичното“ во целата ситуација е прилично несоодветно.

– Само ја надминуваш секојдневната криза од десет минути кога и двајцата плачат и потоа сè е добро – велам.

Но, таа криза, мајко мила!

Почнува обично додека него го дојам или со неговото алармантно будење бидејќи е гладен. Ако е таа будна, некако ќе се договориме дека тоа ќе бидат (колку-толку) мирни 7-10 минути. Но, ако тој со својот вресок ја разбуди…

Настанува катаклизмична сцена од научнофантастичните филмови. Со солзи, пот, врескање, развлекување на кожата на мајката и нервите низ целата куќа. Тоа е оној момент кога треба да се одлучи кое дете прво да се смирува. Кога треба да се разбере кое дете кого вознемирува. (А главно е обострано кога е во прашање плачењето. Како што велат, верижен судир).

Нема ден а да не се сеќавам на поговорката на една баба од соседството:
Додека детето на ум, родителите – надвор од умот!

Бидејќи тогаш така се чувствувам, како да ми недостига само еден мал допир со прстот, па да се поместам од умот. Да се извадам од памет. Да излезам од својата кожа. И тогаш, за да не се слизнам, јас викам. И тоа, се разбира, има контраефект. Неодамна некаде прочитав дека вознемиреното и расплакано дете е во хаос од емоции што не ги разбира. Работата на родителите е да го смират, а не да му се придрат на тој хаос.

Ситуација: постарото бебе по петти пат се соблекува и трча босо по плочките, додека помалото вреска бидејќи има грчеви. Постарото бебе е вознемирено од плачењето, па почнува и тоа да плаче. Покрај тоа, мајката ја опоменува да не се соблекува веќе! Бебето в раце го вознемируваат наредбите на мајката и немоќта во гласот, па уште повеќе почнува да вреска. Тоа е вресок кој го тера босоногото постаро бебе да вресне уште погласно!

И сега јас, како секоја добра и трпелива мајка на работ од разумот, ја повикувам Марија Монтесори и апсурдот во нашиот дом, па на цел глас викам: „Во нашата куќа не се вика! Ние не викаме!“

Мајка за пример, што би се рекло.

И тоа е оној момент кога ќе се отрезниш, кога ќе поминат проблематичните десет минути. Ми станува смешно и тоа громогласно смеење навистина ме турка од работ – но на страната на разумот и чувствителноста. Овде е мирно, овде „колачот во тава“ – рекламата звучи можно. Бидејќи: вреди да се сочува умот за децата, затоа што на крајот сè се претвора во спомен или приказна.

Дури и кризата.

Автор: Србијанка Станковиќ



912

X