Секој родител во еден момент од животот доживува непријатна ситуација кога на детето треба да му објасни дека имал љубовни врски и пред бракот

Кога заедно со син ми Тристан се возевме кон лизгалиштето, одлучив да го прашам дали му се допаѓа некоја девојка во училиштето. Не сум сосема сигурен зошто го прашав тоа, но ми се чинеше како погодна тема за татко и единаесетгодишен син кога се насамо. Еднаш месечно одевме некаде сами – јас и тој – и за тоа време научив многу работи за мојот син. Некои беа неочекувани, некои и самиот ги претпоставував, но не сме разговарале за симпатии и вљубувања.
Се вцрви, го спушти погледот и рече: „Не, никоја!“

Погледнав низ ретровизорот и ми беше јасно дека постои некоја, а и самата реакција, црвените образи и спуштениот поглед некако ми беа очекувани. Сепак, се случи нешто што никако не го очекував. По неколку моменти тишина, ме праша: „Дали ти си бил вљубен во некоја пред мама?“
Е, сега веќе беше време јас да поцрвенам. Мислам, јасно ми е дека тој кога-тогаш ќе дознае. Знаев дека некогаш, во некои години, и самиот ќе сфати дека сум имал љубовен живот пред неговата мајка. Сепак, навистина не планирав што да кажам кога ќе искрсне тоа прашање, ниту како ќе реагирам. Ова ми е прв брак. Мел и јас сме заедно 15 години. Ние сме сè што знае Тристан. И да бидам искрен, по толку години заеднички живот, некогаш се чувствувам како да сум роден оженет. Се разбира, не мислам на тоа како на нешто лошо, ниту сакам да кажам дека бракот е досаден. Мел е целиот мој живот и навистина не размислувам за мојот живот пред неа. Тоа беше толку одамна, тогаш бев сосема поинаква личност.
Тристан седеше и ме набљудуваше, чекаше одговор. Тргнав со неколку лажни почетоци: „Еднаш…“, „Имаше една…“, „Се обидувам да се сетам на времето…“ Тој едноставно чекаше. Се збунив, не бев сигурен зошто тоа би било толку голема работа и се обидував да сфатам што би требало да кажам.

Најпосле изговорив: „Што те интересира?“
Ги поткрена рамената. „Не знам. Која беше твојата прва девојка?“

Му раскажував за Џил, која ми беше девојка додека ручавме во основно училиште. „Не знам дали тоа се смета, но тоа беше првата личност што ја нарекував моја девојка“. Се смееше на идејата дека сум излегувал со некоја само во текот на ручекот, а потоа ме прашуваше уште, уште и уште, и најпосле јас кажав сè.

Сè на сè, му раскажав за четирите жени со кои излегував пред неговата мајка. Ништо од тоа не беше скандалозно. Немав некаков таен брак или некое друго скриено дете. Сè што имав беа четирите извештаи за тоа со кого излегував речиси пет години. Се разбира, не му раскажував за губењето невиност, но затоа му раскажав за првиот бакнеж.
Потоа, ме праша дали сум сакал некоја од нив. Не очекував вакво прашање. Ме погледна нежно, малку искривувајќи ја устата и рече: „Дали си сакал некоја пред мама?“ Искрено, имаше некаква вистина во неговиот скептицизам. На неговото лице имаше нешто што ги рефлектираше моите мисли и тоа ужасно ми пречеше во текот на целиот разговор.

„Слушни, другар, да, на некои сум им кажал дека ги сакам. Со една дури и се свршив. Но, искрено да ти кажам, не сум размислувал за тоа одамна, но сега кога го спомена, не сум сигурен дека тогаш воопшто знаев што е љубов“.

Продолжив натаму, раскажувајќи му дека сум мислел дека разбирав што е љубовта, дека сум знаел што чувствувам, но ништо од тоа не било ни блиску од она што го чувствувам кон неговата мајка.

„Како тоа мислиш ‘се чувствував поинаку’?

Повторно застанав, обидувајќи се да одгатнам што сакам да кажам бидејќи не очекував да имам ваков разговор на патот до лизгалиштето, но и тоа е дел од родителството.

„Тоа поинаку… тоа беше времето. Во сите тие врски бевме заедно некоја година, или помалку, па иако тоа звучи многу, по 15 години со твојата мајка, не сфаќав колку е потребно навистина да разбереш некого. Многу работи сум доживеал со твојата мајка. Имаме деца, се селевме, одевме на училиште… Се каравме околу глупави работи и набрзо се помирувавме. Она што се обидувам да ти го кажам е дека за љубов, за вистинска љубов, навистина треба многу време…, многу труд и вложувањa. Меѓутоа, ако двајцата навистина се посветат, тогаш е неверојатно кога некој толку длабоко и добро го познаваш. Така сум се чувствувал единствено со твојата мајка, и со никој друг. Дали сега ти е малку појасно?“

Тристан погледна низ прозорецот. Се приближувавме кон лизгалиштето. Ги подигна рамената. „Па и не баш“, ми рече.
Се насмеав: „Да“, реков, „и јас на 11 години би го кажал истото“.
Се паркиравме, се свртив кон него и го прашав: „Значи, дали сега ќе ми кажеш која ти се допаѓа?“
Се насмеа и почна да врти со главата.
„Сепак, постои некоја, зарем не?“
Подигнувајќи ги рамената, некако срамежливо рече: „Мислам дека ни треба уште време“.
Слатко се насмеав на ова и реков: „Да, тоа е многу добар одговор“.

 



912

X