Јаде ли детето додека гледа цртани или воопшто не јаде? Изборот е прилично лесен

Моето прво дете беше голем „нејадач“. Толку голем, што тоа нè доведе до психолог за исхрана. Ни психологот не помогна. Ѝ објаснувавме дека на мојата ќерка ѝ се гадеше од храната што имаше одредена текстура, дека не сака да јаде со прсти и дека поголемиот дел од вкусовите ѝ се одбивни. Објаснувањата што ги добивме не сакам ни да ги напишам. Ги потиснав. Намерно. Во најлошиот кошмар на секој родител, ни помогна градинката.

Се сеќавам како исплашена им зборував на тетките дека таа ништо не јаде и се плашев дека ќе гладува. Не гладуваше. И денес нормално јаде. Не се и не многу, но доволно.

Дојде и другото дете и одлучив да извојувам победа над исхраната. Започнав битка вооружена со нови идеи и сознанија, домашни намирници и трпение. Капитулирав дури пред да стигнам да се загреам. Сите симптоми ми беа добро познати.

Уште еден штрајкувач со глад. Дали е тоа можно? Го заклучив она што се нудеше само од себе. Некаде погрешив. Свртив во погрешна улица. Дали е можно да се добијат чисти 2/2? Нешто тргнало наопаку. Но, тоа што имав доволно широки погледи за самата да си ја признам вината не беше од никаква помош.

Кашички, играње со храна, големи парчиња, згмечена храна… ништо не ни одеше од рака. Низ еден краток период се наметна фактот дека детето е очигледно вегетаријанец, бидејќи при секој контакт со месо тоа буквално ја повраќаше храната. Но, затоа гурмански уживаше во сув, незачинет ориз, а нè развеселуваше и повремено грицкaјќи компир и морков.

Но сè околу нас, над нас, на друг континент, беше поинтересно од она во чинијата. На предлог на педијатар, која заклучи дека детето едноставно е понапредно во исхраната од вообичаено (подготвен е за храна за возрасни), му купив пилешки копани. Децата обожаваат да јадат копани, ми рече таа. Копанот беше сервиран, а мене ме облеа дожд од надеж кога го видов како зема копан поголем од неговата рака и почнува да јаде парчиња месо. Тоа ќе беше фејсбук-момент да не го плукаше секое парче месо што го одгризуваше. Гризни-плукни. Гризни-плукни.

И таа силна потреба постојано да биде некаде, да прави нешто, нешто што не е ручек, појадок… И така, малку по малку се наметна она што често гледам дека родителите го осудуваат на друштвените мрежи. Цртани филмови. Безброј пати сум прочитала како нечие дете јаде додека гледа цртани, а потоа следувале исто така безбројни коментари на вознемирени мајки, па и понекој позитивен коментар полн со разбирање.

И додека децата на тие мајки  гледале цртани само еднаш месечно, и тоа ако не си играат на сонце или во дворот на баба, моите деца секој оброк го започнуваа длабоко насочени во таблетот. Ако мислите дека вашето дете зјапа во цртаните, немате поим што значи тоа. Уште не седнати на маса трчаа по таблетот. Едно нешто што беше позитивно е тоа што малку по малку нашиот син, кој штрајкуваше со глад, почна да јаде. Менито се прошири на јајца на сто начини, похувани шницли, понекое вариво… имаше и лоши денови кога доста работи ќе летаа од уста, па можеби беа прифаќани по третиот обид. Додека погледот му беше залепен за цртанот, беше полесно нешто да се стави во устата, бидејќи мислите му беа некаде кај прасето Пепа, чии епизоди ги научив на сите јазици.

И додека читав расправии на „Фејсбук“, секогаш се наоѓаше некој што ќе го напишеше истото што и јас го мислев, па немаше потреба од коментар. Бидејќи сите што немаат проблеми со хранење на детето, немаат поим што значи тоа. И што ние другите би дале за тоа дете нешто нормално да изеде. Дури сме стоеле на глава и сме играле на дожд и сме набавиле солзи од еднорог. Сме купиле и витамини и сме ги воделе на прегледи и на свеж воздух и во дворот на баба и сме ги забавувале и мотивирале на сите можни начини. Цртаните не ми беа прв избор, но излезе дека се најдобриот избор. Како што поминуваше времето, забележав дека на масата или нешто читам или сурфам на мобилниот телефон додека децата зјапаат во таблетот.

Навистина, се навлекуваат и кога на тоа објективно ќе се погледне изгледаме како некои три отуѓени мутанти што немаат за што да разговараат.

Но, сопругот и јас мудро одлучивме на тоа да му ставиме крај. Дали е можно двајца мали зависници да се одлепат од екранот и да успееме да го нахраниме барем едното од нив? Наместо таблети, почнавме со оброкот да нудиме хартија и фломастери. Тоа беше баш забавно. Масата изгледаше како воено поле. Пластелин. Боенки. Разговор. Игравме со овошје. Го смислувавме невозможното и го претворавме во возможно.

И таблетот во неверојатна една недела одлета од нашата маса. Еден ден веќе не доби повик за ручек. Само така. Па, потоа не ни доаѓаше на останатите оброци. По тој момент на просветлување се сетив на силните критики дека децата веќе никогаш нема да знаат да јадат без ТВ. Дека тоа не е добро. „Моите деца вака“, „Јас никогаш не би..“, „Сигурно постои начин“, „Тоа создава зависност“. И почнува фејсбук-каменувањето бидејќи ако не си супермајка, не си никаква мајка.

Не е здраво. Зошто? Тие 40 минути на секој оброк нема од нив да направат деца што ќе не можат да се движат и ќе седат во куќата по цели денови. Поради тоа нема да станат дебели, само ќе бидат помалку ненахранети (барем моите). Здравите навики не се засекогаш изгубени ако не се практикуваат постојано. Можат повторно да се создадат. Понекогаш е потребно да се „скршне од патот“, за повторно на него да се вратиме. А би било убаво понекогаш да се скршне од него и без глупави коментари.

Цртаните не се полесен излез за лошите мајки и мајките што не сакаат да се трудат многу околу своите деца. Бидејќи јас на трудот му дадов ново име. Цртаните се понекогаш единствениот излез. Спас. А кој не ја држел Пепа за рака додека потонувала, не знае за што зборувам. Сега веќе полека заборавам на нејзиното гровтање. Заборавам на Коко Мелон и останатата екипа, иако ќе треба малку повеќе време за засекогаш да заборавам на „Бејби шарк“. Така што, можно е. Да се гледа, па да не се гледа. Има живот и без цртаните во текот на ручекот, но без цртаните на ручекот дежурните коментаторки не би имале смисла.

И денес, некогаш во ресторан, кога ручекот со пријателите ќе се одолжи, го вадиме „стикот“ и работата е решена. Да, како што ние некогаш, пред 25 или 30 години, седевме со нашите родители во кафуле и ресторан и немавме никаква забава, а бевме добри или мирни? Можеби, но ни било бескрајно здодевно. Ги преколнував секој момент. Да имало тогаш мобилни телефони, и тие би ни ги дале нам.

Затоа, гледајте цртани ако тоа помага, снаоѓајте се како знаете, јадете и уживајте, не судете и не гледајте во туѓата чинија, бидејќи некогаш е полна со проблеми. Туѓи, не ваши.

Автор: Сања Бубало



912

X