Неодамна терапевт ми кажа дека одгледувањето хиперактивно дете е еднакво на одгледување три деца.

Му верувам.

Во парк, моето дете е тоа што вреска најгласно – детето кое можеш да го слушнеш од другата страна на паркингот. На родендени, тој е секогаш напред и во центар на секоја фотографија, секогаш во центар на случувањата, затоа што тој самиот е случување.

Ефективното родителство на дете со голема енергија е огромен подвиг, кој бара неограничена емоционална и физичка енергија, како и воздржаност. Не можат да се добројат моментите кога сум сакала да му се развикам на моето дете „САМО СМИРИ СЕ“, но тоа не само што ќе го вознемири дополнително, туку и ќе го научи дека е сосема прифатливо да се зборува на висок тон и да се експлодира среде маркет, затоа што некој упорно му го попречува патот помеѓу рафтовите.

Понекогаш ќе ја ставам раката на неговото рамо, додека ги мие забите, за да го прекинам во паралелното потскокнување. „Ќе ја голтнеш четката не сакајќи ако не внимаваш“, го предупредувам. Одговорот е песна од Мајкл Џексон „Човекот во огледалото“. Во моментот кога ќе ја тргнам раката, потскокнувањето продолжува.
Да се биде родител на хиперактивно дете е да се има чувство како да не се доволни 8 часа сон и како утрата да доаѓаат прерано, и тоа секој ден.

Чувството е како при раѓањето на моето дете да се притиснало копче за забрзување, така што секоја активност секогаш е колку што е можно погласна и побрза. Имате чувство како детето никогаш да немало попладневна дремка, затоа што и моментите на дремка биле многу кратки и хаосот што следувал веднаш по будењето бил толку интензивен, што го негирал и малиот мир во кој сте го уживале додека спиело.

Имате чувство како да слушате многу врева. Главно тропање и трескање.

Експертите советуваат однапред да се планира густа агенда на активности и предизвици, но тоа е сепак тешка задача. Како во мојот случај, иако важам за планер по природа, се чини дека ми недостига време, ментален простор и енергија, затоа што тоа е веќе сè апсорбирано, однапред, од страна на моето дете. Константно заостанувам.

Да се биде родител на хиперактивно дете е толкав предизвик, што те остава сосема енергетски осиромашен, доколку не си внимателен. Некои техники што ми помагаат се повлекување настрана и земање длабок здив или нервозно јадење бонбони. Веројатно консумирам повеќе вино и дефинитивно премногу кафе. Правам често паузи, но тоа е неопходно.
Имате чувство дека секогаш сте во трчање бидејќи што и да правите, никогаш не можете да бидете во чекор со детето.

Да се биде родител на хиперактивно дете исто така прави да се чувствувате и многу способни. Се изненадувате на дневна основа од силата и енергијата што ги наоѓате во себе, дури и кога мислите дека ги немате. Тоа ги прави мајките неверојатни. Продолжувате со мајчинството и во неподносливите моменти. На пример, кога детето трча цели кругови околу вас или кога не сакате ништо повеќе од еден оброк кој го подготви некој друг и потоа да отспиете некој час, и сето тоа баш по тој редослед.

Иако е тотално лудило во вашата куќа, се развивате до тој степен да го засакате сето тоа и да го прифатите. Децата на другите луѓе ви изгледаат речиси премногу послушни, откако со години сте притиснати на граници на издржливост.

Хиперактивните деца имаат такви нагони, искри за живот, што им даваат сила да продолжат на сите околу нив. Можат да бидат исцрпувачки, но сепак инспиративни. Моето дете секое утро скока од својот кревет, како да ќе го очекува највозбудлив ден во неговиот живот, и тоа секој ден, и секојпат кога ќе ме види, се однесува како да не ме прегрнал со години… Тој сака, се смее, игра и учи со сè што има и со сите сетила, што е навистина многу.

Најмногу од сè, моето дете ме потсетува што е животот, и што всушност значи – да се живее.

Автор: Хармони Хобс

Извор



912

X