„Децата станаа смислата на животот на нивните родители, животен проект, единствена тема на разговор, нереална гордост“. Писмото на една мајка од Хрватска на тема современо родителство стана вистински хит на социјалните мрежи.
Авторката на блогот за готвење „Мамо јас сум гладен“, мајката Насја Дупланчиќ, неодамна на својот профил на „Фејсбук“ објави мошне интересен статус за современото родителство. Текстот за брзо време стана популарен, а досега е споделен повеќе од 14.000 пати.
„Моето детство траеше во седумдесеттите и осумдесеттите. Мама, тато, пет години постариот брат и јас. Не се сеќавам моите родители да играле со мене. Имав играчки и поминував часови во светот на фантазијата. Мама готвеше или чистеше. Се занимаваше со куќата и со поважни работи.
Ниту сакав ниту таа бараше да си играме заедно. Затоа веројатно и денес имам бујна фантазија и уживам во ретките мигови на осаменост. Летата ги поминувавме надвор, се качувавме по дрвја, скокавме, но се знаеше времето за ручек, вечера и за спиење.
Кога ни доаѓаа гости, се знаеше дека децата, освен за време на јадење, нема што да бараат на маса со возрасните. Деца, ајде кај мене во соба!
И ни беше супер, одлично се забавувавме. Не знам, ниту некогаш сум ја чула темата на разговор меѓу возрасните. Воопшто не ме интересираше. Кога одевме на гости, па домаќините ќе нè понудеа со колачи, а јас ненаситно ќе ја испружев раката да земам трето колаче, мама ќе ме прострелаше со поглед така што во истиот момент раката сама ми се повлекуваше. До ден-денес ми е врежано во сеќавање она нејзиното: ‘не си дојдена да се најадеш, пристојно земаш едно парче, две и застануваш!’ Така јас и денес со презир гледам на луѓе што лапаат сè од шведската маса на некаков настан.
Не плачевме, не врескавме и не велевме дека ни е досадно. Ако ни паднеше на памет тоа, одговорот беше: ’занимавај се со нешто’. И ќе се занимававме. Како работеше нашата фантазија…
Бевме чисти, уредни, пристојни, можевме да се контролираме кога требаше да сме тивки, а и тоа како бевме активни кога ќе нè ‘пуштеа од синџир’.
Одевме каде што сакаа родителите, кога ним им одговараше. И ни беше забавно. Секогаш…
…Подоцна, кога детството прерасна во адолесценција, мама беше потпирач, психолог, советник, критичар, поддршка, ‘бич божји’. Сè по потреба. Нè набљудуваше, разговаравме за проблемите, нè тешеше. Беше авторитет, а не пријател.
Не беше пријател. И тоа се нагласуваше, да не се збунам, да не ја третирам како своите врсници, без почитување…
…Не сметам дека беше идеално. По излегувањата во сабота, тато ме будеше околу 9 часот, да помогнам во чистењето на станот. Ако зборував на телефон повеќе од 10 минути, ми викаше да престанам и да се најдам со пријателката очи в очи ако толку сакам да разговарам. Ограничените излегувања бескрајно ми одеа на нерви.
Никогаш не се вратив дома пијана, не ми паѓаше на памет.
А потоа некако попатно сè се смени, па таквиот вид воспитување стана премногу суров. Времето донесе нови генерации родители. Бескрајно толерантни, кои поддржуваат пријателски односи со децата и тоа им е кул…
Не сфаќајте ме погрешно, промените се потребни, би рекла и нужни, но имам чувство дека отидовме од една крајност во друга. Поради сопствениот бунт или од инает? Не знам, но исто како и нашите родители, и ние претеравме, на сосема поинаков начин. Ја допревме другата крајност.
Почнавме да водиме филозофски расправии со двегодишни деца, на нив гледаме како на статусен симбол, како на нов автомобил, па го лицкаме, го дотеруваме, го покажуваме, се фалиме… Мене така ми изгледа…
Моментално децата се во центарот на вниманието, седат на чело на масата и уште повеќе, избираат место каде ќе седат и тоа им се одобрува…
… Родителите се караат со наставниците, им се закануваат со откази, им се закануваат и на другите деца ако некое во жарот на играта го допре нивното дете. Плукаат по учителите пред децата, така и децата се осмелуваат да им одговорат на учителите во одделението. Па исчезна целиот авторитет.
Децата станаа смислата на животот на нивните родители, животен проект, единствена тема на разговор, нереална гордост.
Наместо со гордост да зборуваме за своите постигнувања, интереси, искуства, а детето за своите, ние се фалиме со туѓите (на детето) достигнувања, присвојувајќи ги како своја заслуга.
Децата ни се тука за да ги воспитаме и да ги оставиме да живеат. Да ги оспособиме за живот, воедно не занемарувајќи го својот. А не да ги служиме и да растеме наместо нив.
Со часови да ги чекаме пред ноќните клубови и да ги возиме дома (да, тоа стана нормално).
Да им го држиме леѓенот откако пијани ќе се вратат дома.
Да го толерираме недозволивото…
… Кога разговарам со новопечени родители, на сите им е заедничка реченицата: ‘Најважно ми е детето да ми биде среќно!’
На нашите родители им беше поважно да ги усреќуваме другите! Бидејќи сфаќаа дека во тоа, индиректно, е и нашата среќа.
Да се обрне внимание на луѓето, да не се биде себичен, саможив, да се развива емпатија, да се сочувствува, да се биде грижлив и внимателен… Тоа некаде попатно се загуби.
Дали воспитуваме саможивни егоманијаци?
Личности кои никогаш не се задоволни, вечно гладни за внимание. Личности кои не трпат никаков авторитет, забрани, услови, рокови, па цел живот бараат и чекаат да им падне од небо совршена шанса, а таква нема.
Во меѓувреме, родителите ги финансираат, ги перат, хранат, тешат… Бидејќи нивното злато заслужува подобро. И овој свет не е доволно добар за нив. Дали претерав? Во секој случај, мислам дека ни треба златна средина. Нешто меѓу воспитните методи на нашите родители и на овие денес. Времето ќе покаже, ако во меѓувреме децата не нè изедат за појадок“.