Воспитување

Дали треба да го учите детето да врати ако некој го удри?

Вечната дилема со која се соочуваат родителите и која веројатно никогаш нема да се реши – дали да го научам моето дете да врати кога некој прв ќе го удри?

Јасно ни е дека сите ги учиме децата никогаш да не удираат први, но некако, без разлика, секогаш има дете кое прво ќе удри (иако му било кажано дека тоа не е во ред). Од друга страна, експертите, наставниците, воспитувачите, педагозите, речиси сите се едногласни – не учете ги децата да возвраќаат кога некој ќе ги удри. Зошто? Повеќето ќе речат: Затоа што тоа го продлабочува конфликтот.

Секогаш кога ќе помислам на оваа дилема (и често размислувам за тоа бидејќи моите деца имаат 6 и 8 години), се сеќавам на една познајничка која сега има возрасни деца. Во еден разговор таа ми рече: „Не знам како да го советувам Н. Ако му кажам не враќај, го учам да се повлече и да трпи насилство. Ако го научам секогаш да враќа, што ќе се случи ако еден ден личноста на која му вратила извади нож?“

Тема за сериозно размислување и дефинитивно ситуација и дилема во која ниту еден родител не сака да се најде. Но, имајќи го предвид фактот дека врсничкото насилство е во пораст, шансите дека детето ќе биде жртва не се воопшто занемарливи.

Самото насилство доаѓа во различни форми. Тоа може да биде физичко, вербално, но постои и сајбер-насилство.

И да, сите ние ги учиме децата дека првото нешто што треба да направат е да побараат помош од возрасен. Доколку насилството се случило во училиште, тие треба да го бараат својот наставник, одделенски раководител или дежурен наставник. Но, во некои ситуации нема време за тоа. Во други, за жал, наставниците се обидуваат да го минимизираат значењето на настанот и избегнуваат да зборуваат за него. И понекогаш, и покрај напорите на наставниците и педагошката служба, насилството се повторува.

Зошто наставниците советуваат децата да не возвраќаат на ударот?

Имајќи предвид дека повеќето конфликти се случуваат во или околу училиштето, ова е важна тема.

Повеќето наставници ќе ги советуваат своите ученици да не враќаат во случај на насилство, бидејќи тоа ќе доведе до ескалација на конфликтот. Ова значи дека ако вашето дете му возврати на насилникот, а насилникот возврати, може да дојде до тепачка во која некој ќе биде сериозно повреден. И ова е дефинитивно нешто на што треба да се размислува кога се советуваат децата.

Но, она што е важно да се забележи е дека учењето на детето да врати не е секогаш целосно погрешно. И тоа треба јасно да се каже.

Во кои ситуации детето треба да научи да враќа?

Секогаш треба да се трудат да излезат од конфликтот со зборови, разговор, помудар пристап кон ситуацијата. Исто така, да побараат поддршка од возрасните и јасно да стават до знаење дека го прават тоа затоа што не сакаат да бидат насилни. Но, црвената линија се појавува во истиот момент кога е неопходно детето да дејствува во самоодбрана.

Но, каде е таа линија и што е удар во самоодбрана? Ако нивната безбедност е загрозена и ако насилникот удри неколку пати или ако се подготвува да удри и жртвата може да го предвиди тоа – ова е можеби моментот кога детето треба, за да се одбрани, да возврати или барем да го турне насилникот. Но, ако насилството нема потенцијал да прерасне во тепачка, треба прво да бараат возрасен човек кој ќе реагира.

Друга ситуација во која детето мора да застане зад себе е онаа во која насилството се повторува, а наставниците не успеваат (или не се трудат) да го решат проблемот дури и откако ќе разговараат со насилниците и родителите.

И понатаму останува дилемата од почетокот на приказната. Во општество каде што врсничкото насилство се казнува малку или воопшто не се казнува, детето мора да може да процени колку е всушност опасен насилникот и дали влегувањето во конфликт значи влегување во зона со висок ризик.

Но, додека децата се во основно училиште, токму ова е правилото што треба да го следат – самоодбраната е право што го имаме сите ние.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top