Воспитување

Дали вашите деца имаат право на глас кога се одлучува за летување?

Моето деветгодишно дете утрово ме праша: „Мамо, за колку дена ќе одиме на море?“

„За 10“, одговарам.

„Одиме во хотел или во апартман?“ – прашањата продолжуваат.

„Одиме во апартман“.

„Јееееее! А дали тој апартман има двор?“

„Има, мила. Тоа е, всушност, куќичка“ – одговарам јас, изненадена што таа повеќе се радува на апартманот отколку на хотел.

„Јупиии! Најмногу сакам кога одиме во такво сместување! Во хотелот треба да го чекаме тато и тебе за сè, а кога имаме куќа и двор можеме да излеземе и да влегуваме кога сакаме!“, ми објаснува таа.

И јас сфаќам дека ја израдував сосема случајно. Ми се допадна сместувањето и понудата и резервирав летување. Не ги прашав дали повеќе би сакале да одат на море или на планина. Не прашав дали сакаат камчиња или песок на плажа. Не прашав дали им е тешко да патуваат 10 часа до море.

Знам што ќе речете. Па, нема веројатно моето дете да одлучува каде ќе одам на море и дали сакам да престојувам во хотел или апартман?! И нема да одлучува. Децата лесно би можеле да изберат да одат во Австралија и да се фотографираат со кенгури, иако семејниот буџет не е ни блиску до тоа.

Но, во рамките на она што е можно, дали ги вклучувате децата во одлучувањето? Дали размислувате што го сакаат? Дали прашувате или претпоставувате дека знаете? Дали одите таму каде што ви било убаво и каде што уживате, под претпоставка дека е и најубаво за децата?

Минатата година летувавме на прекрасен остров. Беше невозможно да се посетат сите плажи во седумте дена што ги имавме на располагање. Но, веќе на првиот ден од нашето пристигнување, децата забележаа аквапарк во близина на хотелот. Па, јас дојдов на одмор токму таму каде што има милион мали плажи за да побегнам од метежот и врескањето! Нема да платам за да слушам гласна музика, викање и врескање цел ден! Да, прво мислев на СЕБЕ. А моите две деца сите тие седум дена би ги замениле за еден ден поминат во аквапаркот. Секако, отидовме. И, се разбира, толку пати се спуштија на најголемиот тобоган што мислев дека ќе им се слоши. И утредента од врескање го изгубија гласот. И сепак најмногу го прераскажуваат тој ден.

Повеќето луѓе што ги познавам кои можат да си дозволат едно или две патувања годишно летуваат според сопствените стандарди. Малкумина се оние што во рамките на своите можности ги прашуваат децата што би сакале. И тоа е важно. Некој паметен неодамна го кажал токму тоа – секогаш прашувајте ги децата што би сакале, а не што посакуваат. Затоа што кога го прашувате второто, многу повеќе имплицирате исполнување на желбата и детето почнува да го очекува тоа. Со тоа што ќе ги прашате што би сакале, им давате до знаење дека нивното мислење е важно за вас и дека ќе го земете предвид, но тоа не значи дека ќе се оствари.

Прашајте ги децата што повеќе би сакале. Освен што ќе им дадете до знаење дека нивните желби се важни, можеби ќе бидете изненадени. Исто како мене. Вашите спомени се само ваши. Нивните се, речиси сигурно, различни.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top