Одете на Инстаграм! Децата ви се таму, а профилот на Фејсбук им е само за вас. За тоа време синовите ќе се сликаат со нечии пиштоли, покрај шише скапо виски, потпрени на туѓи скапи автомобили и ќе бидат главни, моќни, и сите ќе видат дека се опасни момци – а вие нема да имате поим за тоа. Но, дилерите ќе имаат, пишува на својот блог Љубинка Боба Недиќ, професорка во Србија

Познато е дека живееме во време на ерозија на сите вредности.
Дека тоа ќе доведе до далекосежни последици, можеше да се претпостави.
Дека тоа ќе се случи толку брзо – се обидувавме да не го сфатиме тоа.

И успеавме.
Неволјата не чука на нечија туѓа врата – може да чукне и на нашата.
Можноста е сосема реална.

Мојот град се разбуди кога почина едно петнаесетгодишно девојче по земање екстази на приватна забава. Бараме посериозен пристап од обвинителството и полицијата, зголемена едукација на децата и родителите. Беа одржани два протестни марша, реагираа општинските власти, сè ќе направат, еве формираа и работно тело, бла-бла-бла. Го поздравувам тоа што не ја игнорираа акцијата на граѓаните, но старото правило вели дека кога немаш намера сериозно да се зафатиш со нешто, основај работно тело и кажи дека работиш на решавање на проблемот. Забележливо е зголеменото присуство на полицијата, имаше и некои рации по локалите, бидејќи како што сите знаеме, доаѓа дилерот со куп наркотици во кафулето, па оди од маса на маса. Како да не!
За тоа време децата и натаму поминуваат покрај трафиката со весници, а таму од насловните страници на срамните изговори на дневните весници уредно поредени извештаите за здравствената состојба на пејачот по сообраќајната несреќа што сам ја предизвикал, полн со дрога и алкохол, со одземена возачка дозвола и огромно пречекорување на брзината. Идол на младите. Велат – баш убаво пее и навистина е „кул“…

Фото: www.klotfrket.com

По училиштата се организираат предавања за штетноста на дрогите и болестите на зависност, не дека ги нема. Моментално имам 180 ученици, и тешко дека некој од нив ако го прашате дали дрогата е штетна, би рекол дека не е. На тие предавања доаѓаат целосно незаинтересирани бидејќи некој по десетти пат им објаснува што се витка и пуши, што се шмрка, што се вшприцува во вена, како се чувствуваш после тоа и колку брзо од што можеш да настрадаш. Нема иновативни пристапи. Само на хартија ќе остане евиденцијата дека предавањата се одржале. Резултати нема…

Тие нема да ги заштитат нашите деца.
А тогаш кој ќе го направи тоа?
Кого имаат децата откако е светот и векот?
Семејството.
Родителите…
Е дури тука почнуваат проблемите.
Родителите аналогни, децата дигитални.

Детето се воспитува уште од најрана возраст, од редовните оброци и реакции на плачењето без причина, од „ова моето не сака ништо да јаде освен пржени компирчиња“, од прпелкањето по подот, кршењето играчки во гнев, разгаленото хистерично однесување во продавниците, удирањето и гризнувањето на родителите, бабата, дедото, фрлањето на капата на минус десет степени – и сето тоа до третиот-четвртиот роденден, бидејќи потоа веќе ќе биде доцна. Се воспитува кога на четири години нема да му дозволите да ги остави играчките расфрлани по подот, кога на пет ќе му дадете крпа божем да брише прав, кога ќе му дадете да меси тесто, да ги става штипките на сушарницата кога ќе биде доволно високо…

Дефинитивно не се воспитува кога ќе му тупнете телефон на една година (па дури и порано!) да го гледа Прасето Пепа и да биде мирно. Со тоа си купувате мир, а го запоставувате детето.

Денешниот родител повеќе се плаши кога на детето му е досадно отколку кога има температура од 40 степени

Ќе побрза да му ги симне ѕвездите од небото само за да не се досадува, а не знае дека нема креативност без „досадно ми е“, нема снаодливост, нема идеи, решавање проблеми, самостојност… И тука влетува универзалниот терминатор на детската досада – мобилниот телефон или таблетот. Детето мирно како бубачка, фрејмовите летаат, пикселите исто така, окото гледа повеќе отколку што мозокот може да обработи. Од сето тоа родителот гледа само дека на детето повеќе не му е досадно, па не му досадува ни нему. Блажена идила…
…Никој на родителот не му кажал дека повеќе вреди еден час да помине со детето во некоја шумичка, да му дозволи да се качува по дрвјата, да виси на гранка, да скока и да се превртува или еден час да помине разговарајќи со него, одговарајќи на неговите прашања, трпеливо објаснувајќи му што е добро, а што не, зошто ова смее, а тоа не смее. Знам, родителот е уморен. Но, и натаму е родител. Од тоа дете никој друг не може да направи човек… Ако сте го створиле тоа дете, треба да му бидете родител и кога сте уморни, нервозни, нерасположени. Не можете да го исклучите детето на копче. Или можете? На копчето од мобилниот или таблетот.

…Свестете се, луѓе, пред да биде предоцна.

Учете ги децата на домашни обврски од мали нозе, поставувајте правила, бидете доследни и истрајни во тоа, правилото нека не зависи од вашето расположение, навикнете го детето да чека на исполнување на некоја нормална желба, научете го дека го сакате и кога му велите „не“, осамостојувајте го, не штитете го од неуспесите, не плашете се од неговата досада, не бегајте од неговите прашања, не сечете вени над неговите солзи, казнувајте го непримерното однесување, покажувајте со пример, а не само со зборови, не праќајте го на училиште со ненормален џепарлак, не купувајте му паметни телефони барем до дванаесеттата година, ограничете му го времето што го поминува пред компјутер дома, следете што работи на истиот, ограничете го пристапот до страниците и апликациите кои не сакате да ги користи, пуштете го да има страв од нешто, понекогаш да биде тажно, да биде незадоволно со некои ваши одлуки.
И сето ова ако детето ви е мало.

Ако веќе е тинејџер, запознајте го со сите случаи на страдања од дроги, пребрзо возење, без оглед колку се стравотни.
А ако веќе немате авторитет кај вашиот тинејџер, бог нека ви е на помош. Се плашам дека е предоцна и се надевам дека среќа ќе го следи во животот.



912

X