Дали сте од оние родители што викаат? Ако сте како мене, искрениот одговор е… понекогаш Давам сè од себе да не викам, но признавам дека некогаш викам за да им го привлечам вниманието на моите деца. Тоа најчесто се случува кога веќе петти или шести пат им кажувам да ги обујат чевлите за на училиште или да ги измијат забите – или дека вечерата е готова.

Секогаш зажалувам што викам, а на крајот од денот си давам задача да бидам подобар родител другиот ден. Но, сега е уште потешко да се опуштам и да не викам поради пандемијава. Како и сите други, нервите ми се при крај, по 6 месеци работење од дома и учење од дома. Не сум сама – социјалните медиуми се преполни со објави на родители кои признаваат дека го губат трпението со своите деца. Исто така, луѓето сведочат за родители кои викаат и се чувствуваат лошо поради децата. „Се прашувам дали е знак на стрес поради пандемијата“, напишал еден татко. „Забележувам дека родителите им викаат на своите деца многу почесто од порано“.

Дадилката и медицинска сестра Луена Худ, која води сопствена фирма, вели дека сето она што се доживеа за време на карантините дефинитивно придонесува за зголемување на тензијата. „Кога не можете да видите крај на нешто, анксиозноста расте и на крајот сте помалку толерантни и повеќе викате“, вели таа. Додека е природно да се чувствуваме виновни поради викањето, таа вели дека е важно да се препознае кога се чувствуваме на тој начин и да работиме на изнаоѓање начини за да останеме смирени и да ја гледаме поголемата слика.

Што можат да направат родителите за да останат смирени? Худ ги препорачува овие совети:

Дишете длабоко: „Понекогаш само треба да дишете длабоко пред да реагирате и така да избегнете викање. Кога работите се стресни, прашајте се себеси дали сето тоа ќе биде вредно за една година? Ако одговорот е не, тогаш нема смисла да се грижите и да се нервирате“.

Ресетирајте го денот: „Ако едноставно ви е преку глава, а вашите деца трчаат наоколу и се расправаат, објаснете им на сите на љубезен начин дека целото семејство зема пауза. Секој може да оди во сопствениот простор и да прави нешто тивко во период од 20 минути. Дали тоа ќе биде играње во спалната соба или седење на кауч и читање книга, тоа е нивен избор. Тој момент на смиреност ќе ви помогне да се справите со стресот“, вели Худ.

Прошетка: „Да се биде надвор на свеж воздух е одлична идеја за разбистрување на мислите. Децата имаат слобода да трчаат и да викаат, а со тоа ќе се ослободат од енергијата“, додава Худ.

Дајте си време за да одите на одредени места: „Нема ништо постресно од тоа да доцните и да се обидувате да ги организирате децата“.

Информирајте ги децата: „Кажувајте им на децата за дневните планови за да не бидат изненадени или неподготвени кога нешто ќе се случи. Известете ги каде ќе одите и што треба да правите – тоа е подобро отколку да им велите да побрзаат и да викате“.

Сепак, и покрај ова, сите знаеме дека е речиси невозможно да се остане смирен цело време. Дајте си пауза – впрочем, вие сте родители за време на пандемија.

Автор: Викторија Ричардс

Извор



912

X