Воспитување

Детето е татко на родителите

Овој збунувачки наслов е всушност парафраза на познатата реченица на Сигмунд Фројд: Детето е татко на човекот. Во таа изјава се содржи смислата на психоанализата – дека каков човек ќе стане некој, зависи од тоа какво дете бил. Во овој наслов смислата е во тоа дека тој ќе ги воспитува своите деца како што бил воспитуван како дете.

Многу истражувања покажаа дека еден од важните фактори што влијаат врз обликувањето на нечиј стил на воспитување е токму начинот на воспитување на таа личност во неговото детство. Во таа смисла, постојат луѓе што се задоволни од начинот на кој ги одгледале нивните родители и има и такви што не се задоволни.

Добриот пример се повторува

Оние што се задоволни од начинот на кој ги воспитувале нивните родители го повторуваат истиот начин со своите деца. Ако се вратиме стотици години наназад, родителите од тоа време ја поминале истата шема на воспитување од генерација на генерација. Во таа смисла, дадениот начин може да се следи како образец што се пренесувал низ генерации и кој бил дел од културните обрасци од тоа време, односно традициите. Резултатот е дека во време кога немало телевизија и интернет, ниту различни педагошки прирачници, луѓето што биле неписмени едноставно знаеле како се воспитуваат децата.

Ова се објаснува со тоа дека децата се сеќаваат на нивните родители и нивното однесување, така што, кога и сами ќе станат родители, ќе го повторат образецот. Психичкиот механизам што учествува во ова е поистоветувањето, односно идентификувањето. Ова значи дека кога ќе пораснат тие деца, ги активираат сеќавањата на родителските постапки, но овој пат не од позиција на дете, туку од позиција на родителот со кој се поистоветува.

Постојат и „спротивни“ грешки во воспитувањето

Претпоставуваме дека пренесувањето на ова едукативно знаење не било само свесно, туку во најголем дел несвесно. Се подразбира дека не се повторувани само позитивните делови од образецот, туку и некои дејства што биле негативни или што би ги оцениле како негативни од сегашна перспектива.

Родителите што не се задоволни од начинот на воспитување на кој биле изложени како деца, обично не сакаат да го повторуваат тоа воспитување. Тие бараат нови начини на воспитување или спротивни на стилот на воспитување што го доживеале на своја кожа.

На децата им треба оптимално воспитување, што значи љубов и дисциплина. Оние што не биле воспитани оптимално, а добивале само дисциплина, често одат во друга спротивност на давање љубов, но не и дисциплина. Тие едноставно мислат дека ако го направат спротивното од она што го правеле нивните родители, ќе воспитаат правилно. Она што не го знаат е дека постојат и „спротивни“ грешки во воспитувањето.

Понекогаш родителите во сопственото дете се гледаат себеси како дете, а потоа несвесно му ги припишуваат сите оние потреби што не им биле задоволени во детството. Со други зборови, тие не ги гледаат само реалните потреби на детето, туку му припишуваат „вишок“ потреби со тоа што ќе се проектираат себеси во своето дете. На пример, ако како дете не смееле да јадат чоколадо, тогаш тие постојано му даваат на своето дете чоколадо.

Двојна доза на љубов

Ако не добивале љубов во детството, тогаш родителите секојдневно на своето дете му искажуваат „двојна доза“ на љубов. Ако малото дете се однесува проблематично, тогаш претпоставуваме дека тоа е последица на несоодветниот начин на воспитување на кој е изложено. Треба да се преиспита стилот на родителот, да се идентификува што прави погрешно родителот, односно што не прави, а треба да го прави.

Во „терапија на воспитниот стил“ често откриваме дека родителите што не можат да му постават граница на детето или го принудуваат на некоја корисна активност, всушност, имаат отпор да изгледаат како својата престрога мајка или татко. Луѓето што им замериле на своите родители за начинот на кој ги воспитувале несвесно одбиваат да го направат истото како и нивните родители. Одвреме-навреме од нив слушаме: се плашам кога во одредени ситуации ќе сфатам дека личам на мајка ми.

Како ги воспитуваме нашите деца не е важно само за нивниот правилен развој, туку ќе се одрази и врз тоа како тие ќе ги воспитуваат нашите внуци кога ќе пораснат. Затоа, треба да воспитуваме оптимално.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top