Во 2002 година Прили, општина во Швајцарија, одлучи дека треба да ги намали трошоците. Во намалувањето на трошоците спаѓале и 15.000 франци што се трошеле за чистење на училиштата.

Помалку комерцијално чистење значело дека учениците и наставниците морале да се вклучат и да помогнат во чистењето на училиштето, иако комерцијалните чистачи продолжиле да ги чистат тоалетите, бањите и подовите.

Овој потег не предизвикал контроверзија во тоа време. Но некои наставници и родители се противат на тоа децата и наставниците да чистат. Некои родители сметаат дека не е во ред учениците да трошат време на чистење прозорци.

Истовремено, некои родители и понатаму ја поддржуваат идејата. Градоначалникот на Прили, Ален Гилирон, вели дека чистењето на училиштата спаѓа во трошоците што се предвидени за намалување. Покрај тоа, Гилирон смета дека чистењето има образовна вредност за учениците.

Вклучувањето на децата во задачите за одржување на училиштето не е новост во голем број земји. Во Јапонија тоа е вообичаено, па постои верување дека училиштето не е само за академско учење, туку ги учи децата како да станат членови на општеството и да преземат одговорност за себе.

И некои училишта во САД експериментирале со идејата. На Академијата „Брентвуд“ во Тенеси, училишното чистење е дел од рутината на учениците. Учениците во ова приватно училиште првите 10 минути ги поминуваат во чистење. Раководството на училиштето смета дека чистењето е дел од мисијата за едукација на една личност.

– Се обидуваме да ги обучиме за цел живот. Сите ќе одат на факултет. Никој нема да им го чисти станот или студентската соба – вели директорката на училиштето, Сузан Шафер.

Покрај тоа, некои училишта што имаат програми за чистење во кои се вклучени учениците известуваат за повисоко ниво на почит кон училишниот имот. Тешко дека ќе ви биде сеедно ако соученикот прави ѓубре што подоцна вие ќе треба да го исчистите.



912

X