Во секој момент мора да глумиме „сончев ден на ливада со пеперутки“.
Колку што ме растажува недостигот на сочувство и респонсивност кон децата, авторитарноста кон бебињата и малите деца, исто толку ме погодува и пермисивноста – непоставување очекувани однесувања, особено додека децата растат. Ќе си дозволам да кажам дека во основа на двете појави се наоѓа непознавањето на развојните фази кај децата. Каков парадокс! На бебињата им забрануваме да плачат не одговарајќи на нивното плачење, но затоа кога 11-годишно дете ќе го плукне наставникот, тој мора да го мери секој збор за да не ги повреди неговите чувства.
Неодамна и јас се најдов во вторава ситуација. Меѓу другото, имам мал фонд на часови во дневен престој за време на распустот, за деца од шест до единаесет години, во една градинка. Ние, наставниците, секогаш во понудата мора да имаме разни активности за да се занимаваат, но децата што доаѓаат, особено постарите, најмногу сакаат едноставно да се дружат и јас го поддржувам тоа. Правилата во престојот ги утврдуваме заедно, еднаш годишно, според нивни предлози. Тие се сведуваат на поздравување при доаѓање и заминување, расчистување на своите работи, забрана да се навредува другиот, одмерено однесување со цел да не се попречуваат другите, чување на просторот што ни е доверен. Принципот е – пријатен распуст за сите членови на групата.
Но, децата главно не покажуваат никаков труд да се држат до тие правила, па потоа морам да инсистирам на тоа, останувајќи над детето додека не ја исполни својата обврска. Притоа добивам речиси исклучително непријатни и невоспитани реакции.
„Сакате да играте фудбал? Слободно излезете во дворот. Не сакате да излезете надвор? Тогаш, ве молам, вратете ми ја топката“.
Реакција: превртување со очите, неартикулирани звуци на разочарување и фрлање на топката покрај мојата рака.
„Ќе ја поделам својата ужина со вас. Донесете чинии за вас, но ќе треба да ги измиете потоа“.
Реакција: звуци на неодобрување, превртување со очи.
„Дечиња, вашите патики и јакни се расфрлани по целиот ходник. Вратете се сите, ве молам, проверете ги и соберете ги своите работи“.
Реакција: Сѐ од горенаведеното, со кривење со јазик при што еден буквално и ме плукна.
Свесна сум дека се работи за одмерување на силите и гледам доследно и јасно да им ставам до знаење што очекувам, иако тоа се елементарни работи кои (би) требало да ги совладаат до третиот роденден.
Немаше назад. Знаев дека ќе мора да се правдам пред надредените, а можеби и пред родителите за тоа што имав намера да го направам, но одлучив да го заштитам својот интегритет дури и по цена на отказ (можеби токму на тоа и се надевав!)
Така исплукана, го запрев тоа момче и остро му реков дека не може така да се однесува со мене, без елементарно почитување како кон наставник и кон возрасен. Тој многу се растажи, плачеше, тврдеше дека се трудел да се однесува убаво, но јас не сум го ценела тоа. Му кажав дека кривењето и плукањето не се одраз на некаков труд, а потоа го пратив во друга соба за драматично да се изнаплаче. „Смееш да плачеш, но не смееш да се однесуваш кон мене на таков начин“, му реков.
Да напоменам дека од страна на раководството ми беше посочено дека децата ни се клиенти, дека не смеат да се пожалат дека им е досадно, а камоли нешто посериозно. Затоа ние, наставниците, „стоиме на клепки“, носиме материјали од дома, ги влечкаме нашите приватни лаптопи, ги водиме децата на излети, печеме колачи, вложуваме многу повеќе време од платеното за секогаш да подготвиме нешто ново, невидено и уште повозбудливо. Самите го уредуваме и го чистиме просторот и одговараме пред сопственикот на просториите за заглавените врати, ичкртаните ѕидови и изгазениот мебел.
Потоа момчето со претенциозно име и арогантен став го излажа другиот наставник за тоа што навистина се случи, па морав да се правдам и да го раскажам своето видување на ситуацијата. „Мое видување“. Наречете ме суетна, но како наставник, не ми е коректно по дифолт да му се верува на детето, а наставникот да се смета за виновен додека не се докаже спротивното! Колегата насамо поразговара со момчето, по што тоа ми се извини.
„Паметен си, креативен и веќе растеш во вистински маж. Ајде да се однесуваме со почит, како возрасни. Кога возрасен човек е фрустриран, ги наоѓа вистинските зборови и начин на изразување, не се криви и не вреска. Го прифаќам твоето извинување. Очекувам многу од тебе“.
Бидејќи и јас давам многу.
Другиот ден, првпат во таа година, момчето беше љубезно со мене, тивко играше „Монопол“, дури и го послуша советот што му го дадов. Конечно моите напори да го одржам авторитетот вродија со плод…
…Кога на моите деца им давам обврска или им забранувам нешто, можат да бидат разочарани, но исто така очекувам и контролирана реакција. За мене е сосема прифатливо детето да се расплаче. Педагогот д-р Лора Меркам дури и советува да се користат такви ситуации за детето да се исплаче…
Во градинката забележав уште една појава: денес е табу родителите да ги „караат“ своите деца, односно сериозно да ги научат на нешто. Табу е да им се брза. Табу е да изгубат нерви.
Секој момент мора да глумиме „сончев ден на ливада со пеперутки“. Забележав како мајки со сериозно, дури и намуртено лице ги учат или ги советуваат своите деца, а кога ќе забележат дека некој ги гледа, се насмевнуваат и изнасилено се љубезни.
Тоа е лицемерие и таа вештина децата до десеттата година веќе ја имаат усвоено. Мислат дека ќе се извлечат од проблемот или ќе го измамат наставникот со претерана и вештачка љубезност.
Со нашата љубезност и насмевка дури и кога не ни е до тоа, тука пред сѐ мислам на педагозите, тие мислат дека се заштитени и привилегирани. Учат дека ние мора убаво да се однесуваме со нив, иако заслужуваат многу поинаку. Учат дека тие се клиенти, а ние поради нив може да добиеме отказ. Дали мислите дека децата се способни за таква одговорност?
Бидете автентични со вашите деца. Притоа, не губете го компасот и бидете свесни дека некогаш вие реагирате премногу бурно, но ако некоја постапка на детето ве лути, растажува или ве разочарува, не е време да се насмевнувате, дури ни пред другите. Покажете дека свесното и атачмент-родителството не значи вечна нирвана. Со децата постари од две години, кои не се во афективна состојба, повишете го тонот, намуртете се. Го имате моето одобрување. Особено со деца постари од шест години бидејќи кај здравите деца, основата за нивната слика за себе веќе е стабилна и со повременото муртење нема да ја уништите.
БИДЕТЕ АВТЕНТИЧНИ СЕКОГАШ И СЕКАДЕ, А ОСОБЕНО ВО ОДНОСОТ СО ДЕЦАТА.
Не, нас не нѐ нервира детското однесување само поради тригерите од нашето детство. Некогаш децата се однесуваат Недозволиво, и тоа, ве молам, не дозволувајте го.
Автор: Билјана Станојчиќ